Во 2028 година се очекува да биде готов новиот Генерален урбанистички план (ГУП) за Град Скопје. Иако важноста на постојниот план беше до 2022, во мандатот на ексградоначалничката Данела Арсовска постапката за носење на нов ГУП беше закочена. Постапката за носење на новиот ГУП 2022-2023 почна во 2020 кога градоначалник беше Петре Шилегов и беше склучен договор помеѓу Министерството за транспорт и врски, Град Скопје и Агенцијата за планирање на просторот. Но, во мандатот на Арсовска не беше ништо преземено за продолжување на постапката за да може да се донесе новиот урбанистички план за градот.
Како што велат од кабинетот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, со неговото доаѓање на функција овој процес е откочен и очекуваат новиот ГУП да биде донесен во 2028.
„Клучната пречка за продолжување на постапката е недовршеното сообраќајно решение, односно транспортниот модел на градот, кој претставува задолжителен аналитички инструмент за дефинирање на примарната сообраќајна инфраструктура, транспортните коридори и сценаријата за развој. Изработката на моделот е прекината поради необезбедени податоци од пописот во 2021, обработени по транспортни зони од страна на Државниот завод за статистика. Дополнителна системска пречка е неактивирањето на планската програма за ГУП-от. Иако програмата е изработена во 2022, истата не е внесена во информацискиот систем Е-урбанизам и не е ставена во постапка за одобрување од страна на градоначалникот. Согласно член 22 од Законот за урбанистичко планирање, постапката за донесување на генерален урбанистички план формално започнува со одобрување на планската програма, што значи дека правно-процедуралниот дел од процесот сè уште не е активиран“, велат од Град Скопје.
- НОВИОТ ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН ЗА СКОПЈЕ УШТЕ Е НА ПОЧЕТОК, УРБАНИСТИТЕ ВЕЛАТ И ВГОДИНА ЌЕ СЕ ПЛАНИРА СПОРЕД СТАРИОТ
-
ШИЛЕГОВ ЌЕ ЈА БРИШЕ ЈУЖНАТА ОБИКОЛНИЦА НА ВОДНО СО НОВИОТ ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН
Понатаму, како што велат од Градот, изработката на Стратегиската оцена на влијанието врз животната средина е стопирана, бидејќи оваа постапка може да се спроведе единствено врз основа на изработен нацрт-план. Документационата основа, иако завршена во 2022 година, е засегната од значителни промени во реалните параметри на просторот, па е потребно целосно ажурирање на податоците, за да се обезбеди валидна аналитичка основа за понатамошното планирање.
„Во изминатиот период, новата градска управа спроведе длабинска анализа на состојбата, со цел да се утврдат сите административни, технички и институционални пречки кои го блокирале процесот. Во рамките на анализата беа одржани повеќе работни состаноци со Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за планирање на просторот и релевантни експерти од областа на урбанистичкото планирање, транспортното моделирање и заштитата на животната средина. Склучен е договор со Државниот завод за статистика за обезбедување на податоците од пописот во 2021 по транспортни зони, неопходни за финализирање на транспортниот модел, активирана е постапката за одобрување на планската програма и за нејзино внесување во системот Е-урбанизам и склучени се анекс договори со Агенцијата за планирање на просторот и со изработувачот на сообраќајното решение, со цел ажурирање на документационата основа и продолжување на изработката на нацрт-планот“, објаснуваат од Град Скопје.
Од Градот велат дека визијата на новото раководство е насочена кон воспоставување одржлив, модерен и балансиран урбан развој кој ќе стави крај на неконтролираната урбанизација и ќе обезбеди подобар квалитет на живот за сите граѓани. Во таа насока, Градот во партнерство со УНДП веќе работи на проектен документ кој ќе овозможи изработка на 20-годишна визија за развој на Скопје, документ кој ќе ги постави стратешките насоки за просторно, инфраструктурно и економско планирање до 2045 година. Во неговата изработка, покрај домашната експертска јавност, ќе бидат вклучени и меѓународно етаблирани факултети и експерти, невладини организации, граѓански здруженија и други засегнати страни.
А. АНТЕВСКА



