САД го поддржуваат Преспанскиот договор со Грција и беа разочарани што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го користеше уставното име Северна Македонија при инаугурацијата на функцијата, рече во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК Елизабет Ален, потсекретарка за јавна дипломатија и односи со јавноста на Стејт департментот. Ален денеска со посетата на Македонија ја заврши турнејата низ земјите на Западен Балкан, при што ги посети Босна и Херцеговина, Србија и Косово.
На прашањето што би се случило ако новата македонска влада реши да не го почитува Преспанскиот договор со Грција, дали и што САД ќе променат во поддршката за Македонија, Ален изјави:
„Се разбира, ние го поддржуваме Преспанскиот договор и бевме разочарани кога видовме дека претседателката не го користи целосното и формално име Северна Македонија. Ќе следиме да видиме што прави владата. Во постојан дијалог сме со владата која е во тек на формирање. И затоа, тука не би прејудицирала никакви последици, но, секако, би се надевале и охрабруваме дека лидерите на Северна Македонија ќе се придржуваат до меѓународните договори“.
Сиљановска-Давкова не кажа Северна Македонија туку само Македонија при заклетвата на инаугурацијата во Собранието на 12 мај, поради што грчката амабасадорка Софија Филипиду ја напушти салата. Следниот ден, во соопштение од нејзиниот кабинет кажаа дека таа свечената заклетва ја потпиша со уставното име на земјава, дека претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека има право да го употребува името Македонија во своите јавни настапи, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација.
На 16 мај, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар за состав на Влада Христијан Мицкоски изјави дека Преспанскиот договор е дел од македонските институции, Уставот и законите, но дека негово основно човеково право е како ќе ја нарекува државата. Тој рече дека кога ќе дава изјави ќе го користи терминот Македонија, а истото го очекува и од претседателката Сиљановска-Давкова. Мицкоски смета дека на тој начин не се прекршува Договорот од Преспа.
На 17 мај, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кажа дека ако Македонија го прекршува Преспанскиот договор ќе бидат загрозени амбициите на земјата за членство во ЕУ и дека трите меморандуми за соработка поврзани со Преспанскиот договор нема да бидат ратификувани во грчкиот парламент ако новата влада не го почитува договорот.
„Ако некои веруваат дека може да не го почитуваат договорот, тие треба да сфатат дека нивниот пат до Европа ќе остане затворен, и меморандумите нема да бидат ратификувани ако нема согласност со она што го предвидува договорот“, изјави Мицотакис.
Двете земји на 17 јуни 2018 во Нивици, Преспа го потпишаа Преспанскиот договор, со кој се реши 30-годишниот спор за името со Грција. Македонија доби ново уставно име, Северна Македонија, и беше примена за 30-та членка на НАТО.
М. КОСТОВА