ГЕВГЕЛИСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО НЕ МОЖЕ ДА УТВРДИ ДАЛИ ЖРТВАТА Е МАЛОЛЕТНА НА ИНТИМНАТА СНИМКА ШТО СЕ СПОДЕЛУВА, А НЕМА НАЛОГ ЗА ПРЕТРЕС НА ТЕЛЕФОНОТ И КОМПЈУТЕРОТ НА ПРИЈАВЕНИОТ

    ГЕВГЕЛИСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО НЕ МОЖЕ ДА УТВРДИ ДАЛИ ЖРТВАТА Е МАЛОЛЕТНА НА ИНТИМНАТА СНИМКА ШТО СЕ СПОДЕЛУВА, А НЕМА НАЛОГ ЗА ПРЕТРЕС НА ТЕЛЕФОНОТ И КОМПЈУТЕРОТ НА ПРИЈАВЕНИОТОсвен за Злоупотреба на лични податоци, пријавата е и за Производство и дистрибуција на детска порнографија, бидејќи едната од жртвите вели дека имала 16 години во моментот на снимање на видеоклипот во 2013. (Фото: Пекселс)

    За случајот со двете девојки од Гевгелија, чии фотографии и видео беа споделени од нивниот поранешен партнер, во САКАМДАКАЖАМ.МК се огласи Јавното обвинителство, кого жртвите го посочија дека предметот го чува во фиока и ништо не презема да го откри и казни сторителот.

    Обвинителството вели дека не добило кривична пријава од полицијата, туку само известување за настан.

    Девојките случајот во полиција го пријавиле во јули лани, веднаш откако добиле информација, т. е. скриншотови дека нивни интимни фотографии и видео од едната, кое датира од 2013 година кога била малолетна, масовно се споделуваат низ градот и низ Југоистокот на група именувана „Гевгелијахаб“.

    Незадоволни што полицијата и Јавниот обвинител на Гевгелија не преземаат ништо, девојките есента самоиницијативно поднеле до Обвинителството кривична пријава против едно машко лице, поранешен нивен партнер, со докази дека фотографиите и видеото ги поседувал тој.

    „На 2.10.2020 година две лица – пријавители, преку полномошник адвокат од Скопје  поднесоа кривична пријава против едно лице од Гевгелија и повеќе непознати лица за сторени кривични дела Злоупотреба на лични податоци од член 149, а за едно од нив и за  Производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193-а од Кривичниот законик. Во врска со овој настан Обвинителството нема добиено кривична пријава од МВР, освен известување за пријавен настан во прилог со два записника за примање на пријава од двете пријавителки, но само за кривично дело Злоупотреба на лични податоци од чл.149 ст.1 од КЗ“, кажува Обвинителството што добило од гевгелиската полиција.

    Но, во пријавата која подоцна со помош на адвокатката Наташа Бошкова од „Коалиција Маргини“ ја поднеле, тие самите го насочиле Обвинителството дека во случајот има и дистрибуција на детска порнографија.

    „Во пријавата поднесена до Обвинителството од пријавителките се наведува дека во текот на летото 2013 година кога една од оштетените била во интимна врска со пријавениот и кога имала само 16 години, на барање на пријавениот, било снимено видео со порнографска содржина преку негов мобилен телефон. Втората оштетена пријавителка наведува дека  пред две години на барање на истиот пријавен му испратила од нејзиниот мобилен телефон на неговиот мобилен телефон фотографија со интимна содржина. Во моментот на фотографирањето втората оштетена била полнолетна. Додека биле во интимна врска со пријавениот наведуваат дека тој  им се заканувал оти ако не постапуваат добро со него ќе ги објави видео клипот и фотографијата“, наведува Обвинителството во одговорот до САКАМДАКАЖАМ.МК .

    Во пријавата исто така се наведува дека клипот со порнографска содржина снимен во 2013 година со едната оштетена и фотографијата на другата оштетена од 2017 година, во периодот од 05.07.2020 година до 09.07.2020 година, биле споделени помеѓу 23 лица преку апликацијата Фејсбук-месинџер поради што една од девојките случајот го пријавила во полициската станица во Гевгелија.

    Во врска со првичната пријава, по која биле составени двата полициски записника, Обвинителството вели дека дало насоки да се повика пријавениот за да даде известување за пријавените кривични дела. ОВР Гевгелија постапило по насоките на Обвинителството, при што пријавениот бил повикан да даде исказ во врска со наводите во тие два записника. Исто така, како докази во пријавата биле доставени фејсбук-адреси на 12 лица кои ги споделиле помеѓу себе овие содржини, меѓу кои не била и адресата на пријавеното лице.

    „Во моментов, во Основното јавно обвинителство Гевгелија се води предистражната постапка во насока за утврдување дали пријавениот е сторител на предметното кривично дело, пронаоѓање на идентитетот на лицата кои ги споделувале овие содржини помеѓу себе и повикување  на пријавениот заради произнесување на наводите во кривичната пријава“, тврди Обвинителството.

    Во текот на август 2020 година, јавниот обвинител кој постапува во предметот ги повикал двете оштетени двапати, заедно со нивните родители кои сакале да бидат присутни на разговорот. Тогаш им било кажано дека уште ништо нема од ПС Гевгелија.

    „Обвинителот при средбата им посочил настанот освен во полиција директно да го пријават и во ОЈО Гевгелија со сите докази кои им се на располагање, кое беше сторено од нивна страна со поднесување на наведената кривична пријава, во која освен пријавувањето на кривичното дело Злоупотреба на лични податоци, пријавата беше проширена за уште едно кривично дело по однос на едната оштетена и тоа за кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија, од причина што како што се наведува во пријавата едната оштетена во моментот на снимање на видео клипот во 2013 година била малолетна на возраст од 16 години. За ова дело, обвинителството донесе Наредба за спроведување на истражна постапка на ден 11.01.2021 година“, се вели во одговорот.

    Причините поради кои се уште не се повикани оштетените за да дадат исказ во ОЈО Гевгелија е тоа што по однос на нивните искази, Обвинителството имало и писмен допис од нив, и нивни искази во поднесената кривична пријава.

    „Во моментов се прибираат докази за утврдување на елементи од кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија од чл.193-а од КЗ, бидејќи настанот се случил пред повеќе од 7 години, а од доставените докази од пријавителите во моментот на сторување на кривичното дело не може со сигурност да се утврди дали пријавителката била малолетна или не, што е битен елемент за постоење на ова кривично дело“, вели Обвинителството.

    Вообичаено во вакви постапки, со судски налог што би го побарал обвинителот од судот, се  одземаат компјутерот и мобилниот телефон на пријавениот за да се извадат податоците што се потребни да се утврди дали има елементи на кривично дело. Во случајов, и дали пријавениот е оригиналниот испраќач на видеото и фотографиите, бидејќи тој не е меѓу 12-те профили на Фејсбук за кои пријавителката приложила докази дека ги споделувале.

    По прибирање на потребните материјални и вербални докази, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, МВР потврди дека било постапено по пријавата во јули од двете девојки и оти до Обвинителството било испратено известување заедно со записници за примање пријава.

    На реакциите на едната од жртвите која тврди дека во тие тешки моменти за неа, неколку пати морала да оди во полиција и да бара копија од записникот, МВР кусо вели: „Примерок од Записниците за примање пријава на барање на пријавителките им е даден“.

    Исто така, лицето против кое беа поднесени пријавите беше повикано на разговор во просториите на ОВР Гевгелија, се вели во одговорот на МВР.

    За револтот на овие две жртви што место да ги заштитат, дел од полицајците од Гевгелија ги гледале нивните интимни слики и се смееле, МВР вели дека од страна на службените лица кои постапувале на наведените предмети, биле запазени сите мерки и активности во врска со заштита на тајноста на информациите и доказите изнесени од страна на пријавителите.

    „Ако кој  било граѓанин има замерка на постапување на некој кој полициски службеник, тоа да го пријави до Одделот за внатрешна контрола. Ако се утврди било какво несоодветно постапување, тоа ќе биде санкционирано“, повикува Министерството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира