ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ ЌЕ БИДЕ ВАЖНА ТЕМА НА ЛИДЕРСКИОТ САМИТ, ОБЈАВИ КАНЦЕЛАРИЈАТА НА МЕРКЕЛ

    ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ ЌЕ БИДЕ ВАЖНА ТЕМА НА ЛИДЕРСКИОТ САМИТ, ОБЈАВИ КАНЦЕЛАРИЈАТА НА МЕРКЕЛДипломатски извори во Берлин велат дека не е крај на приказната -архивска фотографија на Ангела Меркел и Зоран Заев при нејзината посета на Македонија на 8 септември минатата година пред референдумот за промена на името како еден од главните услови за почеток на преговори со ЕУ - (Фото: Ѓ. Личовски)

    Германската канцеларка Ангела Меркел пред заминување за Брисел во четврток наутро ќе има обраќање до Бундестагот, што е редовна пракса пред секој самит на ЕУ.

    На нејзината интернет страница веќе е најавено дека проширувањето на ЕУ „ќе биде важна тема“ на лидерскиот самит.

    „Германската влада е за почеток на преговори и тоа и натаму ќе го поддржува на европско ниво. Многу други членки на ЕУ го споделуваат овој став“, се наведува во официјалната изјава од канцеларијата на Меркел.

    Дојче Веле на македонски јазик повикувајќи се на дипломатски извори во Берлин објави дека не е крај на приказната иако францускиот претседател Макрон по заедничкиот состанок со германската канцеларка уште еднаш кажа „не“ за почеток на преговори со Северна Македонија,.

    Според дипломатски извори кои ги цитира и германската новинска агенција ДПА, на Самитот на лидерите на ЕУ ќе има уште еден обид да се предомисли францускиот претседател.

    Тоа на заедничката прес-конференција со Макрон во Тулуз го најави и германската канцеларка Ангела Меркел.

    Германија и Франција „сакаат до четврток да размислат како да изнајдат заедничка позиција пред самитот на ЕУ“, рече германската канцеларка, додавајќи дека таа позиција треба да биде прифатлива и за другите ЕУ-членки.

    Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск го исполни ветувањето дека ќе ја стави темата за проширувањето на агендата на Самитот на ЕУ. Според нацрт-агендата, прашањето за почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија е на второ место на распоредот, веднаш по дискусијата за Брегзит.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира