Во основното училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола учат 558 Роми, а само 55 Македонци. Во училиштето голем дел од паралелките се чисто ромски, а другите учениците кои живеат во реонот на ова училиште се запишуваат во други основни училишта низ градот. Проблемот трае со години, а Европскиот суд за човекови права во декември 2022 за ОУ „Ѓорги Сугарев“ и ОУ „Гоце Делечв“ од Штип донесе предуда дека го повредиле правото на децата за недискриминација во врска со нивното право на образование, па поради ваквата сегрегација на 38 засегнати семејства им додели оштета во износ од 1.200 евра, или вкупно 45.600 евра за двете училишта.
Фатма Бајрам-Аземовска од Здужението „Сумнал“, вели дека приближно 60 проценти Роми по 3 години немаат пристап до рано детско образование, над половината од оние од 6 до 15 години се засегнати од образовната сегрегација.
Во август годинава и Основниот граѓански суд во Скопје со судска пресуда утврди дека Владата, Министерство за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Државниот просветен инспекторат (ДПИ), Општина Битола и Општина Штип, сториле дискриминација врз децата – Роми во образовниот процес. Од сите доставени докази од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права како тужител, Судот утврди дека во конкретниот случај била сторена сегрегација на децата Роми во образовниот процес, на начинот на којшто биле формирани паралелките во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола и ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, како и со несоодветно упатување на децата Роми во образовни установи кои се наменети за ученици со интелектуална попреченост. Судот утврди дека осудените дискриминацијата (сегрегацијата) на децата-Роми, ја сториле на следниов начин: Владата, МОН, Општина Битола и Општина Штип не презеле, односно пропуштиле да преземата активности за уредување на начинот на реонизација, со цел избегнување на можна сегрегација оли тргање на ромските деца од врсниците од македонска и останата националност.
„Владата, МОН, ДПИ, Општина Битола и Општина Штип со непреземање, односно, пропуштање да преземат активности за рамномерно и соодветно распоредување на учениците Роми со другите етнички заедници во паралелките; не презеле односно пропуштиле да преземат активности за процес на десегрегација во училиштата каде постојат сегрегирани паралелки со деца Роми; не презеле односно пропуштиле да преземат активности за санкционирање на актите на дискриминација сторени од основните училишта.Владата, МОН, МТСП и МЗ со непреземање, односно, пропуштање да преземат дејствија за носење законски и подзаконски акти за детално уредување на начинот на категоризација на децата со посебни потреби, посебно децата Роми; не презеле, односно, пропуштиле да преземат дејствија за носење законски и подзаконски акти за детално уредување на составот на Комисиите и процедурата за ревидирање на нивните одлуки; не презеле, односно, пропуштиле да преземат дејствија за рекатегоризација на несоодветно категоризираните деца Роми кои учат во специјалните училишта“, цитира Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи делови од пресудата на Граѓанскиот суд.
За надминување на ваквата негативна пракса во Битола се одржа тркалезна маса на тема „Инклузивно образование и поттикнување на социјалната кохезија“ во организација на Општина Битола, Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ и со поддрша од Мисијата на ОБСЕ. Според соопштените податоци, во прво одделение во ОУ „Ѓорги Сугарев“ во 2011/2012 година имало 51 Ром, а 20 од другите етнички заедници. Во 2016/2017 имало 31 Ром и 5 останати, а годинава 46 Роми и 4 Македонци. Наставниот кадар во училиштето вложува голем напор за да се надмине ваквиот проблем, а наставата е на високо квалитетно ниво.
„Училиштето ‘Ѓорги Сугарев’ ми е втор дом. Нудиме квалитетна современа иклузивна настава. Многу е жално кога доаѓаш на работа и ги гледаш дечињата како го поминуваат училиштето и заминуваат во соседното, а знаеш дека припаѓаат во реонот. Затоа има и намален напредок на учениците од ранливите категории поради недостиг на мотивација за учење, како и намалени можности да стекнат суштествени животни вештини преку контакт со другите, односно кога не учат заедно не можат да учат едни со други“, рече Наташа Тодоровска, одделенска наставничка.
Психологот во училиштето Марија Ковачевска рече дека мора да се елиминираат сегрегационите паралелки и Ромите да учат со другите ученици.
„Досегашната незаконска пракса беше ако оди ученик Ром во друго училиште да се запише во прво одделение, секогаш се упатуваше да се запише во таканареченото ромско училиште, ние сме познати во градот како ромско училиште, а не како подеднакво основно училиште како и останатите иако нудиме кавлитетно образование“, рече Ковачевска.
Градоначалникот Тони Коњановски посочи дека проблемот настана зашто од една страна ја имаме законската регулатива која налага учениците да се запишуваат во реонот каде припаѓаат, а од друга законот му дава слобода на родителот да го запише детето каде сака.
Новите измени во Законите за основно, средно и стручно образование кои се во завршна фаза треба да ја спречат сегрегацијата. Во нив јасно ќе биде ставена одредба дека е забранета дискриминација при формирање на паралелки.
„Во реонизацијата ќе се вметне одредба за забрана за дискриминација при правење на реонизација, односно ќе се оневозможи физичко одделување на учениците по нивна етничка припадност. Од Законот за основно образование се брише делот каде родителот може да побара согласност од училиштето каде припаѓа во реонот да се запише во друго кое не е во неговиот реон. Се додава за првпат дека дискирминација се забранува и при формирање паралелки“, рече Милена Ивановска, државна секретарка за образование.
Ж. ЗДРАВКОВСКА