ПРАВОСИЛНО ОСУДЕНИТЕ ЗА ОРГАНИЗИРАНИОТ НАПАД НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ 2017 ПОДНЕЛЕ БАРАЊЕ ДО ВРХОВНИОТ СУД ДА ИМ ГИ ПОНИШТИ ПРЕСУДИТЕ

    ПРАВОСИЛНО ОСУДЕНИТЕ ЗА ОРГАНИЗИРАНИОТ НАПАД НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ 2017 ПОДНЕЛЕ БАРАЊЕ ДО ВРХОВНИОТ СУД ДА ИМ ГИ ПОНИШТИ ПРЕСУДИТЕРепубличкото обвинителство уште не дало мислење, бидејќи предметот бил обемен. (Фото: СДК.МК)

    Адвокатите на осудените за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, кои се во затвор, на 22 септември до Врховниот суд поднеле Барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда. Веќе следниот ден, Врховниот суд го испратил предметот за мислење до Републичкото обвинителство и сè уште е таму. На прашање дали ќе се укинува пресудата и ќе се враќа предметот на повторно судење, оттаму ни рекоа дека првин треба да се види мислењето од Републичкото обвинителство.

    „Барањето од Врховниот суд е доставено до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Оформен е предмет и распределен кај надлежен јавен обвинител. Станува збор за обемен предмет и по целосно проучување на сите факти, Јавното обвинителство ќе  достави соодветен одговор“, одговори за САКАМДАКАЖАМ.МК Јавниот обвинител Љубомир Јовески.

    Во Кривичниот совет на Врховниот суд кој ќе одлучува по вонредното преиспитување се судиите Цветанка Периќ, Африм Фидани, Џемали Саити, Сафет Кадрии и Мирјана Лазарова-Трајковска. Тие го имаат последниот збор и одлука.

    САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до Врховниот суд дали стигнал некаков поднесок од осудените за 27 април, откако во партиските кругови почна да се зборува дека не сите осудени, меѓутоа дел од нив, ќе бидат ослободени од (понатамошна) вина при евентуално одново враќање на постапката. Во замена за тоа, според партиските тврдења, дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за уставни измени за влез во Уставот на 3.500-те македонски граѓани кои на Пописот се изјасниле за Бугари.

    Во февруари лани, Апелациониот суд Скопје делумно ги уважи жалбите на обвинетите Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљифета Алими, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Анѓеловски, Игор Југ, Влатко Трајковски, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо и Александар Василевски-Нинџа, огласени виновни за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик, и на обвинетиот Оливер Радулов за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 в.в со член 24 од Кривичниот законик, на начин што првостепената пресуда по однос на вината за стореното кривично дело ја потврди.

    По однос на изречената кривична санкција, првостената пресуда  ја преиначи, па така Чавков го осуди на затвор во траење од 16 години, Пешов на 13 години, Лазаров на 13 години, Леви исто така на 13-годишна затворска казна.

    Поповски доби 11 години, Радулов 9 години, Пепиќ 13 години затвор. Натаму, Алими беше осуден на казна затвор во траење од 6 години, Додевски на 11 години, Јане Ченто на 13 години затвор. Анѓеловски од Апелација доби 11 години, Игор Југ исто така 11, а Трајковски 14 години затвор. Следуваат Михајловски со 13, Кољо со 14 и Нинџа со 7 години затвор со правосилната казна од Апелација.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира