СЕГРЕГАЦИЈАТА НА УЧЕНИЦИТЕ РОМИ ВО БИТОЛА НЕМА ДА СЕ ЗАПРЕ СО ГРУБА РЕОНИЗАЦИЈА ИЛИ СО СПОЈУВАЊЕ НА ШКОЛИТЕ „ТОДОР АНГЕЛЕВСКИ” И „ЃОРЃИ СУГАРЕВ“, РЕАГИРААТ НАСТАВНИЦИ И РОДИТЕЛИ

    СЕГРЕГАЦИЈАТА НА УЧЕНИЦИТЕ РОМИ ВО БИТОЛА НЕМА ДА СЕ ЗАПРЕ СО ГРУБА РЕОНИЗАЦИЈА ИЛИ СО СПОЈУВАЊЕ НА ШКОЛИТЕ „ТОДОР АНГЕЛЕВСКИ” И „ЃОРЃИ СУГАРЕВ“, РЕАГИРААТ НАСТАВНИЦИ И РОДИТЕЛИСите родители во школото „Тодор Ангелевски“ едногласно гласале против спојувањето со „Ѓорѓи Сугарев“ или строга реонизација при успис на учениците оти сметаат дека така нема да се спречи сегрегацијата на учениците Роми. (Фото: СДК.МК)

    Вработени и родители на ученици од Основоното училиште „Тодор Анегелевски“ во Битола се загрижени што ќе се случува со училиштето, зашто имаат информации дека за да се запре сегрегацијата на Ромите во соседното школо „Ѓорѓи Сугарев“, постои предлог за спојување на двете училишта. Во „Ѓорѓи Суагрев“ се концентрирани најголемиот број ромски ученици во градот – учат 558 Роми, а само 55 Македонци – и најголемиот дел од паралелките се целосно ромски. По пресудите од Европскиот суд за човекови права и Граѓанскиот суд во Скопје дека државата, Општината и училиштето направиле сегрегација, неопходно е да се преземат мерки таквиот процес запре.

    Во октомври годинава, на тркалезната маса за инклузивно образование одржана во Битола со поддршка на ОБСЕ, а дел од организацијата беше и Општината, за надминување на состојбите се дадоа предлози за реонизација или за спојување на „Ѓорѓи Сугарев“ со соседното училиште „Тодор Ангелевски“.

    Ваквите предлози деновиве во „Тодор Ангелевски“ беа разгледани на родителски состаноци, а пред три дена се одржа и Совет на родители на кој присуствувале 46 преставници од родителите, дел од наставниот кадар и психолошко-педагошката служба. Според записник до кој дојде нашата редакција, бил разгледан предлогот за спојување на двете училишта, така што децата во одделенска настава да одат да учат во „Ѓорѓи Сугарев“, а предметна настава да се изведува во „Тодор Ангелевски“. Во записникот пишува дека сите родители едногласно гласале против спојувањето или строга реонизација при успис на учениците.

    „Не смееме да дозволиме училиштето ‘Тодор Ангелевски’ да биде колатерална штета во случајот или да се жртвува. Ние не сме против Ромчињата да учат во нашето училиште. Ги имаме распределни скоро во сите паралалки. Нема сегрегација. Нека се запишат и други. Но, реонизацијата нема да го реши проблемот зашто концентрираноста на ромското население е во еден дел од градот, па при успис и да го земат реонот на ‘Тодор Ангелевски’, сепак, најголемиот дел на учениците Роми ќе доаѓаат од околината на ‘Ѓорѓи Сугарев’ и повторно во тие училишта паралелките ќе бидат претежно ромски, а од друга страна ќе имаме основни училишта каде нема воопшто да има ромско население“, вели наставник во школото.

    ГРАЃАНСКИОТ СУД СКОПЈЕ ГИ ПРОГЛАСИ ЗА ВИНОВНИ ВЛАДАТА И ОПШТИНИТЕ БИТОЛА И ШТИП ЗА СЕГРЕГАЦИЈА НА ДЕЦАТА-РОМИ УШТЕ ПРИ УПИС ВО УЧИЛИШТЕ

    Тие го поставуваат и прашањето каде ќе оди наставаниот кадар во перспектива? Со намалување на една паралелка во „Тодор Ангелевски“ се губи настваник и пол. Со спојување на паралелките во целодневна настава би работеле по две наставнички во едно одделение, но што ќе се случува со предметните професори?

    „Ни кажаа дека се предлага да се спојат одделенијата, на пример, прво еден од едното училиште со прво еден од другото. Ние не сме ксенофобични. Но, се противиме цела тежина на случајот да падне само врз нашето училиште и нашите деца. Ќе треба да патуваат во соседното училиште, односно да се прилагодуваат на нова средина, нови деца, нова учителка“, велат родители.

    Во одговорот од Општина Битола не пишува дека ќе дојде до спојување на училиштата, туку дека се разгледува можноста за донесување нова одлука за реонизација со која ќе се направи објективно распределување на учениците во реонот каде припаѓаат.

    „Имајќи предвид дека Одлуката за утврдување на реонот на основните училишта од кои се запишуваат учениците од подрачјето на Општина Битола е донесена од страна на Советот во 2009 година, од кога има значителни измени на реоните кон кои припаѓаат одредени училишта (имиња на улици, нови населби и слично), за да може да се спроведе пресудата, потребно е да се донесе нова Одлука за реонизација со која ќе се направи објективно распоредување на учениците во сите училишта во општината, односно учениците да учат во училиштата во кои припаѓа реонот според местото на живеење. На оваа тема и денес беше одржан состанок на претставниците од Секторот за јавни дејности на Општина Битола со директорите на училиштата, со цел директорите да направат анализа на теренот и да ги спроведат потребните активности за донесување на нова Одлука“, соопштија од Општината.

    Досега реонизацијата постоеше, но децидно не се спроведуваше на терен. Законот за основно образование, пак, дозволуваше училиштето да запише ученик од друг реон ако има слободни места. Така, дел од учениците што припаѓаат во реонот на „Ѓорѓи Сугарев“ се запишуваа во други училишта низ Битола.

    Проблемот трае со години, а Европскиот суд за човекови права во декември 2022 за ОУ „Ѓорги Сугарев“ и ОУ „Гоце Делчeв“ од Штип донесе предуда дека го повредиле правото на децата за недискриминација во врска со нивното право на образование, па поради ваквата сегрегација на 38 засегнати семејства им додели оштета во износ од 1.200 евра, или вкупно 45.600 евра за двете училишта. Во август годинава и Основниот граѓански суд во Скопје со судска пресуда утврди дека Владата, Министерство за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Државниот просветен инспекторат (ДПИ), Општина Битола и Општина Штип, сториле дискриминација врз децата – Роми во образовниот процес.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира