УНИШТУВААТ МИНИ БЕЗ ЗАШТИТА И ОПРЕМА – ПОСЛЕДНИТЕ СЕДУМ ПИРОТЕХНИЧАРИ ВО ЗЕМЈАВА ОСТАВЕНИ БЕЗ БЕНЕФИЦИРАН СТАЖ И НАГРАДИ

    УНИШТУВААТ МИНИ БЕЗ ЗАШТИТА И ОПРЕМА – ПОСЛЕДНИТЕ СЕДУМ ПИРОТЕХНИЧАРИ ВО ЗЕМЈАВА ОСТАВЕНИ БЕЗ БЕНЕФИЦИРАН СТАЖ И НАГРАДИ„Уште од стартот се направи првата грешка со нашиот статус, не` впишаа државни службеници, наместо со посебни овластувања. Така, ние сме на исто рамниште како и чистачката во Влада, која освен метла ништо не може да ја удри, а ние сме секојдневно во опасност по животот“. - Пиротехничарите ги подготвуваат гранатите за уништување, во третата акција за еден месец на полигонот Криволак. (Фото: П. Печков)

    Трпеливо, од рака в рака, на пеколното пладневно сонце од армискиот полигон Криволак македонските пиротехничари ги складираа пронајдените неексплодирани убоити средства, во однапред ископаните земјени дупки. А во нив уште пожешко, потешко за работа. Така пиротехничарите ги подготвуваа гранатите за уништување. Ова беше трета акција за еден месец, кога се уништија сите досега пронајдени гранати, рачни бомби, противтенковски мини, во период од година и повеќе. САКАМДАКАЖАМ.МК доби ексклузивна можност да присуствува на акцијата.

    „Дел од собраните, а неуништени експлозивни средства беа чувани во касарната во Битола, каде можеше да се случи пожар, како тој пролетва во касарната во Струмица, и да има страшни последици по околината. Затоа, среде лето ги уништивме“, кажува пиротехничарот Ефтим Митров. (Фото: П. Печков)

    „Во оваа акција беа уништени 120 гранати, рачни бомби, противтенковски мини од Првата и Втората светска војна и од воениот конфликт во Македонија во 2001. Најголем дел од неексплодираните средства се на линијата на Солунскиот фронт, од Дојран до Битола. Во претходните акции уништивме и неексплодирани средства кои останале од ЈНА во фабриката во Самоков, која сега е во чешка сопственост“, вели Ефтим Митров, раководител на тимот пиротехничари.

    Во Македонија има само седум пиротехничари, а најмладиот од нив е 50-годишник, највозрасните се на 66 години и одамна за пензија, но го продолжуваат работниот век оти нема кој да ги замени. Во повеќето држави, пиротехничарот завршува со работа на 55 години. Македонските пиротехничари се вработени во Дирекцијата за заштита и спасување и ги има во Скопје, Струмица, Кичево, Куманово, Штип, Тетово, Битола, формирани како единица се во 2005.

    „Немаме соодветни возила за транспорт на средствата. Ги транспортираме во ‘лада-нива’, кога при најмал иницирање може да експлодираат“, вели Митров. (Фото: П. Печков)

    „Уште од стартот се направи првата грешка со нашиот статус, не` впишаа државни службеници, наместо со посебни овластувања. Така, ние сме на исто рамниште како и чистачката во Влада, која освен метла ништо не може да ја удри, а ние сме секојдневно во опасност по животот. Ние сме единствени пиротехничари во светот каде за нашата работа не постои ризик. А има државни секретари кои не излегуваат од канцеларија, а примаат зголемување од 30 отсто“, со насмевка вели Митров.

    Тој има завршено воена академија во ЈНА и единствен е со соодветно образование. Останатите се со обука. Платата е не повеќе од 20.000 денари, иако се на работа 24 часа, на повик, и на празник и во викенд, постојано на штрек. Пред некоја година тужеле на суд за работа под ризик. Во истиот суд во Скопје, тројца ја добиле тужбата, а на четворица им била отфрлена. Немаат ниту бенефициран стаж, а работа имаат натпросечно.

    „Ние сме единствени пиротехничари во светот каде за нашата работа не постои ризик. А има државни секретари кои не излегуваат од канцеларија, а примаат зголемување од 30 отсто“, со насмевка вели Митров. (Фото: П. Печков)

    „Во Македонија просечно се пронаоѓаат неексплодирани средства секој ден. Така не е ниту во Србија, ниту во Хрватска. Кога пред некоја година имаше голем пожар во Дојран, авионите не гаснеа оти во подрачјето имаше голем број неексплодирани средства. По гаснењето визуелно ги изброив дека има околу 470, кои потоа беа уништени. Некои беа мошне блиску до првите куќи“, вели Митров.

    Последните две мини беа пронајдени од граѓани во вторникот во Претор и на плажата на Преспанско, а биле од Прва светска војна. Претходните беа пронајдени во селата Удово и Миравци, како и во ѕид од куќа во Кичево.

    „Ние работиме да ги спасиме граѓаните, а нашиот живот го ставаме во ризик. Секоја пронајдена бомба е закана по најмалку еден граѓанин. Според светската номенклатура на опасни занимања, пиротехничарот е на второ место, прво е подводно заварување. Нашата работа е со секојдневен стрес и под максимален ризик. Деновиве ништевме во време кога не смеевме, тоа се работи во рана пролет или доцна есен. Но дури сега добивме материјал со кој работиме, по подолго чекање. Дел од собраните, а неуништени експлозивни средства беа чувани во касарната во Битола, каде можеше да се случи пожар, како тој пролетва во касарната во Струмица, и да има страшни последици по околината. Затоа, среде лето ги уништивме“, кажува Митров зошто уништувањето го извршија на 40 степени Целзиусови во Криволак.

    „Гранатите ги уништуваме со супстандардни средства, и тоа на Криволак. А потребно е, основно во оваа работа, ништење на лице место“, вели Митров. (Фото: П. Печков)

    Но и покрај тоа што ја работат работата која е на врвот според опасноста, нив не ги напушта духот и ведрината иако не е лесно на врелото сонце да се работи пет-шест часови, во најжешкиот дел од денот, во пустинскиот дел од земјава, Криволак, каде нема ниту вегетација, ниту животински свет. Иако според светските стандарди ништењето на гранатите треба да се врши на лице место, таму каде е пројдена, во Македонија тие се транспортираат, при што во неколку наврати се доведуваат во опасност луѓето кои се во близина.

    „Гранатите ги уништуваме со супстандардни средства, и тоа на Криволак. А потребно е, основно во оваа работа, ништење на лице место. Читате по весници кога во светот се евакуираат илјадници луѓе за да се уништи некоја заостаната бомба. Замислите каква опасност е кога толкаво количество неексплодирани средства се носат до Криволак. Немаме соодветни возила за транспорт на средствата. Ги транспортираме во ‘лада-нива’, кога при најмал иницирање може да експлодираат. Потребни се АДР возила, за транспорт на гранатите има заштита на пиротехничарот. И ако се случи нешто, ќе бидеме цели, не во парчиња, ако експлодираат. По светски стандард пиротехничар не смее да работи сам, оти може се да му се случи како човек и затоа е тука колегата. Кај нас сме по еден во град“, вели Митров, кој во името на колегите ги сподели информациите за пиротехничар, занимање кое е во изумирање во Македонија.

    Круна на нивата работа тој ден беше моментот кога 120-те гранати експлодираа, земјата на Криволак силно се затресе, по што следеше проверка дали теренот каде се вршеше уништувањето е во ред, па заедно со екипата на Брзата помош од Неготино безбедно го напуштија полигонот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира