НОВИ ТРИ СТАНА НА ГРУЕВСКИ ОТКРИЕНИ ВО ЗГРАДАТА НА „БИХАЌКА“ КАЈ ШТО ИМА ДВА СТАНА НА ИМЕ НА МАЈКА МУ, ЕДЕН ОД НИВ НА ИМЕ НА СЕКРЕТАРКАТА

    НОВИ ТРИ СТАНА НА ГРУЕВСКИ ОТКРИЕНИ ВО ЗГРАДАТА НА „БИХАЌКА“ КАЈ ШТО ИМА ДВА СТАНА НА ИМЕ НА МАЈКА МУ, ЕДЕН ОД НИВ НА ИМЕ НА СЕКРЕТАРКАТАГруевски има два стана на „Бихаќка“ на име на мајка му Надежда, за кои веќе јавноста знае, а има уште два стана во Аеродром и во Капиштец, исто така на име на мајка му. (Фото: СДК.МК)

    Истрагата за плацевите на Водно на избеганиот поранешен премиер Никола Груевски купени со пари од членарините на сопартијците, се проширува и на новооткриени негови станови купени со пари на членството, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Денеска истражителите на Обвинителството за организиран криминал и корупција вршат претрес во новооткриените станови на Груевски, кои не гласеле на негово име. Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврди шефицата на ОЈО за борба против организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

    Според првичните информации, еден од новооткриените станови за кои има сомневања Обвинителството дека се стекнати незаконски, гласи на име на една од секретарките на Груевски. Обвинителството не открива на која секретарка, дали на таа од Владата додека бил премиер, или на некоја од ВМРО-ДПМНЕ, додека ја водел партијата. За останатите новооткриени станови, не се открива на чие име ги запишал Груевски.

    Русковска потврди дека поранешната секретарка веќе дала изјава во Обвинителството дека конкретниот стан кај што фигурира таа како сопственик, фактички не е нејзин, дека само потпишала оти е.

    Груевски има два стана на „Бихаќка“ на име на мајка му Надежда, за кои веќе јавноста знае, а има уште два стана во Аеродром и во Капиштец, исто така на име на мајка му.

    Според истрагата за плацевите на Водно, на првоосомничениот Груевски во перењето на нелегално стекнатите пари му помагале братучедот Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен. Ристо Новачевски, кумот на Груевски во првиот брак, е третоосомничен.

    Груевски во периодот од 2006 до 2012 година, дел од донациите за финансирање на партијата ги примал лично и не ги прикажувал како примени донации во финансиските извештаи на партијата и на тој начин присвоил најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари. Потоа, во периодот од октомври 2012 до септември 2013 година, тие пари тој ги пуштил во оптек купувајќи градежно земјиште на Водно преку фирма-ќерка на фирма од Белизе. Управител на таа фирма бил кумот Ристо Новачевски.

    Парите од донациите, прибавени со кривично дело Затајување, биле префрлани на сметката на фирмата-ќерка и потоа Новачевски со тие пари им плаќал на сопствениците на земјиштето за да се скрие изворот на парите и вистинскиот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11.000 метри квадратни, покажала истрагата.

    „Во периодот од 20 јули 2015 до 26 јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели во КО Центар 2, со цел да се прикрие вистинскиот сопственик третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице. Тој, по претходен договор со првоосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петтоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице. За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот ‘новите сопственици’ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6.785м2 на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена“, соопштени Обвинителството за организиран криминал во октомври лани кога беше oтворена истрагата.

    Груевски скоро две ипол години е избеган во Унгарија, каде ужива политички азил и е надвор од сите истраги и судски процеси против него и против најблиските поранешни соработници, кои како помагачи, добар дел од нив судот ги притвори на барање на Обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира