Пиротехничарот Ѓорги Стефанов од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) повеќе од една недела сам ги откопува неексплодираните убиствени средства од Првата светска војна откриени се при ископ на приватна парцела сместена во поранешната касарна во Битола. Откриени се 1. 067 неексплодирани убиствени средства. Станува збор за рачни бомби, минофрлачки гранати 60 мм и гранати 50 мм кои се поставуваат на тромблон.
Стефанов вели дека има уште голема количина која треба да се откопа, но прво треба да се уништат ископаните, а за целата акција потребна му е помош.
Во Македонија останаа само уште двајца пиротехничари, кои мора да ја покријат цела територија во зависност од повиците за откопување бомби што ги добиваат. Претходно имаше обуки од американски експерти, но со укинувањето на помошта и фондовите од САД, обуките се укинаа. Во меѓувреме, дел од пиротехничарите се пензионираа.
Македонските пиротехничари се вработени во Дирекцијата за заштита и спасување и ги има во Скопје, Струмица, Кичево, Куманово, Штип, Тетово, Битола, формирани како единица се во 2005.
Во ноември 2021, од ДЗС алармира дека за три години државата ќе остане без пиротехничар ако не се вработат млади кадри. Тогаш во целата држава имаше седум пиротехничари за отстранување неексплодирани убојни средства, од кои најмладиот беше 50-годишник, највозрасните беа на 66 години и одамна за пензија, но го продолжуваа работниот век оти немаше кој да ги замени. Во повеќето држави, пиротехничарот завршува со работа на 55 години.
Ефтим Митров, тогашниот раководител на пиротехничари во ДЗС, рече дека 16 години во ДЗС не бил вработен ниту еден пиротехничар оти тоа било ризична работа, а условите не биле прилагодени според тежината на професијата која се водела и како професија во која не постои ризик и неаше бенефициран стаж.
„Интерес за оваа професија нема затоа што не беа регулирани ниту елементарните услови за работа. Доколку вака остане состојбата Македонија за три години ќе нема ниту еден пиротехничар“, рече тогаш Митров.
Од ДЗС тогаш очекуваа дека со донесените измени во Законот за заштита и спасување младите ќе се пријават за таа работа и ќе може да се обучат покрај постоечкиот кадар. Но, очигледно кадарот не само што не е обновен туку е и критично намален.
Ова не е првпат на територијата на касарната во Битола да се наоѓаат старо оружје и муниција. Во 2024, на локацијата каде Општина Битола го гради новиот противпожарен дом, пронајдени беа над 100 парчиња пушки кои датираа од Балканските војни.
Битола е ризично подрачје за пронаоѓање бомби од Првата светска војна. Количина од 12.300 гранати пред пет години беше откриена кај стадионот во Битола. Беа отстранети и уништетни. Ова е последица на тоа што Битола била на линијата на фронтот во Првата светска војна и градот многу пати бил бомбардиран.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



