МИЦКОСКИ СЕ УСОГЛАСИ СО ДЕКЛАРАЦИЈАТА ОД БРИСЕЛ СО КОЈА ЕУ БАРА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР И ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА

МИЦКОСКИ СЕ УСОГЛАСИ СО ДЕКЛАРАЦИЈАТА ОД БРИСЕЛ СО КОЈА ЕУ БАРА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР И ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈАСо Декларацијата се усогласија сите партнери од Западен Балкан, освен Србија, која не ни испрати претставник на самитот. - Мицкоски со лидерите на ЕУ, Антонио Коста и Урсула фон дер Лајен (Фото: Фејсбук)

Европската Унија повторно ја нагласи важноста на спроведувањето на Преспанскиот договор со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија со добра волја и со опипливи резултати, во Декларацијата од вчерашниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, на кој Македонија ја претставуваше премиерот Христијан Мицкоски. Со Декларацијата се усогласија сите партнери од Западен Балкан, освен Србија, која не ни испрати претставник на самитот, што претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, го оправда со преодната фаза низ која поминува земјата по победата на студентското движење на парламентарните избори пред неколку недели.

„Инклузивната регионална соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни за градење заедничка иднина, како и спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, се вели во петтата точка од Декларацијата.

ЕУ бара натамошни напори за изнаоѓање и спроведување дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови, во согласност со меѓународното право.

Во рамките на самитот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дополнителна финансиска помош од ЕУ за Албанија, Црна Гора и Македонија во вкупен износ од 338 милиони евра, која ќе биде доставена во следните недели.

„Ние како држава продолжуваме и понатаму да испорачуваме проекти кои се дел од реформската агенда и очекуваме повторно да бидеме најдобри. Дел од разговорите беа и за дополнување на пакетот што е дел од реформската агенда, па очекуваме да добиеме зголемување од 10% на веќе добиените 750 милиони евра“, кажа Мицкоски.

Во Декларацијата со која се усогласија петмина лидери од земјите од Западен Балкан се вели дека европските лидери ја потврдија целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ, повикувајќи ги земјите од регионот да ги забрзаат реформите и да ги исполнат преземените обврски.

„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето претставува реална можност што треба да се искористи“, се вели во Декларацијата.

ЕУ најавува дека се разгледуваат дополнителни предлози за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан уште во текот на процесот на пристапување, под услов тие да се усогласат со релевантното европско законодавство и врз основа на сопствените заслуги.

Меѓу конкретните придобивки од постепената интеграција во единствениот европски пазар се и тековните активности за укинување на дополнителните трошоци за роаминг помеѓу ЕУ и Западен Балкан. Со проширувањето на европската зона „Роаминг како дома“, граѓаните ќе можат да разговараат на телефон, да испраќаат пораки и да користат мобилен интернет на територијата на ЕУ и во регионот без дополнителни трошоци. Во Декларацијата не е наведен датум кога тоа ќе се реализира.

Предвидени се и побрзи и поевтини плаќања, модернизација на граничните премини, проширување на зелените ленти за транспорт на стоки и поголема дигитална интеграција.

ЕУ ги повикува земјите од регионот да го забрзаат спроведувањето на реформите за максимално да ги искористат средствата од Планот за раст за Западен Балкан, со кој се предвидени до шест милијарди евра за реформи и инвестиции. Во Декларацијата посебно се нагласува стратешката важност на Коридорот 8, кој ги поврзува Јадранското и Црното Море, а партнерите се повикуваат да го забрзаат неговото завршување со навремено користење на европската финансиска поддршка.

ЕУ повторно бара и целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, вклучително и спроведување на рестриктивните мерки и спречување на нивното заобиколување.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира