Владата зема заем не само од Македонска навигација (М-Нав), туку и од Државна лотарија, МЕПСО за Јавното претпријатие за државни патишта, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
На новинарско прашање за што ќе бидат наменети средствата од М-НАВ за во Државни патишта, Мицкоски на настанот кај Момин Попок во Скопје одговори:
„Не се само од Македонска навигација. Таму имаме средства и од Лотарија, имаме средства и од МЕПСО и сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта. Средствата ќе бидат искористени за враќање на кредит кон кинеската банка за автопатите. И истите тие средства во август ќе бидат вратени на компаниите. Значи, се прави само вообичаена процедура којашто многупати во минатото се правела, така што во август месец тие средства ќе бидат вратени и кај М-НАВ, односно Македонска навигација, и кај Лотарија на Македонија, и кај МЕПСО“.
Со одлука што ја изгласала на седница на 14 јули, Владата зема заем од 7 милиони евра од Македонска навигација (М-НАВ). Тројцата директори, Владимир Ристески (претседател нa Управнит одбор на М-НАВ), Милан Кораќ и Фатмир Зимбери, на 17 јули ја потпишале одлуката за одобрување на краткорочна позајмица. Таа треба да се врати до 30 ноември 2026. Средствата се позајмуваат без камата.
Б. НЕСТОРОСКА



