ОСТАВЕН ДА СКАПУВА ВРЕДЕН МЕБЕЛ ОД МАТИЧНОТО ВО СКОПЈЕ ИЗРАБОТЕН ПРЕД 70 ГОДИНИ ОД ГОЛЕМИОТ РЕЗБАР НЕСТОР АЛЕКСИЕВ-МИРЧЕВСКИ

    ОСТАВЕН ДА СКАПУВА ВРЕДЕН МЕБЕЛ ОД МАТИЧНОТО ВО СКОПЈЕ ИЗРАБОТЕН ПРЕД 70 ГОДИНИ ОД ГОЛЕМИОТ РЕЗБАР НЕСТОР АЛЕКСИЕВ-МИРЧЕВСКИПочетокот на градежните работи за реконструкција на објектот кој со години беше затворен, го покажа вредниот мебел кој целосно незаштитен е оставен да скапува во бараката во дворот на Општина Центар.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Вреден мебел изработен пред 70 години од врвниот резбар Нестор Алексиев-Мирчевски, копаничар сo меѓународна слава и последен од големата тајфа на вакви уметници во Македонија, е оставен да скапува во поранешното Матично во Скопје, кое веќе пет години е затворено за склучување брак. Почетокот на градежните работи за реконструкција на објектот кој со години беше затворен, го покажа вредниот мебел кој сосем незаштитен е оставен да скапува во бараката во дворот на Општина Центар. Станува збор за столиците и масата на која младенците седеа при склучување на бракот и витрината во која се чуваа потребните документи.

    Овој скапоцен мебел кој веќе има и историска вредност е оставен целосно непокриен, без никаква заштита па макар било и обичен најлон.

    Изработени од дрво од орев и со специфична резбра, парчињата изгледаат уникатно и токму тоа наведува дека се изработени од Алексиев-Мирчевски, кој ваков кабинет направил и за вилата на Бриони на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито.

    Сега овие парчиња мебел стојат затрупани со прашина, отпад, а парчиња од таванот кој се распаѓа паѓаат врз нив. И покрај почетокот на градежните работи во понеделникот, мебелот не е изваден од објектот за да не биде оштетен при градежните работи, украден или исфрлен.

    Столиците и масата на која младенците седеа при склучување на бракот и витрината во која се чуваа потребните документи се изработени од дрво од орев и со специфична резбра, која наведува дека се изработени од врвниот резбрар Нестор Алексиев-Мирчевски, кој ваков кабинет направил и за вилата на Бриони на претседателот Јосип Броз Тито. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Поради ваквите слики од старото Матично и вредниот мебел, САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со членови од семејството на Алексиев-Мирчевски, кои ни рекоа дека се разочарани од сликите кои ги виделе и апелираат овој вреден мебел да се сочува. Велат дека мебелот бил изработен во периодот од 1948 до 1951 година кога нивниот дедо бил ангажиран да работи во дрвната индустрија „Црвена ѕвезда“.

    „Биле изработени пет вакви кабинети од масивно ореово дрво, со уникатна резба. Првиот е даден во ‘Македонски фолклор‘, а вториот кој претставувал вистинско ремек-дело бил подарен на претседателот Јосип Броз Тито и пренесен на Бриони. Од следните три комплета изработени подоцна, едниот требало да се наоѓа во Собранието на Македонија, другиот во книгоизвадателство ‘Мисла’, а последниот во просториите на тогашниот Републички Извршен совет“, велат од семејството  на Нестор, а овие информации се наведени и во книгата објавена за животот и делото на големиот резбар.

    Од семејството велат дека при пишувањето на книгата ги барале овие кабинети и дошле до сознанија дека оној од Јосип Броз Тито, сега го има бизнисменот Трифун Костовски, останати парчиња има во „Македонски фолклор“ и „Мисла“, а некои биле однесени во Битола. Од семејството уште пред многу години ги забележале столици и масите во скопско Матично, за кои им било речено дека се донесени од Битола, а тие велат дека тоа упатува оти се дел од петте кабинети кои биле изработени пред 70 години.

    „Ние сме сигурни дека станува збор за резбите на Нестор. Но, без разлика кој ги изработил овие парчиња мебел, жално е да пропаѓаат, туку треба веднаш надлежните да ги сочуваат и да им најдат соодветна локација и намена“, ни рекоа од семејството.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, кој на 2 ноември заедно со градоначалникот Петре Шилегов ја најавија реконструкцијата на објектот и пренамената на Матично во Младински центар, ни рече дека парчињата мебел планираат да ги сочуваат ако не им ги земат од Управата за водење на матични книги.

    Од Општина Центар велат ако го добијат мебелот од Управата за водење на матични книги, ќе го сочуваат и ќе го постават на соодветна локација; – Меѓу расфрланите експонати е и бистата на хрватскиот книжевник Мирослав Крлежа. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Мебелот внатре е сопственост на Матичната служба, ако го побараат ќе им ги дадеме. Доколку ни ги остават ќе ги поставиме во одреден објект, па граѓаните ќе можат да се присетуваат на старото Матично каде склучиле брак“, вели Богдановиќ.

    Нестор Алексиев-Мирчевски, роден во Осој, Дебарско на 25 март 1873, а починал во  Скопје на 17 јули 1969. Зад себе остави големо дело кое може да се сретне во резбарските иконостаси во Македонија и во други балкански земји. Во 1939 година ја освоил првата награда на Светската изложба на уметничкото занаетчиство во Берлин. Негови подвизи се спасувањето на иконостасот од црквата „Свети Спас“ во Скопје во 1944 и изработувањето за 21 ден на саркофагот во резба во 1947 со кој се пренесени моштите на Гоце Делчев од Бугарија во Македонија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира