СОБРАНИЕТО ГИ ИЗГЛАСА НОВИТЕ 8 МИНИСТРИ ВО ВЛАДАТА, МИЦКОСКИ РЕЧЕ ЌЕ ДОНЕСАТ НОВА ЕНЕРГИЈА

    СОБРАНИЕТО ГИ ИЗГЛАСА НОВИТЕ 8 МИНИСТРИ ВО ВЛАДАТА, МИЦКОСКИ РЕЧЕ ЌЕ ДОНЕСАТ НОВА ЕНЕРГИЈАЗа изборот на новите министри гласаа само пратениците од власта односно 69 пратеници откако опозицијата ја напушти седницата поради навредите кои кон нив ги упатил новиот министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ. (Фото: К. Попов)

    Во Собранието вечерва беа избрани новите 8 министри во Владата предложени со владината реконструкција. За изборот на новите министри гласаа само пратениците од власта односно 69 пратеници, откако опозицијата ја напушти седницата поради навредите кои кон нив ги упатил новиот министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, кој до изборот беше министер за односи со заедниците како кадар на Демократската партија на Србите.

    Нов министер за здравство е досегашниот директор на Финдот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, а министер за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски кој досега беше заменик-министер во ова Министерството од истата партија.

    „Вреди“ со реконструкцијата ги доби Министерството  за правда, каде министер е Јетон Шасивари, како и Министерството за односи меѓу заедниците со кое ќе раководи Агон Ферати. Министер за култура и туризам ќе биде досегашниот заменик-министер Седат Сулејмани од „Вреди“.

    Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е Борче Серафимовски, кадар на ЗНАМ. Министер за локална самоуправа ќе биде Иван Стоилковиќ кој доаѓа на местото на Златко Перински кој, пак, ќе биде нов директор на Фондот за здравствено осигурување .

    Министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите ќе биде Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.

    Пред гласањето на новите министри премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница  рече е среќен со новите министри, но и целиот состав на Владата кој испорачал голем број реформски закони за кои добиле пофалба и од еврокомесарката Марта Кос.

    „Исто така, сакам да се извинам на вас пратениците и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа повеќе нема да се повтори“, рече Мицкоски.

    Мицкоски во обраќањето во Собранието на почетокот на денешната седница во кое ги образложи предлозите за нови министри кажа дека тие ќе донесат нова енергија во Владата и нова темпо на работа.

    „Државите што ќе имаат храброст да се менуваат ќе напредуваат. Пред вас стои предлог за нова енергија. За ново темпо. За нова фаза во развојот на државата. За Влада која нема да биде задоволна со постигнатото, туку ќе биде гладна за нови резултати. Не затоа што се откажуваме од досегашниот курс. Туку затоа што сакаме тој курс да биде уште побрз, уште поефикасен и уште поодлучен. Денес пред вас предлагам луѓе кои доаѓаат со различни професионални искуства, но со иста обврска да работат чесно, одговорно и со чувство дека секој ден што ќе го поминат на функцијата им е даден од народот и му припаѓа на народот“, рече Мицкоски.

    Пратениците од опозацијата кажаа дека реконструкцијата на Владата е признание дека Владата предводена од Мицкоски ништо не сработила за две години мандат и дека е обид да се прикрие одговорноста за катастрофалните политики на власта.

    „Две години влада под раководство на Христијан Мицкоски не само што не промени ниту еден потег, не само што не направи ниту еден чекор, не само што не направи ниту една реформа, не само што не ги донесе европските стандарди тука, туку нè врати цела деценија назад. Нè врати во времето на Никола Груевски, во времето на заробената држава, во времето на комплетна изолација и уништен стандард за граѓаните. Ги осиромашивте граѓаните, ги пониживте граѓаните, ги поништивте земјоделците. Со право македонската јавност и македонскиот народ коментираат дека ова е најкатастрофалната влада во поновата историја на Република Македонија“, рече пратеникот на СДСМ Миле Талески.

    Независниот пратеник Миле Цеков, кој ја напушти ЗНАМ, од собраниската говорница кажа дека партијата ги изневерила очекувањата на граѓаните, наведувајќи дека партијата не останала доследна на принципите и ветувањата со кои настапила пред изборите. Според него, суштинскиот проблем е што граѓаните биле изневерени.

    Пратеникот на Левица Борислав Крмов рече дека од реконструкцијата, најмногу ќе изгуби политичката партија ЗНАМ, која го губи секторот правда, а „ВРеди“ ќе излезат посилни затоа што добиваат ресор плус. Со давањето на секторот правда на „Вреди“, според Крмов, се отвара можноста правосудниот испит да се полага и на албански јазик, а со тоа на долг рок правосудството ќе стане двојазично.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира