АКО КОНЦЕСИОНЕРОТ ЛОВИ ЗАКОНСКИ, ЗА 6 ГОДИНИ ЌЕ ИМА ЗАГУБА ОД 2 МИЛИОНА ЕВРА, ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ ЗА НОВИОТ СТОПАН НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    АКО КОНЦЕСИОНЕРОТ ЛОВИ ЗАКОНСКИ, ЗА 6 ГОДИНИ ЌЕ ИМА ЗАГУБА ОД 2 МИЛИОНА ЕВРА, ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ ЗА НОВИОТ СТОПАН НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРОЕкологистите се сомневаат дека со ваквиот начин на стопанисување незаконски ќе се лови риба над дозволените квоти за личен профит што секако не е грижа за рибниот фонд. (Фото: СДК.МК)

    Издавањето на Охридското Езеро под концесија за стопански риболов е спротивно со препораките на УНЕСКО, вели Аријан Мероли, истражувач и експерт за заштитени подрачја. Според него, и Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот Регион изработен од Владите на Македонија и на Албанија содржи целосна забрана за риблов на ендемичните видови риби, кои со години се на работ на исчезнување, но концесијата дадена пред една недела на струшката фирма „Еко свест” предвидува улов на одредени количини пастрмка, белвица, јагула, крап и други видови риба.

    „Во Стратешкиот план за рехабилитација на природното и културно наследство на Охридскиот регион јасно стои дека треба да има целосна забрана за риболов на Охридското Езеро до моментот кога ние ќе имаме податоци дека рибниот фонд ни даде гаранција дека немаме проблем за најважните видови риби – ендемичните. Од другата страна, пред една недела Министерството за земјоделство го дава под концесија Охридското Езеро“, вели Мероли.

    Според Мероли, со издавањето на Охридското Езеро под концесија за стопански риболов се прекршуваат и двете препораки на УНЕСКО, да се направи детална анализа на рибниот фонд во Охридското Езеро и воведување на унифициран систем за риболов во Македонија и Албанија. (Фото: СДК.МК)

    Новиот концесионер, според договорот, годишно ќе може да лови 1.300 килограми пастрмка, 8.000 килограми белвица и точно одредени килограми од другите видови риби, а експертите сметаат дека ако се придржува на лимитираните квоти за шест години ќе има загуба од околу 2 милиона евра.

    „Еден детален финансиски план покажа дека концесионерот ќе има загуба околу 2 милиона евра за 6 години, затоа што концесијата според основниот документ на рибарство укажува дека треба да има лимитиран лов на пастрмка, белвица, јагула, крап и другите видови риби. Според стандардните цени кои ги има сега на пазарот за овие риби, ние правевме анализа која покажа дека за 6 години максимум може да заработи 1,9 милиони евра. Според условите на концесија треба да има 12 чувари, менаџер на финасии плус 30 кајчиња и 60 рибари и според минималните цени овие трошоци чинат 3,7 милиони евра. Како ќе има одржлив развој на рибарскиот сектор кога имаме вакви податоци?“, вели Мероли.

    Според него, со издавањето на Охридското Езеро под концесија за стопански риболов се прекршуваат и двете препораки на УНЕСКО, да се направи детална анализа на рибниот фонд во Охридското Езеро и воведување на унифициран систем за риболов во двете земји.

    Државата го издаде под концесија Охридското Езеро за сума од 400 илјади евра за период од шест години. Во 2020, поради незаконско работење, концесијата за риболов во Охридско Езеро ѝ беше одземена на фирмата „Летница белвица”.

    Државата го издаде под концесија Охридското Езеро за сума од 400 илјади евра за период од шест години. (Фото: СДК.МК)

    Екологистите и овојпат се сомневаат дека со ваквиот начин на стопанисување незаконски ќе се лови риба над дозволените квоти за личен профит, што секако не е грижа за рибниот фонд. Апелираат дека е непходен видео надзор за да се контролира работа на концесионерот.

    „Кога има концесионер прашањето е кој него ќе го контролира. Можеби некое преодно решение би било поставување на видеонадзор на одредени места во Езерото, каде би се следело физички и во живо кој влегува и што се случува во езерската шир. На тој начин би се добила вистинска слика дали има криволовци и кој сè нелегално лови риба“, велат екологистите.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира