КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ СМЕАТ ДА ШТРАЈКУВААТ, АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ЈА ПОНИШТИ ЗАБРАНАТА ШТО ГРАЃАНСКИОТ СУД ИМ ЈА ПРЕСУДИ ПОМЕЃУ ДВАТА ИЗБОРНИ КРУГА

    КОНТРОЛОРИТЕ НА ЛЕТАЊЕ СМЕАТ ДА ШТРАЈКУВААТ, АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ЈА ПОНИШТИ ЗАБРАНАТА ШТО ГРАЃАНСКИОТ СУД ИМ ЈА ПРЕСУДИ ПОМЕЃУ ДВАТА ИЗБОРНИ КРУГАОд Синдикатот на контролорите велат дека власта си нашла судијка што им го спречила штрајкот оти бил закажан среде изборна кампања. Протестен собир на контролорите на летање (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Скопје ја поништи забраната за штрајк на контролорите на летање во претпријатието во државна сопственост М-НАВ, што ја одреди судијката Сашка Трајковска од Граѓанскиот суд Скопје зад затворени врати, без да одржи расправа и без да ги слушне нивните аргументи.

    Сега Синдикатот на контролорите на летање може да го реализира штрајкот, веднаш.

    Тоа ќе беше штрајк закажан за 20 октомври, меѓу двата изборни круга, што власта тогаш не сакаше никако да ѝ се случи. Од Синдикатот велат дека најверојатно власта си најде судијка да им помогне штрајкот да биде задушен среде изборна кампања за Локалните избори.

    Најспорно за Апелација е дека судијката од Граѓанскиот суд донела времена мерка „забрана за штрајк“, без некој во тужбата да го побара тоа од неа.

    Совет од тројца апелациони судии утврдил дека судијката го повредила членот 2 од Законот за парнична постапка и предметот го врати на повторно судење во Граѓанскиот суд.

    Апелациониот суд во образложението наведува дека не можел да види како судијката од Граѓанскиот суд Скопје утврдила дека се бара да одреди времена мерка „забрана за штрајк“, кога со тужбата не се барало времена мерка.

    „Првостепениот суд во своето нејасно решение, не дал образложени причини поради кои прифатил дека поднесената тужба претставува предлог за привремена мерка. Граѓанскиот суд направил сопствена правна оцена за нешто што не е предмет на тужбеното барање“, стои во образложението на одлуката на Апелациониот суд.

    Штрајкот на Синдикатот на контролорите на летање беше закажан за 20 октомври 2025 година, ден по првиот круг на локалните избори, за да не биде баш за изборите. Неисполнетите барања се стари и беа причина за најави за штрајкови и за преговори уште од времето на минатата власт, главно поради партиски вработувања во М-НАВ и трошење пари за несуштински работи, наместо за подобрување на условите за работа на контролорите.

    Тужбата на директорите на М-НАВ беше со предлог за забрана за штрајк, а не тужба со барање за времена мерка – забрана за штрајк. Тужителите, менаџментот на М-НАВ, во тужбата го спори легитимитетот на Синдикатот на контролорите на летање, наведува дека била прескокната законската обврска за помирување пред да се стапи во штрајк, тврди дека во барањата Синдикатот на контролори немало барања од работните односи, како и дека со штрајкот би се загрозила безбедноста на луѓето во авиосообраќајот.

    Расправата требаше да се одржи на 17 октомври (петок) и немаше кога да се достави одлуката тамам и судијката во еден ден да одржеше расправа и да донесеше пресуда против Синдикатот, во корист на раководството на М-НАВ предводено од Владимир Ристески. Затоа таа сама на 16 октомври завршила работа, па го откажа судењето закажано на 17 октомври.

    По два дена беше закажан првиот круг од локалните избори, па ќе требаше утредента на 20 октомври (понеделник), Синдикатот на контролори на летање да стапи во штрајк како што беше најавено.

    Кон средината на овој месец е закажана повторната расправа во Граѓанскиот суд Скопје, кога Синдикатот на контролори на летање се надева дека конечно ќе биде повикан за да изнесе аргументи против сите тврдења во тужбата на Управниот одбор на М-НАВ составен од тројцата директори.

    При повторното судење, Апелациониот суд бара од судијката да ги почитува упатствата од повисокиот суд.

    На 17 октомври, дента кога требаше да се одржи расправа, контролорите на летање преку нивниот синдикат покажаа над 40 документи кои ако имаше судење, а не одлука за забрана на штрајк зад затворени врати, требаше да ги презентираат пред  Граѓанскиот суд.

    Претседателот на Самостојниот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски тогаш кажа дека воопшто и не знаел оти раководството на Македонска навигација (М-НАВ) под водство на Ристески, поднело тужба против одлуката за штрајк најавен за 20 октомври. Од Судот не добил покана за некакво рочиште.

    Со документите кои му биле спремни за на Суд, Синдикатот детално ги побиваше тврдењата на директорите на М-НАВ и на судијката дека била прескокната законската процедура за помирување. Тасевски го документирал целиот серијал преписки уште во 2023, кога буквално го молеле и го чекале старото раководство преку роковите да седне со т. н. помирувач. Иако и Министерството за труд помирувачот го пратило со скоро двомесечно задоцнување.

    Потоа ја презентираше неисполнетата Спогодба од 2023 , која до денес е причина за штрајкот на контролорите на летање, во која се содржани како нерешените права од работниот однос и прашањата со третата смена, така и барањето за независна анализа за потребни вработувања, за да се запре со партиските, барањата за нов радар, нов софтвер, нова опрема, зашто контролорите работат на опрема монтирана од 1998 година.

    „За жал, откако е дојдена новата менаџерска структура буквално целата таа спогодба е застаната, дури и директорите се обидоа да се прогласат за ненадлежни. Нивното образложение е дека спогодбата е потпишана со друго раководство, но тоа секако не е причина ова раководство да не ги испочитува барањата на Синдикатот“, рече тогаш Тасевски.

    На новинарско прашање, тој одговори дека и понатаму снемува вода во М-НАВ, па контролорките и контролорите на летање по нужда одат или во кафуле во Петровец, или во ТАВ. Целото кршење на законот за работни односи и на нивните работнички права, сега ќе бидат изнесени пред Граѓанскиот суд, вели Тасевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира