УШТЕ НЕ Е КРЕНАТ СТЕПЕН НА СОМНЕВАЊЕ ЗА ЕКСПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ И ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ВЛАДАТА ДИМОВСКИ ШТО ГИ ПРИЈАВИ МВР, СЕ ИСПИТУВА И НИВНА ВМЕШАНОСТ ВО „ЛОТАРИЈА“, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    УШТЕ НЕ Е КРЕНАТ СТЕПЕН НА СОМНЕВАЊЕ ЗА ЕКСПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ И ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ВЛАДАТА ДИМОВСКИ ШТО ГИ ПРИЈАВИ МВР, СЕ ИСПИТУВА И НИВНА ВМЕШАНОСТ ВО „ЛОТАРИЈА“, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТОЗасега Ковачевски е осомничен само од МВР (Фото: СДК.МК)

    Меѓу пријавените од Министерството за внатрешни работи (МВР) за проневера на пари на граѓаните во „Државната лотарија на Македонија“, се и експремиерот Димитар Ковачевски, како и Методија Димовски, последниот генерален секретар на Владата пред да дојде Игор Јанушев.

    Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на прес-конференција денеска не го посочи директно Ковачевски, но рече: „Постапивме по кривична пријава добиена на 13 декември од Одделот за организиран криминал, а којашто е поднесена против осум физички лица, од кои едниот е поранешен премиер, другиот е вицепремиер, против директор на правно лице и поранешен генерален секретар“.

    Обвинителството ги потврди информациите дека во акцијата за откривање на проневерата на над 8 милиони евра од ексдиректорот на „Државна лотарија“ Прпарим Бајраи, кадар на ДУИ, и од неговиот партиски шеф поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, МВР поднело кривична пријави и против поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски, кој дојде после обвинетиот Мухамед Зекири.

    „За експремиерот се проверуваат индициите и доказите на МВР проследени со пријавата. Сè уште во Обвинителството не е кренат степен на сомневање за пријавениот поранешен премиер и за поранешниот генерален секретар на Владата“, ни рекоа од Обвинителството.

    За уште четири лица е поведена постапка за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик. Тие се членови на комисија за јавни набавки на „Лотарија“.

    Врз основа на кривични пријави од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Управата за финансиска полиција, била спроведена предистражна постапка во рамките на која биле преземени повеќе дејствија, а утрово, врз основа на судски наредби, биле извршени претреси на девет локации во Скопје и во Кумановско, со цел обезбедување докази за потребите на постапката. Претресите ги вршеле припадници на МВР, под раководство на надлежни јавни обвинители.

    Груби се сомничи дека ја држел седницата во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“ на Република Северна Македонија и донел одлуки, дал лиценци место Управниот и Надзорниот одбор на „Лотарија“.

    „Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа ‘Државна лотарија’ на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво. Првоосомничениот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор – Генерален директор на ‘Државна лотарија’, додека второосомничениот презел дејствија во својство на одговорно лице – претседавач со седница на Влада одржана во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа ‘Државна лотарија на Република Северна Македонија’“, соопшти без многу детали Скопското обвинителство.

    Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повика, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови.

    Тошковски денеска го повика Груби да дојде од приватниот пат во Косово, ветувајќи му правда и лична безбедност, а дека постапката ќе биде согласно законите. Тој кажа и дека кривична пријава е поднесена и против поранешен премиер и генерален секретар.

    „Десет минути пред да пристигне полицијата тој добил информација и побегнал. Тоа е катастрофално и за тоа мора некој да одговара“, рече Тошковски.

    Веќе извесно време не е во земјава и Прпарим Бајрами, постојат сомнежи дека е во Косово.

    Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби минатата недела беше ставен на „црната листа“ на САД поради наводи за значителна корупција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира