ЈСП „Скопје“ почна со сервисирање на жичницата на Водно. Се врши темелна реконструкција на кабините, а моторот е пратен на репарирање.
Според договорот објавен на страната на Бирото за јавни набавки сервисирањето го врши производителот, австриската фирма „Допелмаер“ и ќе чини околу 850.000 евра.
Како што објави на својот фејсбук профил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се очекува сервисирањето да заврши во декември и жичницата после шест месеци пауза повторно да биде пуштена во употреба.
Жичницата на Водно не работи од мај годинава. Тогаш градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кажа дека 15 години откако е пуштена не бил направен сервис од производителот „Допелмаер“ и затоа има сериозни оштетувања кои може да доведат до трагедија.
Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст беше изградена во време на Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски и беше пуштена во употреба на 3 јуни 2011. Жичницата ја градеше австриската фирма „Допелмаер“ и чинише 6,7 милиони евра. Има 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две ВИП кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.
А. АНТЕВСКА



