ДОКТОРКА ОД ШТИП ГИ ОСВОИ СИМПАТИИТЕ НА КУМАНОВЦИ СО ПОСВЕТЕНАТА ГРИЖА ЗА БОЛНИТЕ ОД КОРОНАВИРУС

    ДОКТОРКА ОД ШТИП ГИ ОСВОИ СИМПАТИИТЕ НА КУМАНОВЦИ СО ПОСВЕТЕНАТА ГРИЖА ЗА БОЛНИТЕ ОД КОРОНАВИРУСД-р Стојка Докузова е искусен лекар-специјалист по интерна медицина, но во иднина планира да се посвети на кардиологијата (Фото: СДК.МК)

    Кога изби најголемата криза со КОВИД-19 во Куманово, за овој град од Штип на помош замина докторката Стојка Докузова. Таа две недели поминала во Инфективното одделение во Кумановската болница, токму во периодот кога епидемијата во овој град доби на интензитет.

    Скромната докторка не сакаше многу да зборува за ова хумано работно патешествие, но дознавме дека иако е интернист, по налог на Клиничката болница во Штип прифатила да замине за Куманово. На крајот, задоволни од ангажираноста, стручноста и комуникативноста на д-р Докузова, персоналот и пациентите барале таа да не се враќа во Штип, туку да продолжи со работа во Куманово.

    „Секојдневно се донесуваа пациенти со тешка клиничка слика. Останатите по дадената терапија ги упатував на домашно лекување и во самоизолација и добро е што никој од нив не се врати назад со некакви компликации“, вели д-р Докузова. (Фото: Лична архива)

    Докузова вели дека ситуацијата во двете кумановски инфективни одделенија била алармантна. Имало неколку медицински лица во самоизолација, па затоа се јавила потреба од лекари од други градови. Во првата недела состојбата била мошне наелектризирана, зашто имало голем број пациенти и не се почитувале мерките надвор по улиците.

    „Морав прво самата да си обезбедам квалитетни заштитни средства затоа што отидов во средина каде што веќе имаше медицински кадар за кој подоцна се утврди дека е позитивен на коронавирус. Секојдневно се донесуваа пациенти со тешка клиничка слика. Останатите по дадената терапија ги упатував на домашно лекување и во самоизолација и добро е што никој од нив не се врати назад со некакви компликации“, вели Докузова.

    Кога се вратила во Штип, и таа се ставила во самоизолација, затоа што во Куманово била во контакт со заболени здравствени работници. По негативниот тест се вратила на работа во Интерното одделение.

    Стојка Докузова е искусен лекар-специјалист по интерна медицина. Сепак, нејзина определба е кардиологијата. Докузова моментално е при крај со докторските студии по клиничка медицина, отсек кардиологија.

    Вакви соработки помеѓу болниците во градовите низ Македонија биле пракса и порано, но до израз дојдоа токму сега, кога некои болници имаа десеткуван кадар поради коронавирусот.

    „Министерството за здравство донесе одлука за општа мобилност на медицинскиот кадар и заемна соработка. Така сега на Инфективното одделение во Штип работи докторка од Кочани. Таа им помага и на двајцата пациенти од овој град кои се хоспитализирани кај нас“, вели директорот на Клиничката болница во Штип Ален Георгиев.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари