ГЕВГЕЛИЈА НЕ СМЕЕ ДА ДАВА ДОЗВОЛА ЗА РУДНИЦИ ВО ОПШТИНАТА, ИСХОДОТ ОД РЕФЕРЕНДУМОТ Е ОБВРСКА ЗА ВЛАСТА

    ГЕВГЕЛИЈА НЕ СМЕЕ ДА ДАВА ДОЗВОЛА ЗА РУДНИЦИ ВО ОПШТИНАТА, ИСХОДОТ ОД РЕФЕРЕНДУМОТ Е ОБВРСКА ЗА ВЛАСТАОдлуката е задолжителна за која било власт во иднина, оти референдумот беше распишан заради одлучување на граѓаните, а не за консултирање (Фото: СДК.МК)

    Со резултатите од вчерашниот референдум, локалните власти во Гевгелија се задолжуваат во никој случај да не дозволат експлоатација и отварање на рудници за металични минерални суровини во границата на нивната општина. Одлуката од референдумот е задолжителна тврдат советниците од Гевгелија, кои на 16 март донесоа одлука за референдум, а на 6 април го утврдија терминот за негово одржување. Според нив, референдумот за или против рудници во Гевгелија бил одлучувачки, а не консултативен и оваа одлука на граѓаните треба да ја почитуваат и следните гарнитури на локалната власт.

    Според член 8 на Законот за рефрендумите, референдумот се распишува заради одлучување на граѓаните или за консултирање на граѓаните. Одлуката донесена на референдумот за одлучување е задолжителна. Одлуката донесена на референдум за консултирање не е задолжителна.

    „Општина Гевгелија со вчерашниот референдум се изјасни дека нема да даде позитивно мислење на која било компанија која ќе покаже интерес за добивање дозвола за експлоатација на металични минерални суровини на територијата на оваа општина. Ова значи дека во иднина било кој градоначалник или Совет, врз основа на вчерашното изјаснување на жителите на Гевгелија не смее да даде зелено светло во границите на општината да се отвара било каков рудник“, велат од Општината.

    Вчера во Гевгелија по пат на референдумско изјаснување, дури 13.097 граѓани се изјаснија против отварање рудници на Кожуф, што е 98 отсто од излезените. Само 154 жители се изјасниле дека се согласуваат на нивната територија да се отворат рудници.

    Сега, Општина Гевгелија ќе мора да ги извести сите ресорни министерства кои ја регулираат оваа проблематика дека како локална самоуправа нема да дадат позитивно мислење ниту пак било каква дозвола за отварање рудници.

    Во Гевгелија на планината Кожуф, општината има издадено концесии за детални геолошки истражувања за металични минерални суровини.Таму канадски фирми изминативе три години истражуваа колкави се потенцијалите со злато и бакар. По добиените анализи, компанијата одлучува дали ќе ја продолжи постапката за отварање рудник. Доколку поднесат барање, независно од дозволите на министерствата, општинските власти ќе треба негативно да се изјаснат и да не издадат дозвола за експлоатација и отварање рудник од Општина Гевгелија.

    В. ТРАЈКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира