Приватните превозници утрово ги паркираа своите автобуси долж булеварот Илинден, од крстосницата кај Владата, покрај бараките на Град Скопје, до крстосницита кај СЦ „Борис Трајковски“. Бараат Град Скопје да им го исплати долгот од 1,5 милиони евра.
„Ги паркиравме автобусите пред канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска за кога ќе дојде на работа да види дека не сме 50 туку 200 автобуси. Нè остави без работа, а нашите семејства без леб“, велат приватните превозници, кои откако ги паркираа автобусите застанаа пред главниот влез во Град Скопје барајќи средба со градоначалничката.
Арсовска нема немера да преговара со приватните превозници бидејќи вчера го раскина договорот и со „Слобода превоз“, откако пред еден месец тоа го стори со “Макекспрес“.
„За жал ‘Слобода превоз’ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот истиот е раскинат. Ги повикуваме сите приватни превозници да се јават на јавниот повик кој ќе биде објавен во текот на следната недела. Сметаме дека со овој модел, склучување на директни договори за јавен градски превоз со индивидуални превозници ќе придонесе за поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми“, рекоа од Град Скопје и апелрираат до „Слобода превоз“ да ја ревидира одлуката за блокирање на главниот град, бидејќи „на тој начин нема да постигнат разрешување на проблемот, напротив, на овој начин проблемот се продлабочува“.
Од „Слобода превоз“ велат дека ќе го тужат Град Скопје за раскинувањето на договорот.
„Ќе ја оспориме одлука и ќе поведеме спор пред надлежниот суд. Уште еднаш повикуваме да не се изнесуваат лаги и невистини во јавноста и да се знае дека ‘Слобода превоз‘ не протестира и не блокира улици. Протестите и блокадите се од страна на сите приватни превозници кои се учесници во јавниот линиски превоз во Град Скопје, тоа се оние на кои ЈСП им должи пари, а Градот ги исклучува од превозот одземајќи им ги стекнатите права преку кои остваруваа приходи за егзистенција. Укажуваме и на фактот дека сите вакви избрзани и непромислени постапки и изјави кои ги слушавме изминатот период само ја влошуваат и така лошата состојба и провоцираат на поголем револт кај приватните превозници и не допринесуваат кон смирување на тензичните состојби туку истите сметаме дека ќе ги радикализираат“, вели Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“.
Приватните превозници не се дел од јавниот превоз веќе две недели. Поради тоа нема доволно автобуси, граѓаните со саати чекаат на постојките и автобусите се преполни. И покрај сликите од полни автобуски станици и револтирани граѓани, градоначалничката Арсовска тврди дека нема никаков проблем со јавниот превоз и дека ЈСП ги покрива сите линии на приватниците.
Приватните превозници најавија дека в понеделник ќе ги радикализираат протестите, односно ќе блокираат три клучни крстосници во градот, кај ТЦ „Мавровка“, кај Црвен крст и пред Владата.
А. АНТЕВСКА