Од почетокот на учебната година учениците од основното училиште Кузман Јосифовски-Питу, од скопска Кисела Вода, немаат наставник по физика, а полагаат тестови.
Група родители на ученици од осмо и деветто одделение доставиле претставката до Народниот правобранител, оти нивните деца не можат да го остварат правото на непречено и квалитетно образование.
Наставничката по физика уште летоска по завршување на учебната година, го известила директорот на училиштето дека од септември ќе користи породилно боледување и дека треба да најдат заменски наставник. Но, наставник по физика училиштето уште нема, па часовите на децата им ги држи наставник по информатика.
„Добивме претставка од загрижени родители на ученици од осмо и деветто одделение, во која бараат заштита на правото на учениците на ефикасно и квалитетно образование затоа што училиштето не нашло замена. Од анализата на претставката се гледа дека училиштето има доставено барање до Општина Кисела Вода да се обезбеди замена, но иако учебната година е почната, веќе два и пол месеци се одржува настава, наставник уште нема. Часовите им ги држи професор по информатика, на начин што им ги чита лекциите. Тоа не е квалитетно образование и родителите можат дома да им ги читаат лекциите. За жал наместо решавање на проблемот тој се продлабочува со тоа што на учениците им се даваат тестови“, вели Васка Бајрамовска-Мустафа заменик-Народен правобранител.
Од канцеларијата на Народниот правобранител се обратиле до Општина Кисела, потенцирајќи дека се крши членот 25 од правото на образование. Од таму им одговориле дека не обезбедиле наставник оти во Агенцијата за вработување немало лице кое ги исполнува условите за да може да биде примен.
„Од Општината ни одговорија дека Министерството за образование не одговара на нивното барање на јавен оглас да бараат наставник. Ние се обративме до Министерството каде детално ги информираме дека се повредени правата на децата за квалитетно образование. Побаравме информација кои мерки ги има преземено откако биле информирани за овој проблем, но одговор уште немаме“, додава Бајрамовска-Мустафа.
Од Министерството за образование и наука велат дека вработувањата на наставен и ненаставен кадар во основните училишта по основ на старо финансирање и замена по одреден основ, ги одобрува градоначалникот на општината на определено работно време, најмногу до три месеци. По одобрената согласност од страна на градоначалникот, согласностите за старо финансирање на определено време замена по одреден основ ги одобрува Министерството за образование и наука до крај на учебна година по претходна согласност од Министерството за финансии.
„Од страна на Општина Кисела Вода побарана e согласност за наставник по физика во Кузман Јосифовски Питу и на истото е одобрена согласност од наша страна по претходна согласност од Министерството за финансии на 5 ноември. Во барањето од општина Кисела Вода е доставен доказ од Агенција за вработување во кој е наведено дека во Агенцијата за вработување нема лице наставник по физика кој е евидентиран како лице кои бараат работа. Законот за основното образование дозволува доколку нема лице со соодветно образование по одреден наставен предмет, може да се прими и лице со друг тип на образование во интерес на наставата до крај на учебната година“, велат од Министерството.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски вели проблемот е настанат оти оваа професија односно професори по физика и хемија се дефицитарен кадар.
„Ние навремено реагиравме, распишавме оглас, но на него никој не се пријави. Потоа во Агенцијата за вработување побаравме листа на лица кои се невработени физичари и хемичари. Но такви лица нема. Во текот на неделава ќе распишеме втор оглас кој ќе го прошириме односно ќе бараме и професори по математика“, вели Темелковски.
А. АНТЕВСКА