СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ЌЕ БАРААТ КАМИОНИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ ЗА СОБИРАЊЕ НА ЃУБРЕТО

    СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ЌЕ БАРААТ КАМИОНИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ ЗА СОБИРАЊЕ НА ЃУБРЕТОГрадоначалниците бараат раководството на „Дрисла“ да покаже разбирање и да не врши опструкции при влезот на механизацијата која ќе биде насочена кон транспортирање на отпадот што се таложи низ скопските улици. (Фото: СДК.МК)

    Скопските градоначалници ќе бараат помош од други градови за да го собираат ѓубрето низ градот откако петти ден контејнерите не се празнат од градското Јавно претпријатие (ЈП) „Комунална хигиена“. Градоначалниците денеска имаа состанок за да, како што велат, се изнајдат решенија за нефункционалноста на „Комунална хигиена”.

    „Во изминативе неколку дена сите градоначалници од Скопскиот Регион, со поддршка од општествено одговорни компании, се обидуваме да го амортизираме хаосот што го зафати градот. Доколку има потреба, ќе побараме поддршка и од нашите колеги надвор од градот Скопје, со цел заеднички да придонесеме за расчистување на овој метеж“, се вели во објавата на фејсбук профилот на претседателот на Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и кандидат за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

    Градоначалниците бараат раководството на депонијата „Дрисла” да покаже разбирање и да не врши опструкции при влезот на механизацијата која ќе биде насочена кон транспортирање на отпадот што се таложи низ скопските улици.

    Од единствениот репрезентативен Синдикат за комунални дејности (СУТКОЗ) и од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска соопштија дека имале средба со вработени во јавното претпијатие „Комунална хигиена“ и им било речено дека ѓубрето од контејнерите не се собира бидејќи дел од камионите се расипани, а нема ни резервни делови за да се поправат. Вработените и СУТКОЗ ќе поднесат кривични пријави и пријави до Државниот инспекторат за труд против раководството на претпријатието.

    Директорот на „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми не се појави во јавност ниту одговара на телефонски повици на медиумите за да каже зошто не се собира ѓубрето.

    Основното јавно обвинителство Скопје вчера издаде наредби до Министерството за внатрешни работи и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на „Комунална хигиена“.

    Владата во текот на вчерашниот ден ги задолжи Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во соработка со МВР, во рамките на своите законски надлежности да пристапи кон утврдување на состојбата со комунален отпад и да превземе соодветни мерки и активности. Денес одржан е координативен состанок помеѓу споменатите институции и добиени се насоки, секоја институција да одговори  согласно надлежностите.

    Од Институтот за јавно здравје е побарано да достави експертско мислење за тоа какво влијание може да има отпадот врз јавното здравје, како и епидемиолошки мерки врз база на доставени записници од инспекторат, каде е констатирана фактичка состојба.

    „Стручни лица од ИЈЗ, до петок ќе го разгледаат доставениот материјал и ќе дадат соодветно мислење“, велат од Институтот за јавно здравје.

    Градоначалничката Данела Арсовска, пак, за хаосот го обвинува ВМРО-ДПМНЕ, и членовите на Управниот одбор на претпријатието кои се од редовите на владејачката партија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира