Листа со 14 телефонски броеви за контакт по пристигнување во територијата на Македонија и за пријавување при сомнителни симптоми налик на коронавирусот објави денеска Минитерството за здравство. Листата е поделена по региони, а се покрива територијата на целата држава.
Тестирањата на двата сомнителни случаи, денеска и синоќа, покажаа дека се негативни на коронавирусот, туку дека станува збор за болни од обичен грип.
„Апелирам до пациентите кои доаѓаат од критичните места точно да одговараат на прашањата на граничните полицајци и на вработените во царина. Да не кријат информации. Да се придржуваат до упатставата кои ги добиваат во информативните материјали на аеродромите и на граничните премини, и доколку се сомневаат на симптоми, да не одат по клиниките, туку да се јават на еден од десетината телефони во Центарот за јавно здравје и во Институтот за јавно здравје“, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Владата им наложи на сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со коронавирусот на Министерството за здравство, и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи. Владата им препорачува на граѓаните да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.
Со одлука на Владата, ограничено е влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир. На аеродромите во Скопје и Охрид, мерките се проширени и не се скенираат само патниците од Истанбул и Дубаи, туку сите патници се скенираат на местото каде што се влегува во делот за царина.
Денеска оддел каде ќе се примаат болни од коронавирусот доби и Општата болница во Гостивар.
- ДА СЕ ОДЛОЖАТ ЕКСКУРЗИИТЕ ВО ИТАЛИЈА И ДА НЕ СЕ ПАТУВА ВО ЗЕМЈИТЕ СО ПОВЕЌЕ СЛУЧАИ НА КОРОНАВИРУС, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА
- БИДЕТЕ ОДГОВОРНИ И НЕ КРЕВАЈТЕ ПАНИКА ЗА КОРОНАВИРУСОТ, АПЕЛИРА МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ФИЛИПЧЕ
Б. НЕСТОРОСКА