ВЛАДАТА ЌЕ ДАДЕ 1,7 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ПАВИЛЈОН НА ЕКСПО 2027 ВО БЕЛГРАД, ДОГОВОРОТ ГО ДОБИ СКОПСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ „ЈАВНА СОБА“ 

    ВЛАДАТА ЌЕ ДАДЕ 1,7 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ПАВИЛЈОН НА ЕКСПО 2027 ВО БЕЛГРАД, ДОГОВОРОТ ГО ДОБИ СКОПСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ „ЈАВНА СОБА“ ЕКСПО 2027 Белград ќе се одржи од 15 мај до 15 август 2027 година и за првпат оваа меѓународна изложба се одржува на Западен Балкан. (Фото: СДК.МК)

    Владата склучи договор вреден 1,7 милиони евра за осмислување и реализација на саемско претставување на Македонија на ЕКСПО 2027 во Белград, Србија, со здружението за културен и економски развој и поврзување „Јавна соба“ од Скопје, чиј претседател е Александар Велиновски. Договорот склучен на 9 јули 2025 е во вредност од 106.044.240 денари или 1.724.297 евра, а го склучил Генералниот секретаријат на Владата претставуван и застапуван од генералниот секретар Игор Јанушев, според објавениот документ на сајтот Јавни набавки.

    Здружението „Јавна соба“ стои зад истоимениот мултифункционален културно-угостителски простор во центарот на Скопје, а меѓу проектите од културата повеќе години ја реализираше и манифестацијата Недела на дизајнот.

    Според договорот, склучен како најповолна понуда и треба да трае најмногу 30 месеци, „Јавна соба“ треба да го осмисли и изведе комплетното саемско претставување на Македонија на ЕКСПО 2027, од дизајн на лого за македонскиот павилјон, преку архитектонски решенија, визуелни инсталации, видеоспотови, закуп на медиумски простор во српските медиуми, престој на 7 обучени промотери во текот на 4-те месеци, свеченото отворање и натамошната културна програма, видеодокументирање на павилјонот и слично.

    ЕКСПО 2027 Белград ќе се одржи од 15 мај до 15 август 2027 година и за првпат оваа меѓународна изложба се одржува на Западен Балкан. Според организаторите, 117 земји официјално потврдија присуството на ЕКСПО 2027, а се очекува дека во текот на 93 дена од изложбата, во Белград ќе дојдат над четири милиони посетители. Домаќин на претходната ЕКСПО во 2017 беше Астана, главниот град на Казахстан.

    Според официјалната презентација, ЕКСПО е глобален настан што ги обединува земјите од целиот свет за заеднички да одговорат на актуелните предизвици на човештвото и да истражат иновативни решенија. Првата ваква светска изложба се одржа во Лондон во 1851.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира