НЕ МОЖЕМЕ ДА СТАСАМЕ НА РЕД ДА СЕ ПРЕГЛЕДАМЕ, КОВИД АМБУЛАНТИТЕ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ЗАТРУПАНИ СО ПАЦИЕНТИ

    НЕ МОЖЕМЕ ДА СТАСАМЕ НА РЕД ДА СЕ ПРЕГЛЕДАМЕ, КОВИД АМБУЛАНТИТЕ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ЗАТРУПАНИ СО ПАЦИЕНТИУтрово пред ковид амбулантата на болницата „8 Септември“ чекаа за преглед педесетина пациенти. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ковид амбулантите во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје се преполни со пациенти кои последниве неколку дена чекаат со часови да бидат прегледани. Откако бројките на новодијагностицирани со коронавирус се во пораст, зголемен е и притисокот на Инфективната клиника во Скопје. Главно станува збор за пациенти позитивни на ковид-19 на кои не им треба хоспитализација, но им е влошена клиничката слика и имаат потреба од дополнителни испитувања како лабораторија, рентген снимка и следење на состојбата со соодветна терапија од интернист.

    Матичните лекари од Скопје со итен упат ги праќаат болните во болницата „8 Септември“ за да бидат прегледани од интернист врз основа на направената крвна слика и рентген. Покрај новите пациенти кои се дојдени за прв преглед, на исто место чекаат и болни кои доаѓаат на контрола, кои се следат дали им е влошена состојбата и дали евентуално им треба хоспитализација.

    Според податоците што редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК ги доби од другите градови, проблем има само во Скопје бидејќи притисокот е врз болницата „8 Септември“ што е единствен тријажен центар за цел главен град. Во другите градови, како што јавуваат нашите дописници, иако има зголемен број новозаразени, нема големи гужви бидејќи станува збор за помал број жители, а болниците засега можат да одговорат на потребите.

    Утрово редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК беше пред ковид амбулантата на болницата „8 Септември“ каде на дождот чекаа педесетина пациенти. Дел од нив ни изјавија дека со часови, со зголемена температура и премалени чекаат најпрво да бидат примени, а потоа да им се изврши преглед и потребните анализи.

    „Земав бројче и 31. сум по ред. Поминаа два часа, а досега се прегледани само осум пациенти пред мене“, ни изјави пациентка од Скопје.

    „Велат дека голем број од смртните случаи предизвикани од ковид-19 се поради тоа што пациентите доцна се јавуваат на лекар. Па како да се јавиме навреме кога е вистински хаос. Со влошена клиничка слика, со висока температура, треска и премаленост со саати чекаме најпрво надвор на отворено, па потоа и внатре за преглед“, вели пациент кој вчера побарал лекарска помош во ГОБ „8 Септември“, откако пред тоа во саботата навечер не успеал да дојде на ред во Ургентниот центар и си се вратил дома.

    Од 18 јануари, со термин закажан од матичен лекар испитувања на вредностите на Д-димери и ЦРП се прават во скопските поликлиники „Јане Сандански“, „Бит Пазар“ и „Драчево“, но за овие анализи кои се важни во следењето на здравствената состојба на ковид пациентите термини има само од 11 до 12 часот. Директорот на Здравствен Дом Скопје д-р Виктор Исјановски вели дека капацитетите во сите три поликлиники се вкупно 90 вакви анализи дневно, по 30 пациенти во секоја, оти имаат притисок и од здравите пациенти.

    Поради малиот број термини на државно, голем број ковид болни мора овие крвни анализите да ги прават на приватно, што чини по 1.500 денари за една, а во текот на боледувањето треба да се направат барем 3 за пациент.

    Матичните лекари кои ги контактираше САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека проблемот настанува бидејќи сите болни од Скопје се праќаат само на едно место за преглед и за понатамошно следење на состојбата. Потребно е велат тие да се отворат повеќе ковид амбуланти во поликлиниките низ градот каде има рентген апарати и лабораторија, а во „8 Септември“ и на Инфективна клиника да се праќаат потешките случаи на кои евентуално би им требало хоспитализација.

    „Пациентите кои не се за хоспитализација, а имаат симптоми се оставени сами на себе. Прават крвна слика приватно, но ние не можеме да ги третираме кога ќе ни дојдат со зголемени дедимери. Во Трансфузиологија не ни дигаат телефон, ние не сме стручни да третираме зголемени Д-димери. Треба да ги прегледа интернист, да им препише клексан или друга терапија. Но, термини нема, сите ги праќаме со итен упат, најчесто во „8 Септемеври“ оти оваа болест не е за чекање. Може преку ноќ да им се влоши состојбата и да заврши не дај боже со смрт“, вели матичен доктор од Скопје кој вели дека последниве денови води дваесетина новодијагностицирани ковид пациенти.

    Директорот на ГОБ „8 Септември“ Христијан Костов вели дека притисокот се зголемува. Само во понеделникот биле прегледани 230 ковид пациенти, а 80 во моментов се хоспитализирани и сите се на кислородна поддршка.

    „Отворивме 4 амбуланти. Само во понеделникот во амбулантите беа примени и прегледани 150 пациенти, а во тријажниот центар уште 80. Сите доаѓаат кај нас – тешките случаи од цела држава и цело Скопје“, вели Костов.

    Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 43 нови пациенти, а во Скопје лежат 353 лица. На Инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава вкупно лежат 899 и има околу 330 празни болнички кревети.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира