СУДИЈКИТЕ ЛАЛИЧИЌ И КОСТОВА РАБОТЕЛЕ ЗА МИЈАЛКОВ, ВАНГЕЛОВСКИ И ЗАФИРОВСКА ЗА ГРУЕВСКИ, ЈАНЕВА ОБЈАВИ ПОСЕБЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА СУДСКИТЕ УЈДУРМИ СО ВЛАСТА

    СУДИЈКИТЕ ЛАЛИЧИЌ И КОСТОВА РАБОТЕЛЕ ЗА МИЈАЛКОВ, ВАНГЕЛОВСКИ И ЗАФИРОВСКА ЗА ГРУЕВСКИ, ЈАНЕВА ОБЈАВИ ПОСЕБЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА СУДСКИТЕ УЈДУРМИ СО ВЛАСТАПокрај јавно објавените прислушувани разговори, за овие, но и за други судии СЈО поседува и други докази и прислушуван материјал за влијание врз судии и работење по инструкции на високи партиски функционери. - Јанева во Собранието (Фото: СДК.МК)

    Јово Вангеловски, како претседател на Врховниот суд, во прислушуваните разговори изнесувал информации за судски предмети, интервенирал за предмети кај судии, работел непрофесионално по инструкции на високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ, а Александра Зафировска, член и поранешен претседател на Судскиот совет, со експремиерот Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, со министрите за правда од ДУИ и со Сашо Мијалков го местела изборот на судии, изнесува детали специјалната обвинителка Катица Јанева во посебниот извештај што СЈО го објави денеска.

    Од бомбите што ги преслушало ова обвинителство, Јанева ги истакнува за нестручно и несовесно работење, како и за недолично однесување како судии и поранешните соработнички на Мијалков во УБК судијките Софија Лаличиќ и Светлана Костова. Костова и како избрана управна судијка, продолжила да работи за нејзиниот шеф Мијалков.

    Јанева вели дека покрај јавно објавените прислушувани разговори, за сите овие, но и за други судии поседува и други докази и прислушуван материјал за влијание врз судии и работење по инструкции на високи партиски функционери. Во детали ја опишува нефункционалноста на Судскиот совет.

    Таа итно бара од Собранието да ја измени законската регулатива за разрешување не само на овие и други судии кои немаат интегритет и кои работат непрофесионално, а за кои има докази во прислушуваните разговори, туку и на Судскиот совет. Бара и уставни измени за да може Македонија да добие функционален Судски совет од кого ќе почнат судските реформи, измени на Законот за судови за критериумите за тоа кој може да биде член на Судскиот совет.

    „Зафировска, според објавените и необјавените телефонски комуникации со високи функционери во Владата, со своето постапување не само што не го спречила политичкото влијание во судството, туку напротив, ширум ја отворила вратата овозможувајќи и на тогашната владејачка политичка партија да ги земе во целост под своја контрола институциите на судскиот систем преку нарачани и договорени избори на судии, директно интервенирање во носење на судски одлуки, корупција, реваншизам и воопшто со еден збор политизирање на сите сегменти на судската власт. Од доказите со кои располага ова Јавно обвинителство, особено телефонските разговори на Александра Зафировска, во периодот од 2011 година до 2013 година, произлегува дека додека ја вршела функцијата претседател на Судски совет, била во постојана координација со извршната власт. Зафировска, Премиерот на Владата, министерот за правда, министерот за внатрешни работи и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање одлучувале за избор на „подобни“ судии и разрешување на „неподобни“ судии, стручните соработници ги бирале според партиски списоци, ја менаџирале работата на судовите, интервенирале во судски постапки итн.“, се наведува во посебниот извештај.

    „Сознанијата до кои дојде ова Јавното обвинителство при своето тековно работење, на кои секако се надоврзува јавно објавениот разговор меѓу Јово Вангеловски како претседател на Врховниот суд и Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, како и необјавени разговори остварени од страна на Јово Вангеловски во 2011 и 2012 година покажуваат непрофесионално и несовесно извршување на функцијата претседател на Врховниот суд на Република Македонија, на начин што истиот во повеќе наврати на свои соговорници им изнесувал информации од судските постапки кои се водат пред Врховниот суд, интервенирал кај други судии за предметите и давал сугестии за постапувањето“, се осврнува Јанева и на поврзаноста на Вангеловски и неговото слугување на врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

    Покрај злоупотребите на службената положба и овластувањата на Зафировска и на Вангеловски, СЈО го истакнува и недостоинственото, како што вели, вршење на судиската функција на Софија Лаличиќ, грубо кршејќи го Кодексот на судиската етика. СЈО според бомбите, го објаснува наместениот избор на блиската соработничка на Мијалков.

    „Нејзините конекции со извршната власт не завршуваат со изборот за судија, туку напротив уште повеќе се интензивираат во насока која претставува флагрантна повреда на независноста на судството и злоупотреба на угледот на судиската функција. Задоволување на приватни интереси и интереси на нејзини блиски луѓе, интервенции и ургенции од секаков карактер, споделување информации и сознанија до кои дошла при вршење на функцијата за цели кои не биле поврзани со судиските должности, запознавање на трети лица со внатрешните состојби и односи во судот во кој вршела должност, недостоинствено однесување во личните и социјални односи и дозволување истите да влијаат на несоодветен начин во нејзиното однесување при вршење на функцијата се само дел од начините на кои била користена моќта која ја носи судиската функција. За судија Лаличиќ судиската функција значела сè освен тоа што е нејзиното вистинско значење – привилегија да се служи на заедницата преку улогата на делење на правдата согласно законите и еднаквоста на сите граѓани вклучително и себе си пред Уставот и законите во Република Македонија“, наведува Катица Јанева.

    Доказите со кои располага обвинителството, се вели во извештајот, особено смс комуникацијата и телефонските разговори остварени од страна на Светлана Костова во периодот од 2011 година, на повеќе теми и со повеќе лица, го наметнуваат прашањето за инкомпатибилност на судиската функција со вршење на друга јавна функција, работа или дејност.

    „Според нејзината професионална биографија објавена на Судскиот портал на Вишиот управен суд на Република Македонија, во периодот од 2005 година па сè до нејзиното заминување во 2011 година, Светлана Костова е на позиција началник на Сектор за менаџмент и едукација во УБК. Во периодот од избор за судија во Виш управен суд во март 2011 година, па сè до стапувањето на функција на 01.07.2011 година, според податоците од Агенцијата за вработување, Костова продолжува со работа во МВР. Телефонските комуникации остварени од страна на судија Светлана Костова во месец септември и октомври 2011 година, односно два до три месеци по нејзиното стапување на функцијата судија на Виш управен суд, покажуваат дека таа продолжила активно да учествува во дневните обврски на УБК, посредувала при состаноци и преземање на други работни задачи кои спаѓаат во делокругот на секојдневното работење на УБК. Фактот дека Светлана Костова паралелно извршувала работни задачи и како судија и во Управата за безбедност и контраразузнавање несомнено го доведува во прашање како нејзиниот личен интегритет, така и институционалната независност на судиската функција“, ги опишува Јанева повредите на овие судии и бара органите на државата да интервенираат.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира