СУДИИТЕ ОД КРИВИЧНИОТ СУД ГИ ПОКЛОПУВААТ ТЕРМИНИТЕ ЗА СУДЕЊА, СЕ ОДЛАГААТ ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО

    СУДИИТЕ ОД КРИВИЧНИОТ СУД ГИ ПОКЛОПУВААТ ТЕРМИНИТЕ ЗА СУДЕЊА, СЕ ОДЛАГААТ ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈОПоранешниот министер Миле Јанакиески е обвинет во ТНТ и во Насилство во Општина Центар, и двата предмети на СЈО, и мора да присуствува на двете судења, кои што денеска беа закажани истовремено. (Фото: СДК.МК)

    Најстариот предмет на Специјалното обвинителство за насилствата и шамарите во Oпштина Центар по нарачка на Никола Груевски и Миле Јанакиески пак се одложи зашто судијата Душан Јосифовски, кој го води овој предмет, и судијата на ТНТ Огнен Ставрев, ги закажале двете рочишта во ист термин.

    И обајцата знаат дека Миле Јанакиески е обвинет и во двата предмета и мора да присуствува на судењата.

    Претходно, ова се случуваше со судењето за нападот во Собранието на 27 април, што го водеше судијката Добрила Кацарска и „Титаник“, со кој претседава судијата Осман Шабани, кои ги закажуваа термините во исто време. Мунир Пепиќ е обвинет во двата случаја, па поради некоординација на судиите, „Титаник“ постојано се одлагаше.

    Не е познато дали судиите од Основниот суд Скопје 1 комуницираат на колегиум за поклопувањето на термините поради што доцни правдата и се трошат буџетски средства со развлекувањe на судските процеси на ваков начин и што презема претседателот на судот Иван Џолев за ваквата судска неефикасност.

    Патем се кршат и правата на обвинетите, кои за секое појавување на адвокатите на рочиште, без оглед дали тоа ќе се одржи или одложи, им плаќаат по околу 10.800 денари, без пресметан ДДВ. САКАМДАКАЖАМ.МК од обвинетите во предметот дознава дека дел од нив, поради тоа што биле со ниски примања, со адвокатите склучиле договор да им се одбива по 3.000 денари месечно.

    „Долговите нараснаа толку многу, што ќе ги плаќаме целиот живот”, вели обвинет.

    На последниот редовен брифинг со новинарите, Џолев на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали сите судења во овој суд се развлекуваат вака како предметите на СЈО, тој одговори: „Судењата за поднесените обвиненија од Специјалното обвинителство дури и брзо се одвиваат во споредба со останатите“.

    На денешното рочиште, пред да се одложи, обвинетиот Александар Трајковски кој беше во посета на избеганиот обвинет и осуден Никола Груевски во Будимпешта, му покажа на судот фотографии од Вибер комуникација што му ги испратил обвинетиот Игор Бошковски од сообраќајка што наводно ја имал во Србија. Судот треба да ја провери веродостојноста на известувањето по Вибер.

    Следното рочиште за насилствата и шамарите во Центар кое се влече над 2 години, е закажано за 5 јуни 2019 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира