Нашата државност почива на делата на антифашизмот и нашата слобода е резултат на антифашизмот, вели премиерот Зоран Заев во дообјаснувањето на ставовите изнесени во вчерашното интервју за бугарската агенција „БГНЕС“.
„Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот. Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија. АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет“, вели Заев во владиното соопштение.
Но, вели Заев, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо, дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст.
За делот од интервјуто дека Југославија ги држела разделени македонскиот и бугарскиот народ, Заев денеска вели:
„Иако постои затоплување на односите меѓу Југославија и Бугарија по учеството на бугарските армии во борбата против фашистите, по 1948 година факт е дека постоеше ‘железна завеса’ помеѓу Југославија и Бугарија и сериозни историско-политички конфликти околу ‘македонското прашање’. Денес треба да работиме на отстранување на последиците од ‘железната завеса’ кои сѐ уште се осеќаат меѓу Северна Македонија и Бугарија“.
Премиерот изрази жалење што неговото интервју за бугарскиот медиум предизвикало толку силни негативни емоции, за кои вели дека е целосно свесен и ги разбира до детал.
„Но, во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си проста заради иднината“, објаснува Заев, додавајќи дека тоа е негова најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапуваа сè додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите.