Над 560 илјади евра ќе чини санацијата и репарацијата на делови и позиции во Македонскиот народен театар (МНТ). Според договорот објавен на Бирото за јавни набавки (БНЈ), тендерот за санацијата и репарацијата ја добила фирмата „Мартин инженеринг“ од Скопје, а рокот за изведување на работите е една година.
Согласно податоците, вкупната вредност на сите санации изнесува 34.883.514,00 денари со ДДВ, што е приближно 567.212 евра.
Објектот во центарот на Скопје, како дел од проектот „Скопје 2014“, беше отворен во 2013 и чинеше 40 милиони евра.
Санацијата на проодната тераса на јужната страна чини 10.132.483 денари со ДДВ (околу 165.000 евра). Санацијата на проодната тераса на западната страна чини 3.681.482 денари со ДДВ (околу 60.000 евра). Санацијата на ентериерот чини 4.097.609 денари со ДДВ (околу 67.000 евра). Замената на теписонот чини 6.498.260 денари со ДДВ (околу 106.000 евра). Репарацијата на столиците за гледалиштето во театарот чини 10.473.680 денари со ДДВ (околу 170.00 евра).
Директорот на МНТ Никола Кимовски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека санацијата ги опфаќа двете тераси на Театарот кои гледаат кон реката Вардар.
„Терасите не се реновирани откако е изграден театарот и за да не ни се случи протетување како на терасата на северната страна, одлучивме сега да бидат опфатени со санацијата. Тие тековно ќе се санираат. Прво ќе се почне со менување на теписонот низ целиот театар. На десната страна од влезот знаете дека со години има кофа и завеса и конечно ќе биде решен тој проблем“, ни изјави Кимовски.
За репарирањето на столиците, директорот вели дека се многу скапи и нема да се демонитираат и враќаат, туку дека ќе се вршат поправки на лице место.
„Столиците ќе бидат готови за отворањето на новата сезона со премиерата на ‘Три сестри’ од Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, на крајот на септември“, ни рече тој.
- НИ ТРЕБААТ 195.000 ЕВРА ЗА САНАЦИЈА НА ЕДЕН БАЛКОН И ЕДНА ТЕРАСА НА МНТ КОЈ Е ВО ВЛОШЕНА СОСТОЈБА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ КИМОВСКИ
- ЉУТКОВ И КИМОВСКИ ЌЕ БАРААТ ВИНОВНИК ЗОШТО МНТ, ИЗГРАДЕН ЗА 40 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ВО ОЧАЈНА СОСТОЈБА
Техничкиот раководител на МНТ Гунтер Кубе на прес-конференција во март годинава, кажа дека по вторпат се санира северната тераса на објектот. Северната тераса со години прокиснува и под неа има кофа, на десната страна од фоајето.
„Годинава треба да се доврши северната тераса. Ја започнавме минатата година по вторпат, меѓутоа овојпат многу посериозно, со изготвен проект, затоа што ние во суштина не сме градежна оператива, стручни сме за многу подруги работи од оваа. Наидовме на многу кочници и непознаници, најмногу од градежната фела, која очекувавме дека поинаку ќе се поставува кон задачите што ги добива и за кои имаме договори. Така што, вторпат се работи таа тераса, овојпат многу посериозно“, кажа тогаш Кубе.
- МНТ ИМА СЕРТИФИКАТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ОД ВЕШТАК, КОЈ ДОПОЛНИТЕЛНО ИСПИТУВА КАКО МОЖЕ ДА СЕ ЗАКАЧАТ ЛУСТЕРИ НА ГИПС, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА УГРИНОВСКА
- ТЕХНИЧКИОТ ДИРЕКТОР НА МНТ ПЛИВАЛ ВО ПОПЛАВЕНИОТ ПОДРУМ ЗА ДА ЈА ИСКЛУЧИ СТРУЈАТА (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Б. НЕСТОРОСКА



