Седумдесетина семејства во кумановската населба Карпош бараат Општина Куманово да има ја врати улицата, која пред повеќе од 5 години ја денационализирала државата, па тие останале во ќорсокак, без пристап до куќите и без единствениот излез кон главната улица во населбата и во градот. Улицата 172 поврзува шест-седум споредни улици, кои сега завршуваат во слепа улица. Жителите за да стигнат до нивните домови поминуваат преку приватно земјиште и секојдневно се соочуваат со големи проблеми.
„На оваа улица има 40-50 куќи, во некои куќи по 2-3 семејства, што значи дека над 70 семејства сме без пат. Не можеме да излеземе на магистралниот пат кој води кон Крива Паланка, а немаме друга опција за влез и излез. Јас имам три деца, во овие куќи има преку 50 деца, кои одат на училиште и поминуваат тука“, вели Христина Колев, жителка на оваа улица.
Плацевите во оваа населба во 1978 година им ги продала Општина Куманово на јавен конкурс. Тогаш во планот постоела вцртана улица со широчина од 9 метри на државно земјиште. Во 2015, Министерството за финансии издало одобрение имотот да се денационализира. Жителите воопшто не знаеле дека има таква постапка, ниту, пак, дека е донесено решение за да им се затвори улицата. Тие се сомневаат дека и некој во Општината замижал пред ваквата одлука, бидејќи сметаат дека тие морале да знаат што се случува со имотот на нивна територија.
„Ние не знаевме, а ниту, пак, некој од институциите има излезено на терен да изврши мерење. Да дојдеа, ќе видеа дека се работи за улица. Во изводот за катастарски парцели, кај што е промена на сопственик, ќе видите дека парцелите на кои се наоѓа улицата беа сопственост на Република Македонија, таму јасно пишува улица. Значи, некој или не ги погледнал воопшто документите пред да ја денационализира улицата, или намерно и свесно го заобиколил законот. Јас мислам дека второто е во прашање. Јасно стои во закон што може да се денационализира, а што не може“, додава Колев.
Граѓаните за приватизираната улица дознале случајно, кога побарале од Општината да им ја асфалтира. Состојбата ескалирала кога сопственикот поставил трупец на патот, а другиот жица за да не одат по негово земјиште. Сега поминуваат низ тесна патека низ која не може да влезе возило на Брза помош, ни Пожарна.
Жителите имале повеќе средби со локалните претставници и со градоначалникот, а организирале и неколку протести пред Општината. Повеќепати им било ветувано дека проблемот бргу ќе се реши, но засега безуспешно.
„Решение постои. Добра волја на градоначалникот и на неговата партија. Да одобри средства, да направат проект и да се реши во најскоро време. Не само да ветуваат, туку да направат нешто конкретно. Општината го создаде поблемот, не само овој градоначалник, туку и предходниот. Ама, некој мора да го реши. Од некаде мора да се почне“, вели Веле Крстевски.
Од Oпштина Куманово велат дека во буџетот за оваа година се предвидени средства за експропријација, согласно Планот на програмите за развој на Општина Куманово за 2021 година. Неофицијално, Општината му понудила на сопственикот да му го откупи земјиштето, но тој побарал нереална сума пари, која не одговарала на пазарната вредност и затоа не се договориле. Сега, целата постапка ќе оди по редовна процедура.
„Изготвена е проектна документација од страна на ЈП ‘Куманово план’, која е одобрена од Општина Куманово. Моментално тече постапката за пренамена на земјоделското во градежно земјиште, а потоа следува процесот на експропријација“, одговорија кусо во соопштението на Општината Куманово.
Жителите со резерва го прифаќаат ова ветување и велат дека пред секои избори за политичарите нивниот проблем е приоритет, а кога ќе дојдат на власт ги забораваат.
Сопственикот на спорното земјиште, вели дека и тој посакува што поскоро да се реши проблемот за да не се расправа со соседите, но подготвен е да продаде само половина од неговиот имот и предлага другиот дел да го даде газдата на другата парцела, бидејќи патот поминува многу блиску до неговиот деловен објект и му се оштетува од тешките возила.
Кумановската населба Карпош е една од шестте приградски населби во Куманово, кои веќе осум години се диви населби, со недефиниран статус, бидејќи не се села, а не можат да бидат ни градски населби затоа што ги нема во Генералниот урбанистички план (ГУП). Во населбата живеат над 10.000 жители и се наоѓа на 3 километри од Куманово. Општина минатата година започна со изработка на новиот ГУП. По носење на Генералниот план, за неколку години ќе се создадат услови за носење нови Детални урбанистички планови, коишто ќе го дефинираат и тој плански опфат.
С. НИКОЛИЌ