БОЛНИ И ИЗНЕМОШТЕНИ СОПРУЖНИЦИ ОД СИРОМАШТИЈА ОРААТ СО МАГАРЕ И БЕРАТ ШИПИНКИ ЗА ДА КУПАТ СОЛ И ШЕЌЕР

БОЛНИ И ИЗНЕМОШТЕНИ СОПРУЖНИЦИ ОД СИРОМАШТИЈА ОРААТ СО МАГАРЕ И БЕРАТ ШИПИНКИ ЗА ДА КУПАТ СОЛ И ШЕЌЕРСопружниците Радован и Борјанка Димковиќ од планинското село Алгуња се тешко болни, а немаат пензија ни социјална помош. (Фото: СДК.МК)

Во невидена беда и сиромаштија живее семејството Димковиќ од планинското село Алгуња, во маалото Татариновац, кое се наоѓа во Општина Старо Нагоричане на самата македонско-српска граница. Сопружниците Радован (63) и Борјанка (67), имаат сериозни здравствени проблеми, а немаат пензија ни социјална помош. Минималните средства за егзистенција ги обезбедуваат со примитивен начин на обработка на земјата и берење шумски плодови во планината.

Радован не може да добие пензија затоа што нема работен стаж, а право на социјална заштита и социјална пензија не можат да стекнат затоа што имаат земјиште на свое име.

„Немам ниту еден ден работен стаж, додека бев млад работев како градежен работник на приватно. Сега веќе не сум способен за ништо. Со бабата сме многу болни, а не ни даваат социјално затоа што имаме земја, која не можеме да ја работиме. Немаме трактор, а ни пари да платиме некој друг да ни работи. Самите ораме со магаре, имаме и количка која тоа ја влече па со неа собираме сено, шума од пченка, носиме вода за кравата за да преживееме некако“, кажува Радован, кој го дига џемперот и ни го покажува израсток на стомакот со големина на топка, а вели дека има такви четири по телото. Поради боелста и тешко се движи, па се потпира на стапче.

Неговата сопруга Борјанка додава дека додека биле здрави не чекале никој да им помага, но сега кога ги стигнале годините и снагата попуштила, не се моќни сами да се справат со секојдневните проблеми. Таа пред неколку години преживеала мозочен удар и една година била врзана за кревет, но се опоравила колку за нејзини потреби.

„За ништо не не` бива, двајцата сме болни, еден ден ќе трпиме за леб. Тој има брух, јас исто. Треба да се оперираме, а немаме пари ни на лекар да отидеме. Не можеме да подигнеме ништо тешко. Одиме собираме шипинки, трнинки, по шумата, па ги продаваме за да купиме сол и шеќер“, додава ситната жена.

Како последица на сиромаштијата и болеста, времето во нивниот живот како да застанало во минатиот век. Во куќата немаат кујна ниту купатило. Куќата е стара и трошна, кровот протекува, плафонот на собата во која живеат е пукнати секој момент може да падне. Мебелот е оскуден и стар, додека шпоретот на дрва повеќе чади одошто грее.

Димковски живеат во трошна куќа што се распаѓа. „Самите ораме со магаре, имаме и количка која тоа ја влече па со неа собираме сено, шума од пченка, носиме вода за кравата за да преживееме некако“, кажува Радован, кој поради болеста и тешко се движи, па се потпира на стапче. (Фото: СДК.МК)

„Што ни фали?! Се`! Нема што не ни фали. Немаме ништо осве два железни кревети и еден скршен шифоњер. Куќата е распадната. Плафонот во собата само што не паднал, ќе не поклопи некој ден кога ќе почнат поголеми дождови и снегови. Шпоретот е изгорен, а немаме ни со што да се грееме. Собираме ѓубре затоа што немаме дрва“, разочарано вели Радован, со солзи во очите.

Овие беспомошни луѓе се препуштени сами на себе, брашно и другите најнеопходни продукти најчесто ги нарачуваат по возачите на комбито кое секојдневно вози до нивното село или соседите, бидејќи ретко одат во градот.

„Состојбата им е за никаде, нема кој да им помогне. Многу се мачат. Од нас бараат да им купиме кога нешто им треба, а кога немаат пари со колегата додаваме колку треба, помагаме, ама тоа не е решение, ниm им треба постојан приход, макар и минимален“, кажува еден од возачите кој го затекнавме во селото.

Сопружниците кажуваат дека повремено добиваат помош од Општина Старо Нагоричане и Црвен крст, најчесто во храна, ама тоа не е доволно да ги задоволи нивните секојдневни потреби.

Градоначалничката на Општина Старо Нагоричане Жаклина Јовановска, вели дека е запознаена со случајот, бидејќи на семејството му помагала лично и преку Општината, но тие не се моќни да направат ништо повеќе од тоа, затоа што сопружниците имаат законска пречка да остварат право на социјална заштита.

„Ние можеме да им дадеме еднократна парична помош и пакет со храна и тоа редовно го правиме. Но, Општината нема надлежност да им даде социјална помош или пензија. Единствена опција, на која ние им укажавме, за да остварат право на помош е да го подарат имотот на нивната ќерка, по што сопругата која што ги исполнува условите ќе се стекне со социјална пензија, друго решение нема“, вели Јовановска.

Овие двајца напатени и изнемоштени луѓе, апелираат до државата да најде начин да им помогне, а до сите хумани и добронамерни луѓе да им донираат шпорет и користен мебел, како и градежен материјал да ја поправат куќата, за полесно ја минат зимата, која во нивното планинско село е многу сурова и долга.

С. НИКОЛИЌ

 

 

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира