ГАЗДАТА НА ПОРТАЛИТЕ ЗА ЛАЖНИ ВЕСТИ ПРОТИВ ЗАЕВ ДОБИ 130.000 ЕВРА ОД ДРЖАВАТА ЗА ДОКУМЕНТАРЕЦ

    ГАЗДАТА НА ПОРТАЛИТЕ ЗА ЛАЖНИ ВЕСТИ ПРОТИВ ЗАЕВ ДОБИ 130.000 ЕВРА ОД ДРЖАВАТА ЗА ДОКУМЕНТАРЕЦ

    Сопственикот и управител нa фирмата која лани, за време на изборната кампања пред изборите на 11 декември, регистрираше портали во Хрватска и Србија од кои се ширеа лажни вести против лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев, сега доби 130.000 евра државни пари за продукција на документарец.

    Според Централниот регистер, Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев е сопственик на Друштво за новинско издавачка дејност „Њу медиа ентерпрајз ДООЕЛ Скопје“ која во Хрватска и Србија ги регистираше домените за порталите за лажни вести и која е сѐ уште активна, а исто така е сопственик и на Друштво за производство на филмови, видеофилмови и телевизиска програма „Њу медиа 2016 ДООЕЛ Скопје“, која е продуцент на долгометражниот документарен филм „Гласови (Спомени за илинденците)“ што е поддржан со 8 милиони денари или 130.000 евра од Агенцијата за филм на последниот конкурс во 2016, а чии резултати беа објавени во почетокот на февруари.

    Порталот ALO.COM.HR бил регистриран на 15 ноември во Хрватска, а на ист ден и од истата ИП адреса во Србија е регистриран сосем ист портал под името SAZNAJEMO.RS. И на хрватскиот и на српскиот портал се објавени истите лажни вести против Заев (Фото: НОВАТВ)

    Порталот ALO.COM.HR бил регистриран на 15 ноември во Хрватска, а на ист ден и од истата ИП адреса во Србија е регистриран сосем ист портал под името SAZNAJEMO.RS. И на хрватскиот и на српскиот портал се објавени истите лажни вести против Заев (Фото: НОВАТВ)

    Филмот е поддржан од Агенцијата во категоријата Долгометражни документарни филмови од посебен интерес, а режисер ќе биде Исланѓанецот Сигурјон Ејнарсон, кој во 2010 го режираше документарцот „Името е име“ за спорот за името меѓу Македонија и Грција, во косценарио и продукција со американскиот лобист и поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ Џејсон Мико.

    Од Агенцијата за филм немаат податоци кој ќе биде сценарист на овој проект и дали повторно Ејнарсон ќе соработува со Мико, туку нѐ упатија да се обратиме до „продуцентската куќа ‘Њу медиа 2016’, односно до Ѓорѓи Поп Ѓорѓиев кој се јавува како управител, но и како контакт лице согласно доставената апликација во Агенцијата за филм“.

    На хрватскиот пребарувач на домени за порталот ALO.COM.HR стои дека корисник е фирмата Њу Медиа Ентерпрајз регистрирана Скопје (Фото: НОВАТВ)

    На хрватскиот пребарувач на домени за порталот ALO.COM.HR стои дека корисник е фирмата Њу Медиа Ентерпрајз регистрирана Скопје (Фото: НОВАТВ)

    Но на мобилниот телефон и на е-поштата на Поп Ѓорѓиев што ни ја дадоа од Агенцијата за филм никој не се јавува.

    Повеќе податоци за екипата и продукцијата побаравме и од режисерот Ејнарсон, кој во порака на Фејсбук вети дека ќе одговори најскоро што може, но повеќе од една недела нема одговор.

    Според Централен регистер, Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев од Берово е сопственик и управител на „Њу медиа ентерпрајз“ (Фото: НОВАТВ)

    Според Централен регистер, Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев од Берово е сопственик и управител на „Њу медиа ентерпрајз“ (Фото: НОВАТВ)

    Лани на 16 ноември, од извесен хрватски портал ALO.COM.HR почнаа да се шират текстови со насловите „Заев договарал поделба на Македонија во Швајцарија“, „Сѐ за Сорос: Владетел на светот и човек кој одлучува за нашите животи или обичен преварант?“, кои масовно се споделува во Македонија на социјалните мрежи и се цитираа во провладините портали и  телевизии. Текстовите на социјалните мрежи ги споделуваа членови и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ.

    Во истражувачки текст на 18 ноември, 2016, новинарите на интернет редакцијата „НОВАТВ“ го проверија на хрватскиот пребарувач на домени порталот ALO.COM.HR и открија дека корисник е фирмата Њу Медиа Ентерпрајз (Nju Media Enterprajz) регистрирана на улица „Васил Ѓоргов“ 24/28 во Скопје, во населбата Капиштец, чиј сопственик и управител е Ѓорѓи Поп Ѓорѓиев од Берово.

    Порталот ALO.COM.HR бил регистриран на 15 ноември, а на ист ден и од истата ИП адреса во Србија е регистриран сосем ист портал под името SAZNAJEMO.RS. И на хрватскиот и на српскиот портал се објавени истите лажни текстови против Заев, напишани на квазихрватски јазик со очебијни јазични грешки. Неколку дена откако независните медиуми во Македонија открија кој стои зад овие портали за лажни вести, тие станаа недостапни.

    Поп Ѓорѓиев истовремено се води и како веб администратор и вработен во маркетинг во провладиниот портал ПУЛС24.МК во сопственост на Филип Петровски, директор на Државниот архив и лидер на поранешната партија Демократска десница која во 2012 сосе членството премина во ВМРО-ДПМНЕ. Името на Поп Ѓорѓиев го има и како веб администратор на провладиниот портал А1.МК, кој се отвори во 2014 како регионален медиум, а го има и во импресумот на македонскиот портал НАЈАДИСЕ.МК

    Името на Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев исто така стои и во Именикот на офицери за заштита на личните податоци регистрирани во Централен регистар на контролори за фирмата Друштво за продукција, маркетинг, промет и услуги „Виртувио ДООЕЛ Скопје“ чиј управител е Филип Петровски. Е-поштата на оваа фирма е истата како и онаа на фирмата што го регистрирала доменот за ALO.HR.

    Во 2015, провладините медиуми објавија и прилог со Ѓорѓи Поп Ѓорѓиев, како невработен кој  преку влдиниот проект за самовработување добил 3.000 евра неповратни пари со кои ја отворил „ИТ компанија“.

    Исто така, името Ѓорѓи Поп-Ѓорѓиев стои и на изборната листа на Демократска десница на Филип Петровски во третата Изборна единица на изборите во 2011.

    Лажните вести масовно на социјалните мрежи ги споделуваа членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, а се цитираа и во провладините портали и телевизии, меѓу кои и водителот на емисијата „Јади бурек“ Јанко Илковски (Фото: НОВАТВ)

    Лажните вести масовно на социјалните мрежи ги споделуваа членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, а се цитираа и во провладините портали и телевизии, меѓу кои и водителот на емисијата „Јади бурек“ Јанко Илковски (Фото: НОВАТВ)

    Во Агенцијата за филм велат дека долгометражниот документарен филм „Гласови (Спомени за илинденците)“ е пријавен на конкурсот од продуцентската куќа „Њу медиа 2016“ и сега откако е одобрен, продуцентот е должен до Агенцијата да достави договори за регулирани авторски права за сценарио и режија заради потпишување на преддоговор.

    Режисер на „Гласови (Спомени за илинденците)“ ќе биде Исланѓанецот Сигурјон Ејнарсон (лево), кој во 2010 го режираше документарцот „Името е име“ за спорот за името меѓу Македонија и Грција, во косценарио и продукција со американскиот лобист и поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ Џејсон Мико; - сцена од „Името е име“ (Фото: Официјалниот сајт на филмот)

    Режисер на „Гласови (Спомени за илинденците)“ ќе биде Исланѓанецот Сигурјон Ејнарсон (лево), кој во 2010 го режираше документарцот „Името е име“ за спорот за името меѓу Македонија и Грција, во косценарио и продукција со американскиот лобист и поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ Џејсон Мико; – сцена од „Името е име“ (Фото: Официјалниот сајт на филмот)

    „Пред склучување на главен договор за финансирање продуцентот е должен да ја достави целосната документација за затворање на финансиската конструкција кога и ќе се знае дефинитивниот копродукциски статус на филмскиот проект. Согласно наведеното во оваа фаза за сите прашања поврзани со филмскиот проект, а кои се однесуваат на концептот на приказната, авторската екипа како и планираната продукциска конструкција на филмскиот проект ве упатуваме да се обратите до продуцентската куќа ‘Њу медиа 2016’, односно до Ѓорѓи Поп Ѓорѓиев кој се јавува како управител, но и како контакт лице согласно доставената апликација во Агенцијата за филм“, велат  за САКАМДАКАЖАМ.МК  од Агенцијата.

    Во Агенцијата велат и дека филмот „Гласови (Спомени за илинденците)“ е документарец со играни елементи кој е базиран на историски факти за патриотите од периодот на Илинденското востание 1903.

    „Филмскиот проект е пријавен како филм од посебен интерес за Република Македонија, истовремено во постапката на евалуација истиот од стручните тела при Агенцијата за филм кои се вклучени во процесот на евалуација е прифатен како филм кој ја афирмира македонската историја, што пак е во согласност со член 6 став 1 алинеја 7 од Законот за филмската дејност каде стои следната дефиниција: ‘филм од посебен интерес на Република Македонија е филм кој ја афирмира историјата на Македонија’“, велат од Агенцијата.

    Проектот на Поп Ѓорѓиев како од посебен државен интерес добил 130.000 евра, но тоа не е максималната поддршка од државата. Според Агенцијата за филм, во конкурсните услови за финансирање на филмски проекти од посебен интерес за Република Македонија, државата учествува со средства до најмногу 90 отсто од вкупниот буџет. За долгометражен игран и анимиран филм може да бидат и повеќе од 62.000.000 денари односно милион евра, а за долгометражен документарен филм не повеќе од 10.000.000 денари, односно 160.000 евра.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира