ТРЕТООДДЕЛЕНКИ ОД УЧИЛИШТЕ ВО АЕРОДРОМ ТЕРАЛЕ СОУЧЕНИК ДА БАКНУВА ВЕЦЕ-ШОЛЈИ, НАСТАВНИЧКА И ПСИХОЛОГ НЕ РЕАГИРАЛЕ И РЕКЛЕ ДЕКА ДЕТЕТО Е ПРОБЛЕМАТИЧНО

    ТРЕТООДДЕЛЕНКИ ОД УЧИЛИШТЕ ВО АЕРОДРОМ ТЕРАЛЕ СОУЧЕНИК ДА БАКНУВА ВЕЦЕ-ШОЛЈИ, НАСТАВНИЧКА И ПСИХОЛОГ НЕ РЕАГИРАЛЕ И РЕКЛЕ ДЕКА ДЕТЕТО Е ПРОБЛЕМАТИЧНОДен по настанот кој се случил во јуни, психологот и одделенската наставничка одржале работилница на која малтретираното дете го изложиле на дополнителен срам и потсмев (Фото:СДК.МК)

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила вознемирување кон ученик во трето одделение во основното училиште „Александар Македонски“ во Аеродром, од одделенска наставничка и училишниот психолог, кои не само што дозволиле ученикот со успорен моторички развој, со дислексија и проблеми со говорот да биде жртва на тежок булинг од соученичките, туку двете дополнително го вознемириле.

    Извадок од одлуката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. (Фото: КСЗД)

    Меѓу 1 и 10 јуни, на крајот на учебната година, 4 соученички од одделението, го терале да бакнува веце-шолји во училишниот тоалет.

    Ден по настанот, психологот и една од двете одделенски наставнички одржале работилница за настанот, но во присуство на малтретираното дете. Го изложиле на дополнителен срам и потсмев.

    Извадок од одлуката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. (Фото: КСЗД)

    Претставката ја поднела мајката на жртвата на 24 јуни, електронски.  Таа навела дека нејзиното дете било жртва на булинг неколку години, а главен поддржувач и поттикнувач на тоа била психологот, како и наставничка на малолетното дете, за која мајката тврди дека манипулирала со децата уште од прво одделение, правела поделби и раздор во одделението. Таа ги поддржувала децата што го малтретирале врсникот, постојано го обвинувала него и ги терала останатите да зборуваат против него, зашто бил со бавен развој, пелтечел и побавно го совладувал наставниот материјал.  Споредено со неговите соученици, бил смeтан за лошо дете кое ништо не знае и бил мета на секојдневно исмејување.

    „Последен таков напад се случил во периодот меѓу први и десетти јуни 2024 година, кога 4 девојчиња од одделението го терале соученикот да ги бакнува веце-школките во училишниот тоалет. Кога во вибер-групата мајката побарала вонреден родителски состанок да се разговара за настанот, но и состанок со стручната служба во училиштето, тоа не ѝ било дозволено“, цитира Комисијата делови од претставката на мајката на вознемиреното дете.

    Дента кога отишла на разговор во училиштето, мајката дознала дека психологот била во училницата на син ѝ и соученичките  што го малтретирале, но тука настанал уште поголемиот проблем, наведува Комисијата.

    Во присуство на приjавените наставничка и психолог, им било дозволено на девојчињата што го терале да бакнува веце шолји, да кажуваат измислени приказни што правел малтретираниот соученик во текот на целата година, т.е. како што навела мајката во претставката, „всушност да го растргнуваат и газат пред целото одделение“.

    Подносителката наведува дека крајно непрофесионален и болен бил ударот кој две несовесни стручни лица му го задале на нејзиниот син, кој не можел да се смири од целата ситуација на одење кон дома. Сепак, психологот ѝ се обратила со повисок тон, па од жртва на булинг детето го претставила како проблематично, кажувајќи ѝ дека учениците цела учебна година имале мака од него.

    Дури по еден месец Комисијата добила одговор на претставката. Училиштето тврди дека штом дознала за настанот, психологот одржала работилница во училницата, за да ја смират и надминат ситуацијата. Со детето работел стручен соработник-специјален едукатор и рехабилитатор. Се наведува дека ученикот покажувал заинтересираност и високи постигнувања во рамки на неговите способности.

    Училишниот педагог, пак, го пофалила детето, кажала дека секогаш доаѓал насмеан, одговарал на прашањата, а за неговото поведение никогаш не се пожалиле ниту учениците, ниту нивните родители. Во писмениот одговор дури и психологот напишала пофалби и објаснила дека со најдобри намери ја одржала работилницата за булингот врз ученикот.

    Во одговорот училиштето натаму наведува дека при уписот воопшто родителите не дале известување за проблемите во развојот и во говорот на ученикот. Кога родителите биле информирани дека детето заостанува во материјалот и во социјализацијата, мајката го негирала тоа, за на крајот да признае и да побара помош.

    Комисијата констатирала дека ученикот не е проблематично дете, но не е испратено од училиштето да направи функционална проценка во стручните тела за проценка за дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на деца и младинци при ЈЗУ Здравствен дом Скопје, согласно Законот за основно образование, туку само е побарано и доставено мислење од Заводот за ментално здравје на деца и младинци. Тоа е обврска на училиштето.

    Ако продолжи дискриминацијата и вознемирувањето на овој ученик или на кој било друг ученик од наставничката и психологот кои дополнително го вознемириле детето кое претходно било жртва на страшен булинг од 4 соученички, Комисијата за дискриминација ќе им поднесе пријави до надлежниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира