Повеќето општини во земјава не предвиделе доволно пари во своите буџети за образовни асистенти за децата со попреченост, за нивна инклузија во основните и средните училишта од оваа учебна година. Министерството за образование сѐ уште нема податоци колку деца со попреченост треба да се вклучат во образовниот процес, бидејќи општините сѐ уште ги доставуваат извештаите.
Бројот на образовни асистенти кои оваа учебна година ќе им помагаат на децата со попреченост е зголемен, но нивниот ангажман главно е финансиран преку проект на УНДП.
Со новиот Закон за основно образование, кој беше донесен летово, инклузијата на децата со попреченост во редовните училишта почнува од оваа учебна година. Пред донесувањето на Законот, Народниот правобранител реагираше дека образованието не е подготвено за инклузија и дека тоа ќе биде правно регулирано, но дека во праксата тешко ќе се одвива. Така и е.
Министерството за образование нема целосни податоци колку деца со попреченост се вклучени во редовната настава и за колку уште има потреба од асистенти за да се вклучат во образованиот процес.
„Целосни податоци за оваа учебна година ќе имаме кон крајот на месецот, бидејќи во моментов дел од општините доставуваат извештаи. Според податоците од изминатите години, во училиштата во нашата земја има околу 1.200 основци со посебни образовни потреби, од кои 400 се во посебните основни училишта и 800 се во редовните основни училишта. Има околу 500 средношколци со посебни образовни потреби, од кои 240 се во средните училишта за ученици со посебни образовни потреби и 280 ученици во редовните средни училишта“, велат од Министерството за образование и наука.
Проектот на УНДП за лични и обрзовни асистенти за учениците со попреченост во основните и средните училишта почна како пилот-проект пред пет години, и е дел од програмата општинско-корисна работа од оперативниот план на Владата за активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот.
Од УНДП велат дека по позитивните реакции од учениците, родителите и околината продолжиле со овој проект и наредните години.
„За оваа учебна година ангажирани се вкупно 271 асистент, од кои 200 се подржани преку програмата за општествено корисна работа, а останатите целосно се финансирани од општините. Лани во образовниот процес беа вклучени 334 асистенти во основните и средни училишта во 36 општини во земјата, а претходната година беа ангажирани 140 асистенти во 18 општини“, велат од УНДП.
Образовните асистенти за нивната работа со децата со попреченост добиваат надомест од 9.000 денари, од кои 80 отсто се покриени од проектот на УНДП, а 20 отсто од општините. Тие со децата со попреченост работат 20 часа неделно, или четири часа во текот на еден ден.
Тешкотии во стартот на учебната година со инклузија на децата со попреченост имаше во општини кои претходно биле вклучени во проектот на УНДП, а оваа учебна година добија помалку средства, бидејќи помошта се прошири и во други општини. Така, Општина Центар место за 15 доби средства за 5 образовни асистенти, а во буџетот не предвидела средства за ангажман на останатите и учебната година со образовен асистент ја почнаа седум деца. Од Општината се правдаат дека доцна го добиле известувањето од УНДП оти ќе добијат помалку средства и дека ќе се потрудат со ребаланс да обезбедат пари.
Од скопската Општина Кисела Вода велат дека петта година по ред во соработка со УНДП во училиштата се вклучени образовни асистенти и дека годинава се ангажирани 30-мина, од кои 20 преку проектот на УНДП, а за останатите е обезбеден надомест од општинскиот буџет.
„Според наши сознанија, во општината има околу 70 до 80 деца со попреченост“, велат од Општина Кисела Вода.
Општина Ѓорче Петров во проектот на УНДП за образовни асистенти е вклучена втора година, а според нивните проценки има осумдесетина деца со попреченост.
„За оваа учебна година преку проектот на УНДП добивме 13 асистенти, од кои десет образовни и три лични“, велат од Општина Ѓорче Петров, и додаваат дека инклузијата на овие децата треба да се одвива со помош од Министерството за образование и наука.
Од Општина Гази Баба велат дека во нивната општина има 70 деца со попреченост, а дека дефектолозите што се ангажирани кај нив кажале оти образовни асистенти се потребни за девет ученици. Лани овие асистенти биле вклучени преку проектот на УНДП, а годинава Општината од својот буџет го финансира нивниот ангажман.
„Во нашата општина има 27 деца со посебни потреби, а за 17 деца добивме барање за личен образовен асистент. Со проектот на УНДП ни беа одобрени 13 асистенти поради, а предност при доделувањето лични асистенти имаат децата кои и лани користеле услуги од асистенти. Во иднина ќе работиме на подобрување на условите за деца со посебни образовни потреби во насока на поголема примена на инклузивноста во образовниот систем“, велат од Општина Бутел.
Од Општина Карпош велат дека сите деца со посебни потреби ќе добијат асистенти. На јавниот оглас аплицирале 37 асистенти, од кои 20 се ангажирани преку проектот на УНДП, а за останатите средства се обезбедени од општинскиот буџет.
Град Скопје под чија надлежност се средните училишта, заедно со УНДП персонални асистенти ќе обезбедат за сите 16 средношколци кои се пријавиле дека им треба помош во учењето. Од оваа година, Градот воведе и стипендија од 3.000 денари месечно за сите средношколци со посебни потреби.
Помалку средства од бараните добила и Општина Битола. Од таму велат дека годинава аплицирале за 20 образовни асистенти, но дека од Министерството за образование преку проектот на УНДП им биле одобрени средства за 13 лични и образовни асистенти. И оваа општина претходно преку овој проект имаше ангажирано образовни асистенти.
Од Општина Штип велат дека преку постојните проекти за десет ученици со посеби потреби имаат ангажирано тројца асистенти и дека преку новиот проект на Министерството за образование ќе се обидат да вклучат повеќе ученици.
Од Општина Охрид велат дека добиле средства за ангажман на сите 18 образовни асистенти за кои побарале средства, и додаваат дека имаат сознанија оти во нивната општина има повеќе деца со посебни потреби, но дека училиштата и родителите не се пријавуваат за помош.
Општина Тетово оваа година преку проектот на УНДП доби средства за 25 деца со попреченост или 5 повеќе од лани. Од Општината велат дека пред пет години кога стартувал проектот им биле одобрени средства за 10 образовни асистенти.
„Новина е што годинава, на барање на УНДП, образовни асистенти ќе добијат само учениците кои доставиле наод и мислење од Комисија за категоризација дека се работи за лица со попреченост, а не како што беше до сега само со документ од лекар. За сите што донеле вакви документи обезбедени се образовни асистенти“, велат од Општина Тетово.
Од Општина Струмица велат дека лани биле ангажирани 18 лични и образовани асистенти, а годинава 22, кои со работа почнале од почетокот на месецот.
„Од нив 7 се образовни за основци и средношколци, а останатите се персонални асистенти. Девет од нив се ангажирани со пректот на УНДП, а останатите од нашиот буџет“, велат од Општина Струмица.
Од Министерството за образование велат дека образовните асистенти ќе бидат стручно оспособени лица, ангажирани од посебните училишта со ресурсни центри.
Министерството за труд и социјална политика на почетокот на месецот ги повика општините да направат проекти за ранливите категории на граѓани и да аплицираат за грантови за развој на социјални услуги, за што во буџетот на Министерството се предвидени 10,8 милиони евра.
ЕКИПА НА СДК.МК