Министерството за труд и социјална политика молчи за случајот на монструмот од Кавадарци кој на жената и ископал гроб под креветот и врзана за креденец ја горел со пегла. Седум дена по обjaвувањето на овој случај, од Министерството не одговораат на прашањата дали и како и помогнале на жената која неколку пати во полиција го прјавила насилството.
Кабинетот на министерот Диме Спасов ги игнорираше прашањата поврзани со овој случај кои ги испративме на електронската адреса на неговата служба за информирање уште на 20 јуни.
Невладините организации, кои работат на спречување на семејно насилство и насилство врз жени, посочија дека и во овој случај клучна е улогата на Центарот за социјални работи во Кавадарци. Службеници од овој Центар имаат обврска да излезат на терен по секоја пријава на семејно насилство, да направат проценка на ризик и да преземат мерки за спречување на насилството.
Нејзе треба да и помогне истиот Центар кој во 2014 година не помогна кога поранешната сопруга на Тони Станоев пријавувала насилство кое заврши со убиство на нејзините мајка, татко и сестра.
Четворица вработени во овој Центар минатата година добија условна казна затвор оти не постапиле совесно по пријавите од сопругата на трикратниот убиец.
„Обвинетите лица примиле пријава од оштетеното лице за семејно насилство извршено врз неа и нејзините малолетни деца од брачниот другар. Во исто време, обвинетите од оштетената примиле и Барање со предлог за изрекување привремена мерка за заштита од семејно насилство и тоа: да не ја вознемирува, да не и се заканува, телефонски да не ја малтретира и да му се забрани приближување. Секој од обвинетите, во рамки на своите овластувања, не изготвил индивидуален план за работа, не водел листа за следење на работата, не извршиле посета во семејството, не составиле поединечен наод и мислење за процена на ризик со предлог заклучоци. Обвинетите како членови на стручен тим на одржана седница донеле заклучок да не се постапува по пријавата на оштетената поради што и не поднеле барање до судот за изрекување на бараните привремени мерки“, пишување во пресудата на социјалните работници.
И во случајот на жената горена со пегла, покрај заштита за нејзе, истиот Центар треба да овозможи заштита и на децата.
Приказната за жената што сопругот ја матретирал со врзување и горење со пегла прочитајте ја на следниов линк: