ВОШКИ ГИ ИЗЕДОА ПАЦИЕНТИТЕ ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ДЕМИР ХИСАР, НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НАРЕДИ СУЗБИВАЊЕ НА ЗАРАЗАТА

ВОШКИ ГИ ИЗЕДОА ПАЦИЕНТИТЕ ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ДЕМИР ХИСАР, НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НАРЕДИ СУЗБИВАЊЕ НА ЗАРАЗАТАНародниот правобранител сега преку Инспекторатот следи како се спроведуваат мерките, вели заменикот-Народен правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, а во меѓувреме истражува зошто овие лица не се префрлаат во двата реновирани објекта и се држат како запуштени животни во стариот објект кој шири реа во околината. - Болницата Демир Хисар; Решението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (Фото: СДК.МК)

Родител на пациент во психијатриската болница „Демир Хисар“ на почетокот на јануари годинава се пожалил кај Народниот правобранител дека неговото дете и останатите пациенти се заразени со вошки и оти во таа неподнослива состојба живеат подолг период. Претставката е поднесена на 11 јануари, а веќе по три дена таа е процесуирана, со тоа што Омбудсманот веднаш испратил до Државниот санитарен и здравствен инспекторат барање за ненајавена инспекциска контрола.

Најсуровиот дел од приказната е што овие лица со попреченост и покрај својата здравствена ситуација, реагирале на свој начин кај персоналот, но биле замолчувани со забрани и закани да се кажува за инвазијата од вошки пред роднините кои ги посетуваат. Но, вошките биле толку размножени, што членови на семејствата на пациентите ги гледале со голо око кога оделе во посета. Состојбата не можела да се сокрие.

„До Народниот правобранител доставена е претставка со поплака дека во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар има епидемија на вошки меѓу пациентите, но одговорните лица во болницата и покрај реакцијата на штитениците и нивните роднини, не преземаат мерки и активности за елиминирање на заразата. Во претставката е наведено и дека персоналот на болницата не им дозволувал на пациентите да зборуваат за појавата на вошки, но при посетите на роднините состојбата не можела да се притаи и да остане незабележана. Омбудсманот, имајќи ги предвид изнесените наводи, бара Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши инспекциски надзор во споменатата здравствена установа, да ја констатира состојбата и да препорача мерки за итно сузбивање на заразата со вошки“, вели заменикот-Народен правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.

Таа му укажала на Инспекторатот и на прописите од областа на здравството, дека спроведувањето на мерките за заштита од заразни болести имаат приоритет во однос на спроведувањето на другите мерки за здравствена заштита.

„Во претставката е наведено и дека персоналот на болницата не им дозволувал на пациентите да зборуваат за појавата на вошки, но при посетите на роднините состојбата не можела да се притаи и да остане незабележана“, вели заменикот-Народен правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа. (Фото: СДК.МК)

На 1 февруари, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (подрачна единица Битола) и лекар епидемиолог извршиле вонредна инспекциска контрола во целата установа во Демир Хисар. Констатирани се следните неправилности:

Во Установата нема доволни количини на шампон за чистење од гниди и вошки, како ни инсектицид „перметрин“ за третман на облеката на пациентите пред перење. Вработениот бербер располага само со еден прибор за стрижење. Последната направена дезинфекција и дератизација во психијатриската болница во Демир Хисар била направена на 12 јули 2018. На хроничните одделенија 4 и 8 хигиената и состојбата во тоалетите е катастрофална, подната облога оштетена, па не дозволува ни чистење ни дезинфекција. Инвентарот, душеците, перниците и ќебињата се стари.

Инспекторатот за сета оваа затекната состојба  дал наредби со мерки, кои ЈЗУ Психијатриска болница во Демир Хисар мора да ги спроведе во рокови. Бидејќи инспекторите при вонредната посета, од разбирливи причини, не можеле да ги потврдат забраните и заканите кон пациентите да раскажуваат за вошките, наложено му е на директорот деновиве да заседава Комисијата за етички прашања. Шампоните, приборите за стрижење и средствата за хигиена Инспекторатот најавил да се набават веднаш, генерално чистење на хроничните одделенија исто така веднаш, заштитна подна подлога, замена на душеци и друго, до 31 март, а дезинсекција на установата до први април.

Ова решение му е испратено на Министерството за здравство. Државниот санитарен и здравствен инспекторат му напишал на Министерството дека жалбата против ова решение не го одлага извршувањето.

Народниот правобранител сега преку Инспекторатот следи како се спроведуваат мерките. Во меѓувреме истражува – зошто овие лица не се префрлаат во двата реновирани објекта и се држат како запуштени животни во стариот објект кој шири реа во околината?

С. К. ДЕЛЕВСКА


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира