Волкот кој синоќа беше фатен во скопската населба Козле бил чуван како домашен миленик и на себе имаше синџир и каивче, велат од Зоолошката градина.
По пријава од загрижени граѓани дека на булеварот Теодосиј Гологанов шета волк, на местото интервенираше МВР, а веднаш потоа пристигна и стручната служба од ЗОО Скопје и претставници од градот Скопје, а волкот беше успешно и безбедно заловен и однесен во градината, целат од Зоолошката градина.
„Во моментов волкот е безбедно транспортиран до градината, а ЗОО Скопје ќе го згрижи и ќе му обезбеди соодветна грижа и услови во иднина. Престојниот период ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица. За среќа, оваа ситуација заврши без последици, бидејќи станува збор за питомо и мирно животно, но уште еднаш апелираме и потсетуваме дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно. Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување“, велат од Зоолошката градина.
Од таму апелираат до граѓаните доколку забележат нелегално чување диви животни, тоа да го пријават до надлежните институции.
А. АНТЕВСКА



