Податоците на ТАВ Македонија покажуваат дека унгарската нискобуџетна компанија „Визер“ превезува најголем дел од патниците на македонските аеродроми во првите девет месеци од годинава, со удел од 63,8% на Скопскиот и дури 70% на Охридскиот аеродром. За овие бројки, но и за стравувањата што би се случило со авиосообраќајот во Македонија ако „Визер“ реши да си замине зборувавме со извршниот директор на компанијата, Јозеф Варади, при неговата неколкучасовна посета на базата во Скопје минатата недела.
- ТАВ Македонија излезе со податоци дека Визер учествува со над 60% од вкупниот авиосообраќај на двата македонски аеродрома. Со толкав зафат на авиосообраќајот се чувствувате ли како национална авиокомпанија, како што неодамна рече министерот Александар Николоски?
Мислам дека „Визер“ де факто е националниот авиопревозник на Северна Македонија и многу сме горди на тоа. Кога се оценува колку една авиокомпанија е посветена на пазарот, треба да се земат предвид инвестициите што е подготвена да ги направи, како и оперативните бази што ги воспоставува. Во базата во Скопје „Визер“ има и авиони со најнова технологија и вработува локално население. Сметам дека токму овие фактори одредуваат дали една авиокомпанија е национален превозник или не. Како компанија сме посветени на Северна Македонија, а особено на Скопје, и ќе продолжиме да инвестираме на овој пазар, да ја прошируваме нашата мрежа на дестинации, да носиме нови авиони и да вработуваме локално население.
- Колку и да е импресивен за вас овој податок како компанија, сепак загрижува тоа што со овие бројки вие ја контролирате политиката на македонската воздухопловна индустрија и што ќе се случи со патниците ако вие одеднаш решите да заминете од Македонија?
Немаме намера да го направиме тоа. Мислам, зошто би го направиле тоа? Тука имаме многу добро воспоставен бизнис. Сметам дека работиме многу добро на овој пазар. Поттикнуваме голем број патувања и имаме многу патници во земјата. Имаме посветен тим вработени, пилоти и кабински персонал што работат тука. Имаме и одлична соработка со Владата. Затоа сметам дека сите делови од сложувалката изгледаат многу цврсто во Северна Македонија. Целосно сме посветени на овој пазар и тука сме на долг рок. Можете да сметате на нас и во иднина.
- Оваа летна сезона имавте пробен период на неколку строго туристички дестинации од Скопје кон Италија и од Полска кон Охрид. Значи ли тоа дека го ширите портфолиото од традицоналните летови што ги користи дијаспората кон вакви дестинации? Може ли да очекуваме во следната летна сезона да имате зголемена понуда за нови туристички дестинации и зголемена понуда кон Охрид од други земји од каде оперира „Визер“?
Да, мислам дека ќе продолжиме да ја развиваме нашата мрежа. Во почетната фаза од нашето работење во Северна Македонија бевме фокусирани на поврзувањето со дијаспората. Но, сметам дека треба да препознаеме и дека луѓето имаат потреба да патуваат заради сопствено задоволство, да одат на одмор со своите семејства. Затоа, во иднина ќе додадеме и таква компонента во нашата мрежа на линии. Треба да очекувате дека ќе воведуваме повеќе линии за туристички патувања и одмори, со што ќе создадеме поразновидна мрежа на воздушна поврзаност за македонскиот пазар и граѓаните на Македонија, но и за оние што сакаат да ја посетат земјата. Имате многу што да понудите. Го споменавте Охрид, тоа е место со светско културно и природно наследство..
- Откако започна примената на новиот систем за влез и излез од Шенген-зоната за граѓаните на Македонија, патниците пријавуваат одредени проблеми, доцнења, а некои од нив ги пропуштија и своите летови. Се соочувате ли и вие со проблеми и доцнења? Дали како компанија која е сериозен играч во авиосообраќајот лобирате за промена на овој сиситем кај вашите и европските власти?
Да, но искрено, сметам дека ова прашање е надвор од нашата сфера на влијание, бидејќи станува збор за прашање со политичка димензија. Гледате дека Европа заострува одредени контроли поврзани со имиграцијата, проверката на пасошите и слични прашања. Не мислам дека ние, како авиокомпанија, можеме некако да влијаеме врз тоа. Што се однесува до нас, се обидуваме да ги приспособиме нашите оперативни процедури за да го олесниме процесот колку што е можно. Но, искрено, граничната контрола и проверката на пасошите не се наша област на работа. Затоа сметам дека имаме многу ограничени можности да направиме нешто во врска со ова прашање.
- „Визер“ отвора база и во Приштина. Дали треба да очекуваме ова проширување да влијае врз обемот на работа во Скопје? Поточно, дали бројот на авиони во базата во Скопје ќе се намали како резултат на отворањето на новата база во Приштина?
Не, не треба да очекувате такво нешто. Отворањето на базата во Приштина нема да влијае врз нашето работење во Скопје. Во Приштина сме особено насочени кон патници од дијаспората, односно кон поврзување на Приштина со дестинации како Швајцарија, јужна Германија и слични места. Но, не очекуваме тоа значително да влијание врз работењето во Скопје. Оваа година бележиме раст од 50% во Скопје. Напротив, продолжуваме да го зајакнуваме нашето присуство тука и да ја развиваме мрежата на линии од Скопје, паралелно со отворањето на базата во Приштина. Затоа, не би се грижел за тоа.
- Дали раководството на „Визер“ е запознаено со тоа дека членовите на кабинскиот персонал и пилотите базирани во Скопје подлежат на двојно оданочување и во Унгарија и во Македонија и покрај одредбите од договорот за избегнување на двојното оданочување? На нив од 2023 година досега не им е исплатен повраток на средства за даноците платени во Македонија. Дали преземате нешто за да се реши овој проблем?
Работиме на решавање на ова прашање, не сакаме нашите вработени да бидат двојно оданочувани. Ова е едно од прашањата што вообичаено ги разгледуваме со владите и со надлежните институции во соодветните земји. Затоа, ова е едно од прашањата на кои работиме во моментов. Се надеваме дека ќе биде решено во релативно краток рок. Свесни сме за проблемот и работиме на негово решавање.
А. АНТЕВСКА



