ВОЗВИШЕН Е ЧИНОТ ДА СЕ ПОДАРИ ЖИВОТ – ПАЦИЕНТИТЕ СО ПУМПИ НА СРЦЕТО БАРААТ ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ЗА ДОНИРАЊЕ ОРГАНИ

    ВОЗВИШЕН Е ЧИНОТ ДА СЕ ПОДАРИ ЖИВОТ – ПАЦИЕНТИТЕ СО ПУМПИ НА СРЦЕТО БАРААТ ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ЗА ДОНИРАЊЕ ОРГАНИ„Пациентите со механичка потпора на срцето се поретки од ретките во нашата држава, затоа од суштинска важност е поддршка од граѓаните и институциите“, велат од Здружението „Храбро срце“ кое е формирано лани во ноември, министерот за здравство Венко Филипче вели дека на закажаната средба ќе разговараат за соработка. (Фото: Фејсбук страна на „Храбро срце“/Влада на РСМ)

    Пациентите со кои имаат вградено вештачко срце (SynCardia ТAH) или механичка потпора (Lvad, Bivad) односно пумпа, апелираат дека е потребно во земјава да се подигне свеста во јавноста за донирање на органи.

    „Пациентите со механичка потпора на срцето се поретки од ретките во нашата држава, затоа од суштинска важност е поддршка од граѓаните и институциите, заедно да го поминеме мостот, да покажеме колку е голема и несебична душата на нашиот народ и колку е возвишен чинот да се подари живот на еден човек“, велат од Здружението кое е формирано лани во ноември.

    Претседател на Здружението е м-р Данијел Тодоровски. И тој е еден од пациентите со механичка потпора, конкретно една пумпа. Здружението засега има 22 членови, од кои 8 се пациенти, а останатите се поддржувачи, членови на семејствата и доктори. Пациентите се на возраст од 23 години до 60. Главно се млади (23, 27,30,32, 41 ,47 години) и нагоре до 60.

    Имплантација на бивентриклуларен уред за поддршка на работата на срцето е уред составен од две пумпи кои се направени да ја помогнат работата на срцето, во случај кога и двете страни на срцето ослабнуваат. Сега вакви пациенти во Македонија се 3 и тоа на 27, 30 и 32- годишна возраст. Оваа интервенција е екстремно ретка во светски рамки. (Фото: Фејсбук страна на „Храбро срце“)

    Пумпите се вградуваат во нашата земја, и трошоците ги покрива Фондот за здравство. Само еден од пациентите има вградено вештачко срце, а двајца од пациентите се оперирани во странство. Пациентите велат дека животот со овие помагала им е секојдневна борба, со оглед на тоа дека батериите на пумпите постојано мора да се полнат, не смеат долго време да седат на сонце, а зголемен е и ризикот од бактерии и инфекции.

    „Наша цел е запознавање и едукација на пошироката јавност со пациенти со имплантирана механичка циркулаторна потпора на срцето (Lvad, Bivad) и вградено вештачко срце), како и подигање на свеста на граѓаните и институциите за нивно вклучување и соработка за подобро разбирање, поддршка и прифаќање, чијашто состојба не претставува трајно решение, туку само ‘мост до трансплантација на срце’ или евентуално експлантација (вадење) на пумпата без трансплантација“, велат од Здружението.

    Една од членките на Здружението вели дека засега соработката  со Министерството за здравство и со Фондот за здравсто е многу слаба.

    „Само со националниот координатор успеавме да се состанеме. Со другите институции сѐ уште не“, вели таа.

    Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека е отворено за соработка со сите граѓански организации за подобрување на здравјето на секој граѓанин.

    „Отворени сме за сите кампањи за подигнување на јавната свест кај граѓаните, што досега се покажа во соработката со невладиниот сектор. Веќе е закажан состанок со националното здружение ‘Храбро срце’ во Министерството за здравство, а за сите активности поврзани со трансплантацијата одговорен е Националниот координатор за трансплантација во Министерството за здравство“, ни одговорија од кабинетот на министерот Венко Филипче.

    Од Здружението најавуваат масовни кампањи низ целата држава за тоа колку е важно органодарителството со цел што побрзо да се крене свеста кај народот.

    „Исто така, нашето здружение има поддршка од многу јавни личности, од многу лекари од земјата, успеавме да ги контактираме сите трансплантирани пациенти од Македонија (независно дали биле трансплантирани овде или во странство) и имаме огромна поддршка од нив зашто на своја кожа почувствувале каква е потребата од орган во тој момент и како се живее после тоа. Апелираме до сите граѓани независно од нивната вокација, националност, вера, да се вклучат што е можно помасовно во оваа кампања за да можеме сите да делуваме во овој правец“, велат членовите.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира