ОЧИЛА ОД 40 ЕВРА КУПЕНИ ОНЛАЈН СТАНУВААТ 80 ЕВРА ПОРАДИ ЦАРИНА, ДДВ И ЛЕЖАРИНА

ОЧИЛА ОД 40 ЕВРА КУПЕНИ ОНЛАЈН СТАНУВААТ 80 ЕВРА ПОРАДИ ЦАРИНА, ДДВ И ЛЕЖАРИНАЗа онлајн пазарење од странство за производи над 45 евра со вклучени транспортни трошоци, треба да се платат и царина и данок. За разлика од онлајн нарачките, ако граѓанинот сам внесе стока во земјава од странство тогаш се царини за производи над 300 евра. (Фото: ЕПА)

Онлајн нарачките над 22 евра стануваат и двојно поскапи поради давачките кон државата за царина и ДДВ. За пазарење од странство за производи над 45 евра со вклучени транспортни трошоци, треба да се платат и царина и данок. За разлика од онлајн нарачките, ако граѓанинот сам внесе стока во земјава од странство тогаш се царини за производи над 300 евра.

Според одредбите на Царинскиот законик, стока испратена од странство од правно лице е ослободена од плаќање на увозни давачки и ДДВ под услов вкупната вредност на пратката да не надминува 22 евра во денарска противвредност, со вклучени транспортни и манипулативни трошоци. Ако вредноста на стоката е од 22 до 45 евра, ослободена е од плаќање царински давачки, но подлежи на плаќање ДДВ. Стока чија вредност надминува вредност од 45 евра подлежи на плаќање и на увозни давачки и на ДДВ.

Според податоците, во царинска испостава Пошта Скопје, во 2018 вкупно пристигнале 4.392 пратки, а 2.811 пратки во првите шест месеци од 2019, односно бројот на пратки расте со темпо од околу 30 проценти. (Фото: МИА)

Во ЕУ, тој праг е 150 евра.

Граѓанка за САКАМДАКАЖАМ.МК ја раскажа нејзината приказна со искуството за купување онлајн и како нејзината нарачка на очила што чинеле оригинално 43 евра, станала 80 евра. Дополнително и останати трошоци и компликации за подигање на нарачката.

„Цената на очилата беше 43 евра плус 9 евра за испорака преку ДХЛ. Но поради нашите прописи и закони, на крај очилата ми излегоа 80 евра. Откако добив порака дека нарачката ми е стигната и треба да ја подигнам од карго на аеродром, се јавив на бројот кој ми беше даден за да прашам кога можам да ја подигнам пратката. Ми рекоа дека работат од понеделник до петок од 8.30 до 16.30 часот, значи мора да се отсуствува од работа за да се земе пратката. Кога стигнав таму, ми објаснуваат дека морам да платам царина 15 отсто, данок 18 отсто и плус лежарина. Прашав зошто да плаќам царина кога производот што го нарачав чини 43 евра, а не 45 евра, сума над која стоката се царини? Ми реков дека при царинење влегуваат и транспортните трошоци, па бидејќи сум платил 9 евра за транспорт тоа е 52 евра и со тоа треба да платат царина и ДДВ. Тоа ме чинеше 1.141 денари, значи 20 евра плус“, вели граѓанинот.

Фактури од платената царина и данок . (Фото: СДК.МК)

Од Царинската управа објаснуваат дека при царинење на стока секогаш треба да се прави разлика помеѓу фактурната вредност и царинската вредност на стоката.

„Според Царинскиот закон, во член 27 се утврдува царинската вредност на стоката за примена на Царинската тарифа и на други мерки кои не се поврзани со Царинската тарифа, а кои се уредени со посебни прописи кои се однесуваат на трговија со стока. Така, царинската вредност во себе ги содржи покрај фактурната вредност и транспортни трошоци за допремување на стоката. Поради тие причини во постапката на царинење, во царинската вредност се вклучени и транспортните трошоци“, велат од Царинската управа.

Но, трошоците при онлајн нарачки не застануваат тука. Треба да се плати и лежарина за секој изминат ден. Во овој случај, за еден ден што стоката стоела на аеродромот биле наплатени 1.160 денари.

Разговараме прагот да се зголеми на околу 80-90 евра. Кој е оптималниот праг ќе покажат анализите што во моментов се прават во Министерството за финансии, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на промоцијата на скенерот за контрола на поштенски пратки во царинската испостава Пошта-Скопје, донација на Амбасадата на САД. (Фото: МЕТА)

„Откако си платив царина и данок, отидов во карго да си ја подигнам нарачката. Ме известија околу 16 часот дека пратката е стигната. Другиот ден уште сабајлето отидов да си ја подигнам и ми наплатија уште 1.160 денари. Зошто? За лежарина за помалку од 24 часа од моментот откако ми известија дека очилата се стигнати. Па очилата на крај ме чинеа 80 евра, двојно повеќе од нивната продажна цена“, кажува граѓанинот.

Од ТАВ, компанијата што стопанисува со Скопскиот аеродром велат дека лежарината на производите не ја наплаќаат тие туку компанијата која има изнајмено простор за карго.

Министерката за финансии Нина Ангеловска вчера најави дека се размислува зголемување на прагот на вредноста до која пратките се ослободени од плаќање увозни давачки, а оптималниот праг ќе го дадат анализите што во моментов се прават во министерството.

„Разговараме прагот да се зголеми на околу 80-90 евра. Кој е оптималниот праг ќе покажат анализите што во моментов се прават во Министерството за финансии. Кога зборуваме за олеснувањето на прекуграничната е-трговија треба да се земат предвид двете страни. Константни се барањето на граѓаните за зголемување на прагот на вредноста на стоки што подлежат на ослободување од плаќање на царина. Од друга страна, има голем притисок на одредена категорија на граѓани кои низ превезот на поголеми повластици сакаат да вршат нелегална трговија. Затоа, работиме на подобрување на процесите и зголемување на ефикасноста“, рече Ангеловска на промоцијата на скенерот за контрола на поштенски пратки во царинската испостава Пошта-Скопје, донација на Амбасадата на САД во Македонија.

Според податоците, во царинска испостава Пошта Скопје, во 2018 вкупно пристигнале 4.392 пратки, а 2.811 пратки во првите шест месеци од 2019, односно бројот на пратки расте со темпо од околу 30 проценти.

А. АНТЕВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира