Скопските населби населбите Аеродром, Ново Лисиче утрово се во магла од чад, а воздухот мириса на гареж и во соседната Кисела Вода. Според мерните станици на мрежата Air Care, највисоки се вредностите на загадувачките честички во Лисиче, 90 микрограми на кубен метар ПМ 10 и 45 микрограми ПМ 2,5, и во Гази Баба 77 ПМ 10 и 32 Пм 2,5. Повисоки вредности на загадување има и во Аеродром, Мичурин и Реонски Центар. Загадувањето и чадот се последица на пожарите во дивата депонија „Вардариште“ на 31 август и на депонијата „Дрисла“ од пред 3 дена кој е уште активен.
„Во текот на вчерашниот ден е затрупан дел од просторот на депонијата ‘Дрисла’ од кој имаше чадење. Денеска затрупувањето продолжува со засилено темпо бидејки вчера беа извршени неколку логистички зафати кои овозможуваат полесен и побрз пристап до критичната точка. Чадењето од депонијата ‘Дрисла’ е уште присутно, но во многу помал обем, и не е причина за утринската магла во Скопје. Дивата депонија ‘Вардариште’, е целосно изгасната и од неа нема никакво чадење“, соопшти утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Ангелов вчера кажа дека „Вардариште“ ја обезбедуваат припадници на една агенција за обезбедување.
И покрај воздухот со чад кој се чувствува со штипење за очи и печење во грлото, завчера премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека воздухот кој го дишат скопјани иако изгледа загадено, мерењата не покажуваат зголемени токсични вредности. Вчера и министерот за здравство Азир Алиу нагласи дека загадувањето овие два дена не предизвикувало проблеми по здравјето на граѓаните, но препорача скопјани да не се движат на отворено, ако немаат потреба.
- ОЧЕКУВАМ ЧАДЕЊЕТО НА „ДРИСЛА“ ДА ЗАПРЕ ДО ВЕЧЕР, НА „ВАРДАРИШТЕ“ СЕГА ИМА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, КАЖА АНГЕЛОВ
- СКОПЈАНИ ДА НЕ СЕ ДВИЖАТ НА ОТВОРЕНО БЕЗ ПОГОЛЕМА ПОТРЕБА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО АЛИУ ПО ПОЖАРОТ ВО „ДРИСЛА“
Владата вчера забрани движење на територија на дивата депонијата „Вардариште” во Општина Гази Баба, како итна мерка за справување со пожарот на депонијата, а за надлежен го назначи првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, соопшти Министерството за животна средина. Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи будно ја следи целата ситуација вои и околу Вардариште и ќе биде вклучена се до трајно решение на овој проблем, за што бара трпение од засегнатите граѓани, вели Министерството.
Од таму вчера соопштија и дека околу 15:15 часот, државниот Инспекторат за животна средина изврши вонреден инспекциски надзор поради пожарот кој избувна на поранешната депонија за комунален отпад „Дрисла“, по пријава од Полициската станица Гази Баба, изготвен е извештај испратен по е-пошта до Министерството и Инспекторатот.
„Од надзорот е изготвен записник за констатирање, а ќе бидат земени и примероци од подземни води и почва од страна на акредитирана лабораторија за животна средина. ЈП ‘Дрисла’ достави и извештај од мониторинг станицата за квалитет на воздухот. Инспекциската постапка е во тек и се следат сите мерки за евалуација на влијанието и отстранување на последиците од пожарот“, вели Министерството.