САМО РАБОТОДАВАЧОТ ЛУКРОВСКИ МОЖЕ ДА ПРОВЕРИ ВО ФЗО ДАЛИ Е ЛАЖНО БОЛЕДУВАЊЕТО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЛУКРОВСКИ

    САМО РАБОТОДАВАЧОТ ЛУКРОВСКИ МОЖЕ ДА ПРОВЕРИ ВО ФЗО ДАЛИ Е ЛАЖНО БОЛЕДУВАЊЕТО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЛУКРОВСКИЛукровски последен пат се појави во јавност на 4 мај на панихидата за смртта на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје. (Фото: Општина Карпош)

    ​Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Сашо Клековски за боледувањето на градоначалникот на скопската Општина Карпош, Сотир Лукровски, вели дека информации за боледувања може да побара ислучиво работодавачот. Во конкретниот случај тоа е самиот градоначалник Лукровски.

    Лукровски е на боледување повеќе од десет дена и го овласти општинскиот советник од ВМРО-ДПМНЕ Неделчо Крстевски за заменик-градоначалник. Одлуката на 7 мај беше објавена во Службен гласник на Општината. На Лукровски боледувањето од матичен лекар му истекува оваа недела.

    „Знаете дека јас многу често коментирам боледувања и знаете многу добро дека во ниеден случај не сум спомнал име на осигуреник, а не дај Боже, дијагноза. ​Значи, информации за боледувања може да побара исклучиво работодавачот. И работодавачот може да добие информации за процедурата на боледувањето, во ниеден случај за дијагнозата. ​Така што, во основа, ако ве интересираат таков тип на информации, можам да ги дадам само на работодавачот. На негово барање“, одговори Клековски на новинарско прашање на денешната прес-конференција за состојбите и функционирањето на јавните здравствени установи.

    Заменик-градоначалник Крстевски на 19 мај ни изјави: „Немаме најава кога ќе се врати од боледување градоначалникот Лукровски. Извештајот за боледување се доставува на работното место откако се затвора боледувањето“.

    Матичен лекар може да издаде боледување до 14 дена. До 7 дена боледување издава самостојно со проценка на состојбата на пациентот, а над 7 дена ако има здравствена документација пропратена од специјалист. Ако по истекот на овој период сè уште лицето не е способно за работа, за продолжување на боледувањето одлучува надлежна лекарска комисија.

    Фондот за здравствено осигурување прави контрола дали станува збор за лажни боледувања доколку тоа го побара работодавачот, како што беше случајот со контролите во Министерството за внатрешни работи (МВР) и Министерството за одбрана (МО).

    Лукровски последен пат се појави во јавност на 4 мај, на панихидата за смртта на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Потоа, во јавноста се појавија информации дека Лукровски сакал да си поднесе оставка бидејќи не се снаоѓал во функцијата, но од владејачката партија не му дозволуваат. Од Општината на 8 мај испратија официјално соопштение до медиуми во кое се вели дека градоначалникот не поднел оставка, туку е привремено отсутен поради здравствени причини.

    Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, каже дека Лукровски нема дадено оставка и ги обвини сите што прашуваа дали градоначалникот има има поднесено оставка дека се „политички глодари“ и „се ситат на неговата здравствена состојба“.

    „Тој е на боледување. Во моментов во Општината има законски избран заменик-градоначалник кој што го заменува градоначалникот додека е на боледување поради одредени здравствени проблеми. Иако имаше и такви политички глодари кои што излегуваа и се ситеа на здравствена состојба на човек, јас нема да ги коментирам тие политички глодари. Му посакувам брзо опоравување на градоначалникот и што поскоро да се врати на својата работна позиција. Повеќе детали околу здравствената состојба ниту сум овластен, ниту би сакал да споделам“, кажа премиерот Мицкоски на 13 мај.

    Ексградоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, вели дека Лукровски не сака да раководи со Општината и место него, тоа го прават членови на партијата.

    „Карпошани гласаа за градоначалник, а добија човек кој ниту сака, ниту може да ја води Општината. Еднаш му биле сложени процедурите. Другпат се плашел да потпишува. Третпат му било тешко да прима граѓани. Четврти пат не можел да ја сфати работата на Општината. Не може карпошани да гласаат за еден човек, а ВМРО-ДПМНЕ потоа да им поставува друг да ја води Општината. Не може избран градоначалник да се крие зад партиски заменик, зад адвокати, секретари, супервизори и партиски штабови, а одговорноста да исчезне како ништо да не било“, вели Јакимовски во неговата изјава испратена до медиумите.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира