Градоначалникот на Берлин Каи Вегнер денеска ја повика групата за заштита на климата „Последна генерација“ да се воздржи од протестни акции на утрешниот Берлински маратон.
„Ако таканаречените климатски активисти сакаат да го нарушат маратонот, тоа многу ќе ги налути многу берлинци“, изјави Вегнер за ДПА. „Не сакам ни да замислувам: евентуална вознемирувачка акција би можела дури и да спречи светски рекорд во маратон“, додаде тој.
„Последна генерација“ во петокот објавидека ќе го наруши претстојниот Берлински маратон.
„Бидејќи се чини дека нема јасност околу ова: да, го прекинуваме Берлинскиот маратон. Не можеме да побегнеме од климатската катастрофа“, соопшти кусо групата без да дава детали.
Берлинскиот маратон се смета за една од врвните светски трки за трчање на долги патеки. Меѓу учесниците оваа година се кениската маратонска ѕвезда Елиуд Кипчоге, кој лани го постави светскиот рекорд во маратон во Берлин. Според организаторите, рекордни 48.000 луѓе се пријавиле за трчање на 49. Берлински маратон. Градската трка е популарна затоа што е главно рамна и затоа е добар избор за маратонци кои првпат трчаат.
Вегнер ги предупреди потенцијалните демонстранти на правни последици.
„Повторно кажувам сосема јасно: кој сака да се залага за заштита на климата треба да се воздржи од овие провокативни и казниви дејствија. Секој што планира да прави нереди треба да знае дека полицијата и владеењето на правото јасно ќе преземат акција. Затоа се надевам дека таканаречената ‘Последна генерација’ ќе се воздржи од намера да го наруши маратонот“, рече Вегнер, кој е член на конзервативната партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ).
Вегнер, исто така, стравува дека прифаќањето за заштита на климата ќе се намали „ако таканаречената ‘Последна генерација’ конечно не ги прекине блокадите на улиците или оштетувањето на историските згради како Бранденбуршката порта“.
Ако тоа се случи, климатските цели не можат да се постигнат.
„Но, сакам да ги постигнам целите за заштита на климата – во Берлин, Германија и во светот“, рече Вегнер.
Тој додаде дека берлинската полиција е многу добро подготвена за маратонот и дека ќе распореди многу сили за да спречи какво било нарушување на меѓународниот натпревар. Претходно, градот соопшти дека околу 600 полицајци ќе излезат на улиците за да ја заштитат трката.
„Многу ме нервира што берлинската полиција мора да потроши толку многу часови на распоредување поради блокадите на улиците и другите вознемирувачки дејства од таканаречената ‘Последна генерација’. Операциите против блокадите на улиците и другите акции ги чинат сите даночни обврзници многу пари. Пари што би можеле многу подобро да ги искористиме за борба против климатските промени“, додаде тој.
Вегнер рече дека е уверен оти берлинците со нетрпение го очекуваат маратонот и нема да бидат спречени од „Последна генерација“.