ЗАКОНОТ ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ ИЗГЛАСАН БЕЗ ЗАБЕЛЕШКИТЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА ПРАКТИЧНАТА ИНКЛУЗИВНОСТ НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ

ЗАКОНОТ ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ ИЗГЛАСАН БЕЗ ЗАБЕЛЕШКИТЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЗА ПРАКТИЧНАТА ИНКЛУЗИВНОСТ НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТНародниот правобранител е загрижен дека ако не се исполнат нивните предлози повторно ќе имаме инклузија која ќе биде само правно уредена и нема да може практично да се имплементира; - Настап на деца со попреченост во инклузивното студио за танци „Еурека“ - (Фото: Ѓ. Личовски)

Министерството за образование и наука не употреби дел од забелешките и предлозите од Народниот правобранител во Законот за основно образование, кој вчера беше изгласан во Собранието по второто читање и стапува на сила со новата учебна година. Една од главните забелешки на Народниот правобранител беше дека институциите не се спремни инклузивно да делуваат во образованието од 1 септември, како и дека ако не се исполнат нивните предлози и основни констатации, повторно ќе имаме инклузија која ќе биде само правно уредена и нема да може практично да се имплементира.

УНИЦЕФ го поздрави донесувањето на Законот – „Тоа е процес, насочен кон некоја цел. Фокусот е на тоа какви сакаме да бидат работите, а не какви се“. – Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Северна Македонија. – (Фото: СДК.МК)

Нацрт-законот предизвика доста реакции, откако професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија) при Филозофскиот факултет во Скопје минатиот месец реагираа со отворено писмо дека не се вклучени во подготвувањето на новиот Закон.

На прашањето дали смета дека институциите се подготовени за примена на Законот од 1 септември, претставникот на УНИЦЕФ за Македонија, Бенџамин Перкс ни рече: „Тоа е процес, насочен кон некоја цел. Фокусот е на тоа какви сакаме да бидат работите, а не какви се“.

Меѓу забелешките, Народниот правобранител реагираше и за член 15 став 2 од Нацрт-законот, каде е наведено дека училишниот инклузивен тим го сочинуваат педагог, односно психолог, наставници, родители, специјален едукатор и рехабилитатор и директорот на училиштето. Правобранителот смета дека е потребно овој член да вклучи и други стручни лица, по потреба, со што ќе се даде законска можност за вклучување во училишниот инклузивен тим и на логопед, психијатар, социјален работник или друго стручно лице, во зависност од потребата/попреченоста на детето.

Во Законот објавен на сајтот на Собранието, во член 16 стои дека за поддршка на учењето за учениците со попреченост, основното училиште обезбедува: образовен асистент, личен асистент, соодветна стручна поддршка од центар за поддршка на учењето, инклузивен тим и асистивна технологија по препорака на стручното тело за проценка.

„Ако Законот влезе во сила со неговото донесување и ќе важи од новата учебна година, прашањето е: Дали сме ние подготвени навистина инклузивно да делуваме?“, вели Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа (Фото: СДК.МК)

Училишниот инклузивен тим е со мандат од три учебни години и е составен од седум члена и тоа: педагогот, односно психологот во училиштето, двајца наставници од редот на вработените на училиштето (еден наставник од одделенска настава и еден наставник од предметна настава), двајца родители односно старатели, специјален едукатор и рехабилитатор и директорот на училиштето.

„Инклузивниот тим за ученикот е за период до завршување на основното образование на ученикот и е составен од: наставниците на ученикот, родителот односно старателот, педагогот, односно психологот во училиштето, специјалниот едукатор и рехабилитатор. Во работата на инклузивниот тим за ученикот, по потреба, може да се повикаат да учествуваат и ученикот, други наставници и стручни соработници или било кое друго лице од доверба на ученикот“, стои меѓудругото во член 16.

Во член 19 , став 7 стои дека образовните и личните асистенти се вработуваат на определено време од училиштата со ресурсен центар преку јавен повик. Средствата за образовните асистенти и личните асистенти се обезбедуваат од Буџетот на Министерството. Ова е една од забелешките на која неодамна реагираше заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.

Министерството за образование рече дека во законот ќе ги вметне сите релевантни забелешки, но не го послуша Народниот правобранител – министерот Арбр Адеми – (Фото: Влада на РСМ)

„Реагираме и за тоа дека изборот на овие асистенти е на јавен оглас, што значи дека трае една учебна година. Секое дете е дете и нормално е дека се приврзува за одредено лице. Доколку се планира, а таков впечаток се добива од Законот, дека секоја година, доколку на детето му треба образовен асистент, а никаде не е наведено дека лицето со кое претходно било ќе може да го продолжи договорот, без да се објави оглас и така натаму, тогаш навистина е проблем. Прашањето е што доколку тој образовен асистент отиде кај друго дете, во друго училиште? Се прашуваме дали е тоа во најдобар интерес на детето?“, вели Бајрамовска-Мустафа за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Б. НЕСТОРОСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира