МВР ја укина задолжителната обврска на возачите кои мораа уплатниците за платените сообраќајни казни од системот „Безбеден град“, да ги носат и покажат во најблиската полициска станица како доказ дека платиле, затоа што МВР не било дигитално поврзано со Министерството за финансии.
„Министерството за внатрешни работи (МВР) ги информира граѓаните дека потврдите за платените сообраќајни санкции од системот ‘Безбеден град’, кои ги извршиле во банка или електронски, не треба да се доставуваат во полициска станица. Системот е автоматски поврзан со тој на Министерството за финансии, што овозможува евиденција на извршените уплати без потреба од дополнителна административна постапка од страна на граѓаните. При уплата, граѓаните се должни, без разлика дали таа е извршена во банка или електронски, внимателно да ја пополнат уплатницата согласно правната поука од записникот. Особено е важно точно да се внесе единствениот број од записникот во полињата ‘повикување на број‘ и ‘цел на дознака‘ во уплатницата“, се вели во соопштението од полицијата.
Покрај уплатницата како доказ, граѓаните беа должни да го отпечатат и да го однесат и записникот кој патем претходно електронски се добива, по мејл.
За казнување, МВР е совршено дигитализирано. Автоматски записникот за сторен прекршок се пополнува со лични податоци кои ги има полицијата за сите граѓани, како и и-мејл адресите. Казната стигнува многу брзо и дигитално. Казнувањето беше рачно, со малтретирање на граѓаните да мора да ги носат записникот и уплатниците по полициски станици, да чекаат ред и службениците да направат копии од доказите, во хартиена форма. Патем, да изгубат цел (работен) ден за задолжителната рачна обврска, за што САКАМДАКАЖАМ.МК минатата недела имаше репортажа.
С. К. ДЕЛЕВСКА



