Од изработката на архитектонскиот проект, па до тоа каков бетон и арматура ќе се стави во објектот зависи безбедноста на градбите, вели директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) проф. д-р Влатко Шешов. Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК, тој вели дека во целиот процес најважен е надзорот кој од почетокот до завршување на градежните работи треба да е на градилиштето и да контролира дали се гради онака како што наложува проектот одобрен од Општината и ИЗИИС од Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје. Токму поради тоа, смета Шешов, недозволиво е да се легализираат дивоградби оти никој не знае како тој објект е изграден, ниту една институција не го видела и одобрила проектот, ниту некој ја контролирал градбата.
„Процесот на изведба на еден објект има повеќе чинители и го контролираат неколку институции. Затоа е недозволиво да се легализираат дивоградби, да легализираш градба врз основа на геодетски елаборат во кој стои само квадратурата и висината на објектот, и со приложување сметка за електрична енергија. Со овие информации кои не кажуваат ништо за градбата се легализираат објекти и стануваат дел од постојниот фонд на станбени објекти. После катастрофалниот земјотрес во Турција, секојдневно ме прашуваат какви се градбите кај нас. Како може да каже некој какви се, кога имаме илјадници легализирани дивоградби? Дел од проблемите во Турција се и тоа што голем број објекти се легализирани, а никој не правел контрола во текот на градба и да се види дали се почитуваат сите чекори. Недозволиво е во 21 век онака да се уриваат згради, тоа ние го викаме како палачинки“, вели Шешов.
За сеизмичката небезбедност на дивоградбите пример е и турското гратче Ерзин, кое нема жртви и урнати згради по минатонеделниот катастрофален земјотрес иако се наоѓа стотина километри од епицентарот. Според турскиот весник „Хуријет“, ова се должи на рестриктивните активности на градоначалникот Екеш Елмасоглу, кој не дозволил да се кршат важечките стандарди во градежништвото. Во целиот град со 42.000 жители се оштетени само неколку семејни куќи и џамии. Обемот на уништувањето е мал и затоа што најголем дел од станбените објекти се со четири ката, а највисоките згради имаат пет ката.
Шешов вели дека во процесот на градба има повеќе критични точки кои треба да се испочитуваат за да може објектот потоа да добие употребна дозвола, да биде впишан во Катастар на недвижности и сопственикот да добие имотен лист. Токму тоа во одредена мера ја гарантира и безбедноста на објектот.
- Архитектонскиот проект мора да биде одобрен од статичар
Процесот за градба на еден објект почнува од Деталниот урбанистички план (ДУП) кој ги дефинира основните карактеристики и намените на новопланираните објекти. Потоа доаѓа изработка на проектно-техничка документација врз основа на критериумите кои се во ДУП-от. Проектно-техничката документација почнува со истражување на локацијата за градба за да се види какво е тлото, каква градба може да издржи, дали има подземни води и каква е ситуацијата на терен со соседни објекти. Ако станува збор за градба на позначајни објекти кои треба да функционираат и по земјотрес, односно болници, градинки, школи, објекти од цивилна заштита, пожарна, полиција, војска, потребно е ИЗИИС да издаде елаборат за сеизмички параметри. Потоа се пристапува кон изработка на идејно решение или архитектонски проект во кој се црта замислата на инвеститорот, што сака да гради, како ќе изгледа објектот, колку и какви простории ќе има. Во тој процес треба да е вклучен и статичар кој се грижи за конструктивните елементи.
„Инвеститорот си кажува што сака и архитектот ја црта зградата, а проектот се доставува до статичар. Тука почнуваат да се прават првите компромиси кога статичарот дава забелешки за проектот, а архитектот сака да си остане првичниот проект. Тука е првата работа која треба да ни биде јасна – мора да се почитува мислењето на статичарот оти така кажува математиката. На пример, статичарот вели дека столбот треба да е 50 на 50, а на архитектот не му одговара толкав столб во просторот, па му вика ајде нека биде 40 на 40, па се доаѓа до компромисно решениe од 45 на 45, но статичарот наложува да се внесе бетон 50 наместо 30, а тоа е поскапо. Тука е првата алка која треба да се почитува. Нас како ИЗИИС во овој процес не мора да нè консултираат за изградба на згради, туку само за поголеми и позначајни објекти“, вели Шешов.
- И 50 квадрати шупа да се гради проектот мора да помине во ИЗИИС
Втора фаза е проектирање врз основа на решението изработено од архитектот. Проектантот дефинира каков треба да биде објектот и кои материјали ќе ги примени изведувачот.
„Многу е важна намената на зградатa, едни се параметрите за товар ако на вториот кат имаме стан за домување, а други ако е архива, библиотека или теретана. Истото важи и за деловните објекти, многу е важно што ќе има во деловниот простор. Иста така, не може туку-така да се гради базен на покривот доколkу тоа не било предвидно со проектот. Проектантот има голема одговорност да го направи проектот кој потоа го доставува до Општината и до ИЗИИС во електронска форма. Ние на хартија го контролираме сето ова претходно кажано и викаме – техничката документација е согласно техничките прописи, а Општината потоа издава дозвола за градба. И 50 квадрати шупа да се прави, мора проектот да помине кај нас за да е легален“, објаснува Шешов.
- Апетитите на градежниците растат, па се бараат измени во тек на градба
По добивање на дозволата за градба од Општината градителот може да почне да гради. Пред да почне да се гради треба да се заштити и огради локацијата и да се направи околчување. Треба да се обезбеди влез за градежната механизација, а ако се блокира улица потребна е дозвола од МВР. Со почетокот на градба на градителите им пораснуваат амбициите, па почнува да се менува проектот и тука е најслабата алка во целиот процес.
„Проектот одобрен од Општината и ИЗИИС е библија и ако се сака да се менува треба тоа да се образложи на хартија и да се достави во Општина на одобрување на измените во градба. Додека не се добие одобрување не смее да се гради, инвеститорот мора да ја стопира градбата. Тука е слабата алка, не сфаќаме дека подобро е повеќе време да се посвети на истражување и правење на проектот отколку да се прават измени во градба. Секое добро планирање ја поевтинува и забрзува градбата. Измените ја одолговлекуваат градбата“, вели Шешов.
- Надзорот – најважен во целиот процес, тој контролира дали и бетонот и арматурата се со потребниот квалитет
Штом се околчи објектот, на градилиштето мора да има надзор, кој се смета за алфа и омега. Тој го контролира квалитетот на материјалите, каков бетон се користи, дали арматурата е според потребниот квалитет и да ја провери декларацијата. Бетонот мора да се набави од бетонски бази каде се прави според рецептура која мора строго да се почитува. Камионот – бетономешалка од базата до градилиштето не смее никаде да застане, бидејќи во одреден рок мора да биде вграден, ако се губи време се губи вода и друг е квалитетот. Кога бетонот доаѓа на градилиште се земаат примероци, се прават мали коцки за да се испита квалитетот на бетонот. Исто така, вели Шешов, многу е важно бетонот соодветно да биде вграден. Има голема техника во вградување на бетонот. Треба рамномерно да се наполнат столбовите, не смее да има, празнини, да се појават меурчиња и слично. Имало случаи, во минатото, како при земјотресот во Турција, во Измит, во 1999 кога истрагата покажала дека за да се заштеди на бетон во столбовите се ставале пластични шишиња.
Екипа на ИЗИИС излегува на терен и со соодветни инструменти го оценува квалитетот, па ако се утврди несразмерност, инвеститорот мора да прави корекција.
„Ако ги задоволиш сите овие чекори, тогаш се заверува објектот во Катастар и се добива имотен лист. Ако не, чекаш Закон за легализација на дивоградби за да го легализираш објектот“, ама тоа веќе не е наша работа и никој не може да каже дали објектот е безбеден или не, вели проф. Шешов.
Тој смета дека најголем број од градежниците ги почитуваат овие правила, но проблемот е што кај граѓаните постои сомнеж поради непланското градење и планирање на просторот и општата намалена доверба во државните институции и инспекции.
„Верувам дека прашањето за безбедност не е поттикнато толку од сомнежот дали квалитетно се гради, колку од очевидниот хаос во урбанистичкото планирање. Тоа што прозорците на зградите се буквално залепени еден до друг, ѕидови на соседна зграда се залепени на тераса од друга зграда и што понекогаш никнуваат згради на места на кои нема никаква логика, кај граѓаните го наметнува прашањето за безбедноста на објектите“, вели директорот на ИЗИИС Шешов.
„Ние немаме податоци на фонд на објекти, па за да можеме точно да кажаме какви се објектите во Скопје. Пописот беше шанса да се добијат овие информации со вметнување на некои дополнителни прашања, но тоа не беше направено“, вели Шешов.
А. АНТЕВСКА