ВО НАРЕДНИВЕ 10 ДЕНА СОБРАНИЕТО НЕ МОЖЕ ДА ОДРЖИ СЕДНИЦА ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ ПОРАДИ БУЏЕТОТ

    ВО НАРЕДНИВЕ 10 ДЕНА СОБРАНИЕТО НЕ МОЖЕ ДА ОДРЖИ СЕДНИЦА ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ ПОРАДИ БУЏЕТОТНа протестот пред Собранието на 7 јули беа запалени портретите на пратениците од владејачкото мнозинство. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Најрано идниот викенд, во недела, а можеби ни тогаш, ќе се закаже собраниска седница за расправа по Информацијата од Владата за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, предложена од Франција на 30 јуни.

    Иако пратениците очекуваа претседателот на Собранието Талат Џафери да закаже седница денеска, а да продолжи и заврши задутре, бидејќи утре е муслимански верски празник, сепак тоа не се случи. Од понеделник почнува петдневна расправа за ребаланс на Буџетот, кога треба да заврши до петок на полноќ. Во принцип, дотогаш не може да се уфрлуваат други собраниски седници, но претседателот на Собранието Џафери денеска остава резерва да ја прекине седницата за буџетот, ако има потреба.

    Според пратениците, по пет дена целодневна расправа и во петок до полноќ, невозможно е да се продолжи да се работи во сабота, за волку важна тема како што е Информацијата од Владата за францускиот предлог за тргање на ветото од Бугарија. Пратениците треба да донесат заклучоци, од кои потоа оваа и наредните влади ќе мора да се раководат во преговорите во иднина, а ќе бидат за идентитетската, културна и историска посебност на македонскиот народ.

    Џафери вели дека во понеделник ќе ги свика координаторите на пратеничките групи во присуство на вицепремиерот Бојан Маричиќ, за да се усогласат кој ден тој да закаже седница по изгласувањето на ребалансот на Буџетот.

    Пратениците од власта велат дека ЕУ ќе го чека процедуралниот пат на Предлогот, бидејќи Буџетот има предност.

    Пратениците од опозицијата, пак, денеска искажаа колку се незадоволни од односот на Владата, затоа што како што рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, таа на пратениците им испратила само една страничка, без придружните документи кои се суштински.

    Мицевски рече дека никогаш порано Собранието не било девалвирано на вакво ниско ниво и побара итно Владата да ги достави преведени на хартија и: Документот со заеднички став на ЕУ, Предлог-преговарачката рамка, Предлог-заклучоците на Советот на ЕУ и особено Билатералниот  протокол меѓу Македонија и Бугарија кој е усогласен.

    Џафери упатува дека сите документи се јавно достапни, има линкови и јавноста може да ги прочита.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира