Поткорниците се многу мали инсекти, долги неколку милиметри, кои одвај се забележуваат, но прават големи штети на дрвјата во шумите. Иако се минијатурни можат да исушат дрвја високи по 10 и повеќе метри. Мета им се боровите, но ги напаѓаат и елата, брестот, дабот, костенот и голем број на други автохтони дрвја, а имуни не се ни овошките. За дрвото да биде нападнато треба да биде ослабено. Поткорниците навлегуваат под кората и ги пресекуваат спроводните садови на дрвјата.
Експерти од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, помогнати од вработени во Националниот парк поставија феромонски мамки за да ја испитаат популацијата на поткорници на Пелистер. Феромон е супстанција која ја испуштаат инсектите мажјаци за да привлечат женки.
„Мамката се состои од една структура која овозможува препаратот феромон да ги привлече инсектите да дојдат и влезат во садот со водта и специјализирана сол за конзервација каде се складираат дојдените подкорници. На две недели ќе доаѓаме и ќе треба да ги преброиме. Бидејќи се работи за десетици илјади примероци не ги боиме поединечно туку ги мериме на вага според специфичната тежина“, вели м-р Благој Шурбевски, шумарски инженер и асистент на Факултетот за шумарски науки.
На источните падини на Баба Планина, на Пелистер, поставени се 12 мамки од кои резултатите ќе се користат исклучиво за научни цели. Поставените не се доволно да прекријат големите пространства на шума. Но, ќе бидат почетен показател колкава е популацијата на три видови поткорници кои се испитуваат.

На Пелистер, за жал, во последните години имаме забележано и повремено сушење на стебла од молики. Не сме сигурни од што е предизвикано. Затоа ова е еден од начините со кој ќе можеме да утврдиме дали поткорниците влијаат и колку влијаат врз сушењето на моликите“, вели вели м-р Благој Шурбевски, шумарски инженер и асистент на Факултетот за шумарски науки (десно). (Фото: СДК.МК)
„Се надеваме дека овие резултати ќе ни помогнат да утврдиме кои видови подкорници навлегуваат под кората на дрвјата, со тоа ги пресекуваат спроводните садови и предизвикуваат сушење. Поткорници постојат многу видови, напаѓаат голем број видови дрвја, а еден од нив е и моликата. На Пелистер, за жал, во последните години имаме забележано и повремено сушење на стебла од молики. Не сме сигурни од што е предизвикано. Затоа ова е еден од начините со кој ќе можеме да утврдиме дали поткорниците влијаат и колку влијаат врз сушењето на моликите“, вели Шурбевски.
Ако ваквите анализи се повторат и следните години ќе покажат дали популација се зголемува или намалува и кои мерки би можеле да се преземат.
„Поткорниците ги имало отсекогаш и ги има во секоја шума, тие се неизбежен дел од екосистемот и кога се во мала популација тие се корисни за шумата. Но, со човековото влијание, климатските промени, стопанисувањето со шумите, на одредени места се појавуваат во поголем број и можат да предизвикаат значително сушење на стеблата, а моликата не е исклучок“, вели Шурбевски.
Ова се секундарни штетници, па со климатските промени стануваат поопасни.
„Со климатските промени, долготтрајни суши, големи невремиња кои откорнуваат стебла, прават повеќе простор за поткорниците. Им овозможуваат повеќе храна, повеќе засолниште, па тие доаѓаат, а потоа ги напаѓаат и здравите стебла кога веќе ослабените се мртви. Тие се шират на здравите стебла. Да, климатските промени помагаат во негaтивното дејство на поткорниците“, вели Шурбевски.

На источните падини на Баба Планина, на Пелистер, поставени се 12 мамки од кои резултатите ќе се користат исклучиво за научни цели. (Фото: СДК.МК)
За многу да не се намножат, важно да се има хигиена во шумата, односно да не се оставаат многу мртви стебла, сечени стебла со кора, мора да се внимава на општото здравје на дрвјата. Поткорниците можат да се отстранат и преку масовно заловување со феромони. Но, за тоа ќе треба многу мамки зашто една има радиус од 30 метри Ако има добра мрежа на покриеност, ќе делува. Сепак, ова е скапа метода и бара големо човечко вложување.
„Вакви се користат многу во Европа. Кај нас, за жал, ваквата пракса ја нема многу често иако сметаме дека треба да ја има многу повеќе бидејќи ваквиот принцип не само што ни овозможува контрола на популациите инсекти, туку може да се користи и како заштита на шумите од штетните инсекти“, вели Шурбевски.
Феромоните ги привлекуваат само видовите поткорниците кои се испитуваат, инаку се безопасни за останатите инсекти и за другиот дел од шумскиот екосистем.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
*Оваа содржина е поддржана со грант од Алијансата за новинарство и наука (Journalism Science Alliance)




