ОДБРАНАТА НА ГАЗДАТА НА „ПУЛС” СПОРИ ДЕКА ИМАЛО ПОЛИУРЕТАНСКИ СУНЃЕР ВО ОБЈЕКТОТ, ВЕШТАЦИТЕ ЈА ПОТСЕТИЈА ДЕКА НЕГОВИТЕ ТРАГИ ВО ЦИЈАНОВОДОРОД ГИ НАЈДЕ СУДСКА МЕДИЦИНА И КАЈ ЖРТВИТЕ

    ОДБРАНАТА НА ГАЗДАТА НА „ПУЛС” СПОРИ ДЕКА ИМАЛО ПОЛИУРЕТАНСКИ СУНЃЕР ВО ОБЈЕКТОТ, ВЕШТАЦИТЕ ЈА ПОТСЕТИЈА ДЕКА НЕГОВИТЕ ТРАГИ ВО ЦИЈАНОВОДОРОД ГИ НАЈДЕ СУДСКА МЕДИЦИНА И КАЈ ЖРТВИТЕНа судењето, роднините на загинатите деца реагираат бурно од место, како за развлекувањето на времето, така и дека по стоти пат мора да поминуваат низ истите кажани факти. (Фото: СДК.МК)

    Маријана Лазаревска, вештак за градежното вештачење во тимот на Горан Марковски од Градежниот факултет, одговараше на вкрстени прашања од адвокатката на првообвинетиот Дејан Јованов, газдата на кочанската дискотека „Пулс”, во која поради само една врата за излез и особено поради составот на леснозапаливите и отровни материјали со кои го завиткал диското, од мал пожар кој набрзина разви 800 степени целзиусови, загинаа 63 млади животи, а над 220 беа повредени.

    „Повторно селективно читате прописи, поставувате трипати одговорени и елаборирани прашања, од вештачењата гледате сунѓери по боја, а не читате за составот на полиуретанскиот сунѓер што сме го утврдиле”, реагираше Лазаревска на прашањата на адвокатката на денешното судење во Идризово за пожарот.

    На моменти заличи на малтретирање на сведокот, но судијката ги дозволи прашањата како законско право на одбраната, со постојано опоменување и од неа дека се поставуваат веќе одговорени прашања.

    Околу бојата на сунѓерот, што од непознати причини беше важно за адвокатката на Јованов, се вклучи и Горан Марковски.

    „Основа за нашето тврдење, што има поставено на таванот беа форензичките вештачења и оние на Институтот за судска медицина и на ПМФ. Специфично, за овој материјал, конкретно сунѓерот, е што при согорување тој ослободува јаглерод моноксид и цијанид, а знаеме во кои историски моменти се користел цијанид”, потсети професорот дека Хитлер користел цијанид за да убива луѓе во гасни комори.

    За тоа време роднините на загинатите деца реагираат бурно од место, како за развлекувањето на времето, така и дека по стоти пат мора да поминуваат низ истите кажани факти.

    Вкрстеното испрашување продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира